Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Метла“ за британскиот министер за одбрана

„Метла“ за британскиот министер за одбрана

Британскиот министер за одбрана Гавин Вилијамсон беше експресно сменет од функцијата, откако беше осомничен за откривање во јавноста на доверлива информација од тајниот состанок на Советот за национална безбедност, околу соработката на Велика Британија со кинеската компанија “Хуавеи“.

Вилијамсон категорично отфрла било каква негова поврзаност со истекувањето на информацијата, но во кусото соопштение на кабинетот на Тереза Меј во Даунинг стрит 10 се вели дека премиерот “ја загубила довербата“ во досегашниот министер за одбрана, како и дека одлуката за сменување била донесена по спроведената истрага за околностите околу – неовластеното откривање на информации од строго затворениот состанок на Советот за безбедност.

Истрагата била спроведена уште минатата недела, веднаш откако лондонскиот весник “Дејли Телеграф“, инаку близок до владејачката Конзервативна партија на Меј, објави дека се одржал таков состанок и дека на него „била постигната согласност“ кинеската ИТ компанија „Хуавеи“ да биде вклучена во делови од британската безжична телекомуникациска мрежа 5G. Владата во Лондон, меѓутоа, тврди дека таква одлука не е донесена и дека таа може да се очекува до крајот на оваа пролет.

Засега без полициска истрага

Како и да е „метлата“ што Меј ја примени за да го казни министерот и за да воспостави ред во владиниот состав, барем кога станува збор за истекнување на строго доверливите информации од витален интерес за државата, прво, ја изненади домашната јавност, затоа што одамна некој член на владиниот состав не бил тргнат на ваков начин, а потоа покрена и прашања околу тоа дали се повредени и законските одредби за чување тајна, па и за тоа дали има основа за кривична постапка.

Во изјава во Парламентот во Лондон, владата објасни дека за неа случајот е затворен, дека нема основа за кривична истрага, но владиниот претставник порача дека министрите ќе мора да внимаваат што и каде зборуваат и со кого зборуваат, посебно кога станува збор за контактите со новинарите, посебно по седниците од Советот за безбедност.

Лондонските медиуми пренесуваат дека Вилијамсон не крие дека разговарал со новинар на “Дејли Телеграф“ но (според новинарот) од министерот не ја добил информацијата која весникот ја има објавено.

Колку се знае истрага, сепак, има и понатаму, во рамките на владината администрација, за Вилијамсон се вели дека грубото, експресно сменување од една од најважните министерски места, е последица и на еден негов поранешен гаф, кога брзоплето се истрча во јавноста со остра прекор кон Русија, порачувајќи и на Москва “да се откачи“ (од Британија), исто така после една седница на Националниот совет за безбедност.

Пресврт во Лондон?

Овој Совет во кој членуваат министрите од најважните министерства, врзани за безбедноста, одбраната, надворешните односи, заедно со врвот на армијата и директорите на трите главни британски разузнавачки агенции, кои се повикуваат ако има потреба за тоа, обично се одржува еднаш неделно и од состанокот, по правило, нема соопштение.

Британската опозиција инсистира на покренување формална истрага, објаснувајќи дека таа е потребна кога веќе Вилијамсон до тој степен е „оцрнет“, може да биде загубен за политиката, а тој упорно тврди дека нема прекршено никакво правило од министерскиот кодекс. Но, има и мислење дека министерот е само “жртвуван“ бидејќи од откритието на весникот излегува дека официјален Лондон се подготвува за менување на неговата досегашна позиција околу “Хуавеи“ и посебно околу користењето на опремата од оваа кинеска форма која е силно поврзано со државата, армијата, а преку тоа и со безбедносните служби, за уредување на новата 5G мрежа во Британија.

Британците меѓу првите, заедно со САД, Австралија, Нов Зеланд, европскиот Запад, како и бројни безбедносни експерти, порачуваа на претпазливост и на ризик од користење на опремата на „Хуавеи“ за новата мрежа, за што „Скопје/Глобал“ пишуваше на неколку пати.

Работите со Британија изгледа дека се менуваат, сега кога земјата е пред Брегзит и ќе мора да прави серија билатерални трговски договори, посебно со големите трговски сили, каква што е Кина. За Лондон, кој се уште се соочува со заканата од хаотичното излегување од ЕУ без договор, не му е во интерес да биде судир со Пекинг кој досега покажа колку е чувствителен на сите приговори и сомнежи околу „Хуавеи“.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе