Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Јапонија со нов император

michal.staniewski/BigStock.com

Јапонија со нов император

Нарухито, постариот син на досегашниот јапонски император Акихито, стана новиот суверен на “Земјата на изгрејсонцето“, откако неговиот татко, абдицираше на крајот од изминатиот месец во негова полза.

Новиот јапонски император Нарухито е 126-oт по ред во историјата на оваа земја на Далечниот Исток. Со него започнува новата ера во Јапонија, наречена “Реива“, што означува – мир и хармонија.

Абдикацијата на Акихито е првата што еден јапонски суверен ја има направено, по 200 години. Тој својата намера ја соопшти уште во 2016 година, на големо изненадување на јапонската и меѓународната јавност. Својата одлука ја објасни со, како што рече тогаш – поодминатите години и со нарушеното здравје.

Досегашниот император на јапонскиот престол беше 30 години. Акихито кој е роден во 1933 година е син на јапонскиот император Хирохито кој беше на престолот во текот на годините пред и за времето на Втората светска војна и во периодот на успонот и падот на тогашната империја, која сакаше да доминира со Азија и во реонот на Пацификот. По војната и поразот на јапонската империјална армија, сојузниците му дозволија да остане на престолот, но само како уставен монарх. Хирохито почина во длабока старост во 1989 година.

Телохранителка стана кралица на Тајланд

Кралот на Тајланд Маха Ваџиралонгкорн (66) се ожени со заменичката на командантот на единицата која се грижи за неговата лична безбедност, Сутида и ја прогласи за нова кралица, соопшти во Бангкок кралското семејство.

Претходно, тајландскиот крал беше женет три пати и од тие бракови има седум деца. Новата кралица има чин генерал, а по венчавката таа ќе биде дел од кралското семејство.
Кралот и Сутида На Ајдухиа, според локалните медиуми, се веќе неколку години заедно, иако тоа досега никогаш не било јавно соопштено, па често биле забележани заедно во јавноста. Во 2014 година, кралот ја именувал Сутида, инаку поранешна стјуардеса на домашната авионска компанија, за заменичка на командантот за безбедност на кралското семејство. Во декември 2016 година, таа беше унапредена во чин на генерал.

Асанж осуден на 50 недели затвор

Еден од основачите на Викиликс, поранешен австралиски хакер, Џулијан Асанж е осуден од лондонскиот суд на 50 недели затвор, за непочитување на одредбите од кауцијата и домашниот притвор во кој се наоѓаше пред да побегне и да се сокрие во зградата на амбасадата на Еквадор во Лондон.

Казната е помалку од една година и таа е најмалата што тој можеше да ја добие. Во јуни 2012 година, две години откако започна неговата правна битка да не биде екстрадиран во Шведска, каде две Швеѓанки го обвинуваа за сексуален напад и силување, Асанж одби да го прифати конечното решение на британскиот Врховен суд за екстрадиција, па избега од станот што му беше определен за престој и побара и доби азил во еквадорската амбасада.

Но криењето во просториите на мисијата се оддолжи на безмалку седум години, изолација што самиот ја одбра. Бегството го оправдуваше со тврдењето дека шведските власти ќе им го предадат на САД, каде тој се товари дека ја натерал Челси Манинг, која тогаш беше маж и припадник на ИТ одделението на американската војска, да хакира и илегално да му префрли на Викиликс, неколку стотина илјади тајни, доверливи и службени писма, телеграми и документи сопственост на Стејт департментот и на Пентагон.

Првата расправа за сегашното американското барање за екстрадиција на Асанж, лондонскиот суд треба да одржи на 30 мај, но се очекува целата постапка да се развлече. Манинг уште како маж, беше осуден на долгогодишна казна затвор, но во 2016 година, кога веќе го смени полот, беше помилуван од претседателот на САД, Барак Обама.

Индијците бегаат пред „Фани“

Повеќе од 800 илјади Индијци, жители на источниот брег од Индија забрзано се евакуираат пред доаѓањето на тајфунот “Фани“ што се приближува кон овој дел од државата.
Според индиската метеоролошка агенција, тајфунот што сега има категорија “три“ беснее над централниот дел од Бенгалскиот Залив, движејќи се кон Запад, кон индискиот брег. Луѓето ги напуштаат своите домови се насочуваат кон скривалишта и прифатни центри, во настојувањето на властите, ако веќе не ќе можат да ги одбегнат штетите, тогаш барем да не се дозволи да има настрадани кај населението.

Властите ги предупредуваат и странските туристи кои се во овој дел од државата, забрзано да заминат од таму, некаде во внатрешноста на Индија.

Сезоната на тајфуните во Индија трае од април, па се до пред крајот на годината, најчесто проследено со силни олуи и невреме, кое предизвикува големи штети. Пред 20 години, овие делови од земјата беа зафатени од силен тајфун кој предизвика голема материјална штета, а во само 30 часови беснеење на олујата, животите ги загубија десет илјади лица.
Метеоролозите предвидуваат тајфунот “Фани“ да погоди и делови од Бангладеш.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе