Поврзете се со нас

Skopje Global

ГРУ осудена во Подгорица

Западен Балкан

ГРУ осудена во Подгорица

dk_photo/Bigstock.com

ГРУ осудена во Подгорица

Судот во Подгорица, после 1,5 година судење, им изрече пресуди на групата од 14 лица, меѓу кои се и двајца руски државјани, сите обвинети за обид да се предизвика пуч во Црна Гора, со насилно сменување на власта, само за да се спречи влезот на оваа држава во НАТО.

Највисоки казни добија Русинот Едуард Шишмаков, осуден на 15 години затвор и неговиот сонародник Владимир Попов, на 12 години и обајцата означени како предводници на групата заговорници и единствени на кои им се судеше за тероризам. Црногорското обвинителство ги означи двајцата како разузнавачи на ГРУ ( руска тајна служба на армијата) која последниве години засилено се инсталира на Балканот.

Според наодите на обвинителството, Шишмаков и Попов ја организирале групата во која има жители на Црна Гора, најголемиот број од нив од српска националност, повеќето и српски државјани, за криминално здружување и за помагање при изведувањето на пучот. Сите тие се осудени на затворски казни од една до осум години. Главните „ѕвезди“ на домашната група во заговорот кои, инаку, не се обвинети за тероризам, се лидерите на црногорската опозициска партија на тамошните Срби,  Демократски Фронт  – Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ. Обајцата се осудени на по пет години затвор.

Бегство на Шишмаков и Попов

Двајцата Руси беа судени во отсуство, зашто тие побегнале од Подгорица и од Црна Гора, веднаш кога станало јасно дека групата е откриена и дека пучот нема да успее. Избегале по истата траса по која бегаше, со унгарска помош, во соседна Србија и македонскиот екс премиер и осуденик Никола Груевски. Организаторите на пучот, припадници на ГРУ и низ црногорската територија, а и од гранцата со Србија, биле водени и обезбедувани од српски оперативци кои двајцата Руси, потоа, им ги предале на руската тајна служба, која итно со авион , од Белград ги има префрлено некаде на руска територија.

До правосилноста на изречените пресуди, сите други осудени, црногорски и српски државјани, се оставени да се бранат од слобода. Никој не се најде во притвор, па тие ја искористија таа можност за да побегнат во Србија, од каде почнаа да даваат изјави за српските медиуми.

За одбраната, целото судење и пресудите се „ само политички памфлет“.Еден од „ ороводците“ од домашниот дел на заговорот, Мандиќ , пак , на српска територија има речено дека „целото судење е изведено во режија на (црногорскиот претседател) Мило Ѓукановиќ“. Тој побара од властите во Белград и посебно од тамошниот претседател Александар Вучиќ „веднаш да ја прекине комуникацијата со властите“ во Подгорица. Во притвор е само едно лице, а во српската амбасада во црногорскиот главен град и натму се крие жената која  побегна од судницата , за време на една од паузите, во текот на судењето. И таа е српска државјанка, иако е постојан жител на Црна Гора.

Анти-НАТО пуч

Колку за потсетување- на 16 октомври 2016 година, во време на одржувањето на редовните парламентарни избори во земјата, групата заговорници во текот на изборната ноќ требало да организираат насилен упад во зградата на црногорскиот Парламент, да ги уапсат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и членови на владата и неговите најблиски соработнци, обвинувајќи ги за „предавство“ и на тој начин да не дозволат влез на земјата во НАТО. Во Подгорица се тврди дека во текот на спроведувањето на пучот, Ѓукановиќ требало да биде и убиен.

Ништо од тоа не се случи, туку со интервенција на домашните безбедносни служби, сите заговорници , освен двајцата организатори-Русите беа фатени и уапсени, уште пред да почнат да го реализираат планот. Официјален Белград веднаш се огради од настаните во Подгорица, тврдејќи дека Србија нема ништо со, како беше речено, наводниот заговор за државен удар. Црногорските медиуми, меѓутоа, веднаш открија дека српските оперативци од нивната тајна служба, како и руските разузнавачи истата ноќ, избегале во Србија, за да не бидат откриени и демаскирани.

Официјална Москва, прво молчеше за обвинувањата од Подгорица, но подоцна демантираше дека Шишмаков и Попов се разузнавачи и припадници на руската ГРУ. Од таму се тврдеше дека станува збор за „истражувачи“ кои (наводно) прибирале историски материјали за да прават опширен напис за руското воено присуство регионот, во текот на Првата светска војна!

Свртување на Подгорица

Остана без одговор прашањето зашто тогаш тие двајцата избегаа пред да бидат фатени од црногорската полиција и зашто за нив беше пратен специјален авион во Белград, со кој долета и главниот директор на руската тајна служба ФСБ. Москва и нејзините шефови за разузнавање и белградските , според тамошните медиуми од тоа време, се спогодиле за  брзо затворање на целиот случај , но дека српската страна никогаш не објасни до крај, каква била нејзината улога во ковањето заговор и во подготвувањето на пучот кој на крајот беше неуспешен.

Сето тоа се случуваше во време кога малечката Црна Гора, од „ едно од двете очи“ на српско-црногорската федерација, по распадот на поранешна СФРЈ, одлучи да сврти страна- да ја напушти „ традиционалната и историска“ врска со Истокот и Москва и да се сврти кон Западот и евроатланскиот пат. Таквиот потег на Подгорица значеше истиснување на Русија од јадранскиот брег , што руската страна го сметаше за свое парче „топло“ море, но за Црна Гора значеше забрзано отворање на преговори со ЕУ (веќе има покренато дваесетина поглавја) и влез во НАТО.

Тоа предизвика гнев во Кремљ кој од тогаш го засили своите агресивни планови на Балканот , прво во Србија, користејќи ги  нејзините несредени  односи со, сега независно, Косово, а потоа и преку режимот на избеганиот поранешен премиер, забрзано се инсталираше во Македонија, за да се спречи македонското влегување во НАТО/ЕУ. Од тие причини Москва правеше се што не треба (ако ја почитуваше нашата сувереност),  за да го задржи бегалецот Груевски на власт и за да го минира договорот од Преспа.

Хант: Безобзирен обид на Москва

Во Црна Гора, сите пучисти од Демократскиот фронт, исто така, се противници на свртуањето на земјата кон Запад, на нејзиното членство во НАТО и во ЕУ , заговарајќи  блиски односи со Русија  и специјални врски со Белград и Србија. Во западната јавност пресудите во Подгорица добија силен публицитет, посочувајќи го тоа како доказ за агресивната политика на Москва, не само во балканскиот регион, туку и во Европа.

Шефот на британскиот Форин Офис, Џереми Хант во специјална изјава рече дека настаните во Црна Гора, во 2016 година, се „еден од најдрските примери за тоа како се однесува и како дејствува Русија, обидувајќи да ја поткопа европската демократија.

„Станува збор за безобзирен обид на (руското) ГРУ да интервенира во црногорските избори, за да ја поткопа кандидатурата на Црна Гора во НАТО“ – рекол британскиот министер за надворешни работи. Според Хант, Русија е “голема земја и дел од европската цивилизација, па Москва мора да престане да го поткопува територијалниот интегритет на земјите кои и се во соседството, но и на другите подалеку од нејзините граници“.

Официјален Белград, пак, засега се задоволи само со изјавата на својот министер за надворешни работи дека „ Србија детално ќе ги разгледа сите пресуди“ , за кои рече дека имало „многу чудни работи“. Не споменал за какви работи станува збор , но  притоа порачал дека Србија била „должна да ги заштити сите свои државјани, како и припадниците на српскиот народ“, мислејќи (веројатно) на осудениците кои сега веќе се на српска територија. Малку е веројатно дека тие ќе се вратат назад.

(С.С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе