Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британците, сепак, на евро-избори!

ilolab/BigStock.com & Aaron Amat/BigStock.com

Британците, сепак, на евро-избори!

Во бројните пресврти што се случуваат изминатите, безмалку, три години од референдумот за Брегзит и хаотичното излегување на Велика Британија од ЕУ, дојде до уште еден пресврт, па Британците наместо да “уживаат“ во својата “вратена слобода“ како што англиските екстремни евроскептици знаат да кажат, на 23 мај ќе мора да одржат избори за Европскиот Парламент и да гласаат за своите пратеници во законодавниот дом на Унијата, што инаку ја напуштаат!

И тоа, не поради притисок, или затоа што Брисел им наложи, туку затоа што поради политиканските игри, одбивањето да се ратификува постигнатиот договор за Брегзит меѓу ЕУ и Британија и неколкуте пролонгирања на терминот за напуштање на Унијата, се навлезе во терминот на редовните (на секои пет години) евроизбори што се одржуваат во мај, затоа што Обединетото кралство, формално, се уште е дел од ЕУ.

Комплетирање на хаосот

На 29 март Британија требаше и формално се “разведе“ од ЕУ, после 46 години членство. Но откако пратениците во Вестминстер во Лондон (британскиот Парламент) којзнае по кој пат не сакаа да дадат “зелено светло“ за договорот на Тереза Меј со Брисел, постигнат уште во ноември, британската страна измоли за уште едно продолжување на крајниот рок- овој пат до октомври, беше јасно дека работите околу Брегзит ќе отидат во нова крајност.

Кога за прв пат беше навестено дека земјата поради хаосот што самата го создаде, ќе се соочи со потребата да организира и евроизбори, некои домашни правни експерти сугерираа дека целата таа ситуација би можела да се заобиколи. Едната варијанта беше да им се продолжи мандатот на сегашниот британски пратенички состав во Стразбур, до моментот кога Парламентот во Лондон ќе го ратификува договорот за Брегзит. Другата сугерирана варијанта беше истиот тој состав да патува за секоја од седниците на евро-Парламентот, тогаш кога ќе има такви сесии, до конечното заминување на Британија, но по малку неочекувано премиерот Меј објави дека и овој мај ќе се организираат евроизбори.

Таквата позиција на владата попрецизно ја објасни, заменик премиерот Дејвид Лидингтон дека избори ќе има дури и доколку до 23 мај Меј и пратениците се договорот, па договорот, конечно, биде прифатен.

И оваа негова изјава е контра уверувањето на Меј од пред некоја недела, кога таа рече дека ќе ги откаже изборите ако во меѓувреме британските пратеници се спогодат за Брегзит, што само ја потврдува хаотичноста низ која минува Британија. Сега Лидингтон, зборува дека на Лондон толку многу му недостига време, што избори ќе мора да има.

Тој вели дека евро изборите се толку блиску, што и “утре да се спогодат“ британските пратеници, нема време за да се биде ратификувани сите бројни текстови врзани за излегувањето од ЕУ и се да биде регулирано. Тоа значи дека британски европратеници ќе има и на 24 мај годинава, без разлика што тие можеби никогаш нема да бидат дел од новиот пратенички состав на Европскиот Парламент, ниту да заминат во Стразбур на првата парламентарна сесија!

Неверојатна приказна

Партиите во меѓувреме, веќе почнаа да ги објавуваат своите стратегии за изборната кампања што ќе се води во наредните две недели.

За изборите, со својата нова “Брегзит партија“ се има пријавено и Најџел Фараж, крајниот десничар меѓу британските евроскептици. Овој екс англиски ториевец кој како лидер на сега целосно маргинилизираната партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП) го покрена барањето за преиспитување на местото на Британија во ЕУ, тогаш дури и не барајќи референдум, досега исто така пет години беше европратеник и примаше плата од Унијата која инаку сака да ја растури.

Анкетите покажуваат дека во моментот неговата нова партија дури и води, пред конзервативците на Меј, лабуристите на Џереми Корбин и либералдемократите на Винс Кејбл. Многу е веројатно дека така ќе остане и до крајот, па може да се случи најголемиот евроскептик да биде победник на изборите, како што беше и во мај 2014 година, што нему му е потребно за домашните парламентарни избори што би се одржале по повлекувањето на Тереза Меј.

Сето ова што и се случува на Британија делува како “неверојатна приказна“ за една ваква земја.

Казнети ториевци

Пред некој месец, Борис Џонсон поранешен шеф на Форин Офисот, предводник на најтврдата евроскептична линија во владејачката Конзерватива партија и главен “пучист“ кај ториевците кој преку Брегзит настојува да се избори за лидерската функција и влез во Даунинг стрит 10, напиша во една своја колумна дека организирање еврозибори, сега, во Британија би било “понижувачко и навредливо “ за Британците и би значело изигрување на волјата на гласачите кои беа за Брегзит. Но поради сите досегашни случувања, во и околу Парламентот, што ги предводат токму ториевците, а во кои Џонсон се посочува како главниот режисер, се дојде до оваа апсурдна ситуација и до непотребното трошење пари за избори кои ништо не носат и ништо не значат.

Уште повеќе што доаѓаат по делумните локални избори што се одржаа во Англија на кои гласачите, а таму се доминантно евроскептиците кои и го истуркаа Брегзит, наспроти волјата на гласачите во Шкотска и Северна Ирска, сурово ги казнија конзервативците за тоа што се уште не им е, како што велат, испорачан Брегзит, на еден, или на друг начин- што ќе рече, со договор, или без договор со Брисел.

Ториевците доживеаја најтежок пораз во последниве 20 години, загубувајќи над 1700 советнички места во градските совети. Тврдите брегзитери побрзаа да побараат оставка од Меј, но таа студено го отфрли тоа, порачувајќи дека поразот не е нејзин проблем, туку дека тој оди на сметка на партиските махерлуци во Парламентот. Таа одново потсети дека продолжува да работи за да се испорача Брегзит, дека има и договор со Брисел, но дека поделеноста на ториевците, како и целосно нејасното однесување на лабуристуте, предизвикаа хаос и со месеци го блокираат излегувањето од ЕУ.

Проевропските партии за ЕУ

Колку и да е критикувана и непопуларна, Меј за ова е сосема во право. Особено што од поразот на ториевците не профитираа ниту лабористите, што логично беше да се очекува за опозицијата, но гласачите и нив ги казнија за нивната недоследна политика, па победници излегоа Либералдемократската партија и низа независни кандидати.

Има и натаму изјави за казнување на лидерот на партијата и премиер Меј, за изборното фијаско. Но, доколку таа би била соборена во оваа фаза од Брегзит, што е оставен во “стенд-бај“ ситуација, хаосот би бил докомплетиран. Тогаш Конзервативната партија би била зрела за расцеп, што можеби ќе беше и најдоброто решение за интересите на државата, уште по првите гласања за отфрлање на постигнатиот договор со ЕУ, за кој независни експерти велат дека е сосема добар и поволен за Велика Британија.

Во оваа “неверојатна приказна“ проевропските партии – либералдемократите, Зелените, шкотската СНП, како и новата партија “Промени за Британија“ остануваат само да ги промовираат своите позиции и да го тестираат моменталниот рејтинг.

Лидерот на либералдемократите, ветеранот Кејбл порача дека неговата партија 50 години се залага за Европа и од почетокот е проевропска партија, па сега, без разлика на Брегзит, не може да агитира против сопствените определби. Шкотската национална партија (СНП), пак, својата платформа ја претстави едноставно како – Шкотска не е за Брегзит. Шкотска е за Европа/ЕУ.

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе