Поврзете се со нас

Skopje Global

Чистење на „Дуплото дно“

Вести

Чистење на „Дуплото дно“

VadimGuzhva/Bigstock.com

Чистење на „Дуплото дно“

По првиот круг на претседателските избори, опомената, односно своевидната казна од граѓаните со неизлегување на гласање и особено по симболичното добивање на метлата и ѓубралникот – премиерот и претседател на владејачката партија, Зоран Заев, изјави дека ја разбрал пораката и дека ќе почне со „постизборното“ пролетно чистење и во Владата и во партијата. Два-три дена по оваа изјава, следеше дополнување на првичната изјава со „заокружување на објектите и субјектите“ за чистење со една огромна групација, што голем дел од демократската и слободарска јавност веќе година и пол го очекуваше: „Ќе игра метлата и на другата страна, кај оние што опструираат и враќаат режим“! Овие намери на премиерот конечно потемелно ќе ги отворат прашањата кои беа занемарувани а кои се однесуваат на заробената држава во услови на урнат режим, сменета власт, реформски процеси и опструкции. Во овој контекст, најбитно е прашањето: дали со смената на власта заробената држава беше ослободена? Не се помалку битни уште две прашања: кога може да се констатира дека државата е ослободена и каква е состојбата во базичните сегменти од кои може да се оцени дали и колку државата е ослободена.

Инсталации во институциите

Дали со смената на власта државата беше ослободена?

Евроекспертот Рајнхард Прибе, во својот втор извештај го искажа предупредувањето: „Да не се дозволи една да биде заменета со друга заробена држава“. Сепак, мислам дека тука беше направил превид, односно го занемарил фактот дека заробената држава од една партија и коалиција, кои беа на власт повеќе од десет години, при што ги партизираа, депрофесионализираа, корумпираа и ја уништија довербата во сите институции – не може едноставно да се ослободи со самиот чин на промена на власта, без да се овозможи доволно разумно време за реформи во такви услови, прочистување од партиската војска и клиентите на старата власт! Интервенција во смисла на ад-хок мерки со ограничено траење со цел да се премости фазата на сé уште заробена држава – додека институциите не се ослободат од инсталациите на претходната власт и не станат функционални.

За оние со кратко паметење, што во македонското општество е масовна хронична болест на многумина и особено за актуелната опозиција која не признава ништо од она што правеше цело десетлетие како апсолутна авторитарна власт, неколку потсетувања. Сетете се на 27 април 2017, кога со обид за пуч и со крваво насилство „груевизмот“ сакаше и натаму да остане на власт. Сетете се колку време му требаше на парламентот да избере нов спикер и на недејствувањето на Јавното обвинителство на „крвавиот четврток“. Сетете се колку опструкции имаше на постапката да се смени тогашниот државен јавен обвинител, сетете се на опструкциите на Кривичниот и Апелацискиот суд кон работата на Специјалното јавно обвинителство, да не зборуваме за Врховниот суд кој со своето толкување на статусот на СЈО покажа дека до ден денес е на позициите на режимот. Сетете се какви позиции сé уште застапуваат „независките“ регулаторни тела – Агенцијата за електронски медиуми, Комисијата за антидискриминација, сетете се на Антикорупциската комисија, која наместо да открива и гони, прикриваше корупција, јавниот сервис МРТВ кој програмски и кадровски не се разликува од времето на заробената држава…

Од денешна гледна точка, повеќе од јасно е дека покрај брзите реформски процеси на безбедносните служби, правосудството, администрацијата, можеби требаше да се преземат и неколку ефикасни ад хок мерки за да се спречат опструкциите од инсталациите на режимот против промените и реформите. На пример, во ограничен преоден рок, додека се донесеа реформските закони да се распуштеа или трансформираа некои од регулаторните тела и некои врховни институции во „сваровски“ правосудството. Во таков случај немаше да дојде до актуелните уцени и алхемичарски правни изуми за сметка на правната држава и владеењето на правото, а во корист на некои државни интереси од највисок приоритет, при што беа амнестирани одредени криминогени структури во партиите од опозицијата и дел од сегашната власт (групации на ДУИ) што своевремено ја заробија државата.

Значи, може да се констатира дека со чинот на промена на власта, државата беше само формално ослободена, поточно беа направени смени само на врвовите и две-три од повисоките нивоа на раководење на институциите. Пониските нивоа, оперативните, кои ги вршат функциите на државата и администрацијата – останаа и натаму заробени и ги опструираа и уште ги опструираат промените, реформите и приоритетите на актуелната власт. За овие состојби вина има и новата власт која некои функции и процеси, по линија на помал отпор, ги остави на времето и стихијата.

Најтешко се ослободува заробениот ум

Кога ќе може да се констатира дека државата е ослободена?

Во принцип, никогаш и за ниту една држава не може да се каже дека е целосно слободна. Некои повеќе, некои помалку се делумно или сегментарно заробени. Поточно, од владејачките политички партии и од нивните политички и бизнис елити и експонентите во власта – заробени се некои елементи, нивоа и функции на државата. Можеме да кажеме дека државата е ослободена, или попрецизно кажано функционална по долгите години заробеност – кога ќе се исполнат неколку услови и претпоставки.

Прво, кога ќе профункционира правната држава и ќе завладее правото, што значи, не само кога ќе се донесат реформските закони, туку и кога ќе почнат практично да се имплементираат. Второ, кога администрацијата ќе се професионализира, бројно ќе се димензионира и во функционална смисла ќе се трансформира во ефикасен сервис на општеството и на граѓаните и кога ќе почне да се враќа довербата на граѓаните. Трето, кога ќе прогресираат демократските процеси, дијалогот, толерантноста, транспарентноста, консензусот, политичката култура и помирувањето на екстремно поделеното национално ткиво. Во овој контекст, државата ќе биде целосно ослободена кога ќе се ослободат и демократизираат политичките партии, но и невладиниот и граѓанскиот сектор и, секако – медиумите од партиските и државните стеги. Четврто, кога партијата и коалицијата кои ја заробија државата ќе им се извинат на граѓаните за заробувањето, за масовните повреди на човековите права и слободи, за политичкиот организиран криминал, за големиот грабеж и за осиромашувањето на државата. Кога ќе добијат правна завршница со законска одговорност судските процеси на сите високи функционери што се замешани во заробувањето на државата, политичкиот и класичниот организиран криминал, а соодветни законски консеквенции ќе сноси и партијата ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект. Петто,

кога ќе се ослободи заробениот ум на поголеми групации лојални партиски војници и клиенти на „груевизмот“, за кои партијата, привилегиите и митовите од минатото беа и се побитни од сегашнината и иднината на државата и на поколенијата.

Бавни општествени реформи

Kaква е сега состојбата во овие пет сегменти и дали државата е ослободена?

Големите општествени реформи бавно се одвиваат поради познатите политички состојби на релацијата власт–опозиција и особено поради лошата процена на власта која наместо паралелно и со ист капацитет да ги води надворешно-политичките евроатлантски интеграциски процеси и внатрешно-политичките реформски процеси, нагласено акцентот го стави на решавање на споровите со соседите, влезот во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, за сметка на актуелните домашни проблеми.

– Администрацијата сé уште е гломазна, непрофесионална и партизирана, поради тоа е нефункционална и неефикасна и ја нема довербата на граѓаните.

– Во демократизацијата на општеството, слободата на изразување и транспарентноста на институциите е направен најголемиот чекор. Сепак, поради Преспанскиот договор, спогодбата со Бугарија, уставните промени, селективната амнестија и Законот за јазиците, општеството наместо да се сплоти поради големиот исчекор, влез во НАТО и извесни преговори со ЕУ, општеството и националното ткиво уште повеќе се подели.

– Партијата што ја зароби државата и натаму е на истите позиции: нереформирана, неоградена од сé она лошо што им го направи на државата и на граѓаните, креаторот на режимот сé уште е почесен претседател и идеолог, а партијата постојано го истакнува барањето за целосна амнестија на извршителите, односно на злосторничкото здружение кое го изврши огромниот политички организиран криминал. Не е реформирана ниту партијата ДУИ, која како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во заробувањето на државата, а сега како коалициски партнер на СДСМ во власта, без да избира средства, ги блокира правосудните органи во расчистување и со криминалите на нејзини функционери. СДСМ, пак, како власт треба да извлече поуки од заробената држава за тоа како не треба да се владее, но очигледно не го прави тоа, бидејќи и во оваа партија се манифестираат тенденции на непотизам, тендероманија, популистички лесно ветени брзини, вработување партиски војници и слично.

– Референдумот и претседателските избори покажаа дека многу потешко од државата и од институциите се ослободува заробениот клиентелистичко-корумпиран поданички ум на големи догматско кодирани партиски групации.

Затоа сега, целата енергија на власта и на општеството треба да се насочи кон реформите на правната држава, структурните реформи во економијата, подобрувањето на животот на граѓаните и, секако, кон најавеното големо „пролетно чистење“, не само на сопствениот „двор“, туку и на „целата куќа“. А во „куќата“ не смее да се заборават „темните подрумски простории“, каде што е „дуплото дно на „длабоката држава“ и каде што се сместени не само инсталациите на стариот режим, туку и бројните неспособни кадри и нефункционални институции кои не можат да одговорат на предизвиците на времето.

Манчо Митевски (авторот е новинар и публицист)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе