Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

365 милијарди евра од ЕУ за европскиот Исток

jojojojo/Bigstock.com

365 милијарди евра од ЕУ за европскиот Исток

На 1 мај пред 15 години, десет европски земји станаа членки на ЕУ. Седум од нив беа поранешни членки на источно-европскиот комунистички блок, предводен од Советскиот Сојуз, меѓу нив три поранешни советски републики од Балтикот, плус Словенија, како бивша република на растурената југословенска федерацаија и две други од европскиот медитерански југ.

Полска,Чешка, Словачка и Унгарија, потоа Естонија, Летонија и Литванија, Словенија, Малта и Кипар, станаа дел од досега најмасовното проширување на ЕУ. Влегувањето на земјите од другата страна на некогашната поделена Европа, од зад „ железната завеса“, во 2004 година беше означено како „враќање на насила отргнатите браќа“ и повторно обединување на Стариот континент.

Деценија и пол подоцна, официјалните бројки кои ги презентираше Европската комисија ја потврдуваат исправноста на определбата за ширење на ЕУ кон Истокот и кон Југот на континентот, но и големиот удел на средствата од европските развојни фондови за забрзан напредок на овие држави , од кои осум од нив во посткомунистичката транзиција влегоа (со исклучок на Словенија ) речиси целосно изолирани од силно развиените економско-финансиски и општествени текови по кои се движеше западниот дел од континентот , по Втората светска војна. За нив, времето од распадот на комунизмот до влегувањето во ЕУ, а посебно изминатите 15 години, значат не само „освојување на слободата“ туку и брз развој на земјите и на населението во нив.

БНП зголемен 84 отсто

Во право е поранешниот полски премиер, сега претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, кој на специјалниот Самит на сите нови членки на ЕУ, по 1 мај 2004 година, изјави дека кога станува збор за Полска, влегувањето во ЕУ значеше конечно завршување на Втората светска војна. Односно повторна потврда на полската независност и сувереност, наспроти времето и годините поминати како сателит на Советскиот Сојуз и Москва.

Другиот дел од приказната, брзиот економски и социјален подем се огледува низ официјалните бројки што Брисел ги презенираше по повод оваа годишнина.

Од европските структурни и инвестициски фондови, во изминатите 15 години, сите десет држави имаат примено 365 милијари евра. Нивниот бруто-национален производ (БНП) е зголемен за 84 отсто, а некои од оваа десетка, веќе го имаат и развојнот просек на ЕУ.

Овие вложувања од фондовте на Унијата, директно вклучени во нивниот вкупен развој, за секоја од земјите значеа директна инјекција од 2,6 отсто годишно во домашниот БНП, што сметано од 2003 до 2017 година, значи годишен раст на нивниот бруто-национален производ за по околу 3,3 отсто.

Примерот на Полска

Во Полска, која е најголемата држава од сите тогаш примени нови членки,  се инвестирани дури 175 милијарди евра. Нејзиниот БНП, откако е во ЕУ е зголемен за рамно 100 отсто и се отворени 2,6 милиони нови работни места. Земјата која пред влегувањето во Унијата имаше најголема невработеност од сите десетмина (20 отсто), а во првата година од членството од неа, низ Европа, главно на британските острови и во Германија, се префрлија (велат) околу три милиони луѓе , сега бара странски работници, Полјаците се враќаат дома , државата  е шестата економија во Унијата, со Британија како членка на ЕУ. Средствата од развојните фондови за аграрот, кои им се доделуваат на полските фармери и сточари, придонесоа оваа источноевропска земја , која во времето на комунизмот се соочуваше со повремен недостиг на храна, сега да е силно развиен производител на прехранбените производи.

Во овие десет членки, со европските пари се изградени, или се реконструирани 24.400 км патишта, 3400 км. железнички линии, 11,4 милиони луге добија можност за пристап за подобра и најсовремена канализациска и водоводна мрежа, а други 9,6 милиони пристап до широкопојасен  интернет.

Во направената анализа на Европската комисија се вели дека проширувањето на ЕУ носи полза не само за новопримените земји, туку и за сите другите. Со проширувањето , се отвораат нови пазари и простор за нови инвестиции , преку кои потоа се „ вртат парите“ и се создава капитал и база за натамошниот развој на новите членки, како и за унапредување на развојот на неразвиените и помалку развиените делови од старите членки.

Помирување на континентот

Токму со зголемувањето на Унијата (тогаш на 25 членки) и силните инвестициски вложувања од ЕУ, подобрени се и трговските и инвестициските можности во целата Европска Унија. Членството ( на новите земји-генерално) отвора нови работни места и го зголемува растот ( економски ) и на оние примени во ЕУ од порано. Растот се остварува и директно, кога некоја компанија добие зделка во друга земја-членка , за некој проект кој е финансиран од европските фондови.

„Одлуката за примање на десете земји од Истокот ( и од Југот) претставува голем момент за европскиот континент и за историјата. Приклучувањето на државите од Средна и Источна Европа и храброста за да се спроведе пристапувањето , овозможија да се изврши помирување на континентот со неговата историја. Бев и останувам голем подржувач на процесот за проширување на ЕУ“ – изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Претходните проширувања помогнаа Грција да доживее забрзан подем, а Португалија која во почетокот на шеесетите години беше помалку развиена од тогашна Југославија, да се претвори во стабилна и економски  и општестевена развиена земја . Од проширувањето во 2004 година, пак, Словачка само за 15 години да прерасне во економски посилна од сите земји од Западен Балкан – заедно.

Во јануари 2007 година, во ЕУ влегоа и Романија и Бугарија, а во јули 2013 година и Хрватска, како втората екс ЈУ република која стана дел од Унијата.

Изгубените шанси на Македонија

Со неа требаше да се најде и Македонија . Ако веќе ја загуби претходната шанса кога влегуваше Словенија во ЕУ , немајќи храброст да се почне со побрзо разрешување на основната пречка – да се постигне договор со името со соседна Грција,  да се тргне во реформирање на државата и економијата и да се залечат многу побрзо последиците од конфликтот во 2001 година, што дури сега го докомплетиравме, мораше поенергично да се тргне по европската патека,  по конфликтот, кога меѓународната заедница ( одново) се обидуваше да и помогне на Македонија   . Овојпат во пакет со Хрватска , но во Скопје, со промената на власта во летото 2006 година, застанаа сите проевропски процеси.

Владата на националистите предводена од Никола Груевски, наместо европеизација на државата, влегување во ЕУ и во НАТО, што беше и државна стратегија уште од 1995 година и ја имаше постојано силната подршка на јавноста,  се определи за целосна партизација на државата, чии последици и сега се чувствуваат. Се определи за враќање назад, во минатото, присвојувајќи ја како наша, туѓата историја, што соседите само го искористија за да тврдат дека вината за блокадата на Македонија е во антиевропската и националистичка политика на Скопје , каде владата , постојано носеше  контроверзни и за државните интереси, погрешни одлуки, што во основа беа – антимакедонски.

Податокот за тоа колку пари има примено една Полска и во што израсна Словачка, затоа, треба постојано да им биде пред очи на македонската јавност, на сите политичари, но и на гласачите кои се задоволуваа во митоманијата што им ја продаваше режимот на сега осудениот и избеган екс премиер, во наводниот „библиски“ карактер на земјата, во патриотизмот што се покажа дека е лажен.

Продавање дефитизам

Бројките за постигнувањата на „десетката“ од Истокот би требало постојано да ги гледаат и оние кои менуваат политичка страна и проевропско, или анти-ЕУ расположение во зависност од тоа дали нешто добиле од власта во Македонија, луѓето кои сакаат да се нарекуваат македонски интелектуалци. Тие  со своите антиевропски пораки по медиумите и социјалната мрежа, всушност, излегува дека  само ја преџвакуваат руската  пропаганда против ЕУ и европското интегрирање, која режимот на националистите ни ја инсталираше за да владее криминално, правејќи сојуз со Москва, а против Западот, и покажуваат дека никогаш не биле за ЕУ и за вистинска трансформација на земјата.

Таквите од секогаш се задоволувале со полухаотичните состојби во постсоцијализмот, со општествената корупција, со циркулацијата на валканите пари од кои сите може да се офајдат, а задоволувајќи се само со својот (за овде) висок стандард и живеејќи во илузијата дека „другите се виновни“, а „нас, во Македонија, никој од Европа не не сака“.

Сега, кога одново сме пред вратата на ЕУ, која никогаш до сега не била олку отворена и кога најтешкото бреме е тргнато, како да ни се повторуваат старите грешки. Со солидна  помош од домашните медиуми и интернет писанијата, како и на оние кои нашироко продаваат дефитизам  во стилот – сите власти се исти- што ќе рече дека криминалниот режим на избеганиот екс премиер и не мораше да биде соборен, незадоволниците од „шарената револуција“, им ја продадоа на младите гласачи  својата фрустрација.

Свесни се дека на тој начин работат само за рехабилитација на режимот што ја врати државата 25 години назад, што од Македонија направи „фирма“, се уште држејќи ја заробена, недозволувајќи земјата да стане дел од Европа. Го знаат и тоа, но пукањето во сопствената нога на Балканот е омилена „забава“. Тоа сега го гледаме и во Србија, каде еднаш соборените властодршци, сега, откако  одново се на власт, градат режим каков што ние, овде имавме до пред 23 месеци.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе