Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Претседател на европска Македонија

1STunningArt/BigStock.com & ojal02/BigStock.com

Претседател на европска Македонија

На Македонија и беше потребен вистински нов претседател, после десетте години шеф на државата кој беше исклучиво во функција на режимот што го наметна националистичката партија која повеќе од една деценија владееше со земјата како со партиска фирма. И, Македонија доби нов претседател, откако гласачите и во двата изборни круга се определија за она што тој го застапуваше и го бранеше на сите свои јавни настапи, трибини и ТВ дуели.

Определувајќи се во мнозинство за новиот претседател Стево Пендаровски гласачите се согласија дека гласот за него значи глас за европска Македонија.

Затоа и се спротивставија на планот за враќање на земјата во минатото, наспроти иднината која веќе е отворена како никогаш досега, што инаку нескриено го нудеше противкандидатот на изборите. Луѓето, едноставно, не прифатија враќање на старото по само 22 месеци на новата власт. Не прифатија одвраќање од владиниот главен курс- европеизација на државата, подржувајќи го притоа и ослободувањето од заробеноста во која се уште ја држи стариот режим, преку својата инсталирана апаратура во државната и во јавната администрација, во судството и во делови од безбедносните структури.

Насилнички режим

Гласачите, сепак, не подлегнаа на силната антивладина кампања за, наводно, “изневерените очекувања“ што сложно ја водеа опозицијата, која остана непроменета од времето на режимот, со нејзиниот в.д лидер ставен на раководната позиција по налог на побегнатиот екс премиер и лидер- осуденик, за да му го чува местото- за секој случај- заедно со делови од медиумите, како и со фрустрираните “шарени револуционери“ незадоволни што не добиле нешто повеќе при смената на власта.

Не можеше да се заборави што се случуваше во шесте месеци на лудилото на режимот, по одржаните избори. Водени од осудениот бегалец и од неговите луѓе од тајната служба, од партиските насилници и тепачи, правеа се за да не се создаде нова владејачка коалиција. Помагани на секој начин од странски сили и од странски разузнавачки служби, тие се обидоа да направат пуч против опозицијата, да предизвикаат меѓунационален судир и да го убијат тогашниот лидер на опозицијата, сега премиер, се закануваа со “Вартоломејска ноќ“ (ликвидација на неистомислениците), лажејќи го народот дека се „бранел Уставот“ и националниот идентитет на етничките Македонци, а сето тоа само за да се создаде изговор за да нивниот (сега веќе поранешен) претседател може да прогласи вонредна состојба и овозможи зацементирање на режимот.

Лажни “шарени револуционери“

Мнозинството, сепак, не веруваше дека новата власт навистина дошла “до дното“ како што дел од оние кои себе си се нарекуваа “шарени револуционери“, а кои за дваесетина месеци ја предадоа револуцијата и ја покажаа својата неморалност и корумпираност, упорно, преку неколкумина свои остарени “партизани“ се обидуваа да ги вратот работите назад. Свесно, притоа, работејќи на рехабилитацијата на режимот и кокетирајќи со можноста набрзина да се смуваат работите, со што и натаму би им овозможило да бидат лажната свест на општеството.

Тоа мнозинство од граѓаните ги прифати договорот со Бугарија и историската спогодба со Грција од Преспа, знаејќи дека токму преку нив, а посебно преку договорот на Скопје и Атина, Македонија, најпосле, влегува во Европа на голема врата, а етничките Македонци, веќе не како “фиромци“, туку со својот идентитет и сега, за прв пат, и со формално признаената националност (а не како бугарски државјани, или со нечиј друг туѓ пасош), може да зачекорат во НАТО и во ЕУ.

Луѓето прифатија дека правењето компромиси (тие никаде и никогаш не биле лесни) е неопходно за да им се стави крај на мачното минато, на негацијата и кавгите што потекуваат од изминатите векови, во интерес на иднината на земјата и пред се, за иднината на обичните граѓани, нивните деца и за идните поколенија. Македонија и сите кои живеат на нејзината државна територија се на европскиот континент. Ние сите сме Европејци и никој не може да не пресели на друго место, на Исток, далеку од овде, за политичко криминалните потреби на една неморална и криминална врхушка, која отиде до таму што се стави и во служба на туѓите глобални интереси.

Претседател на сите

Затоа, на Македонија и беше потребен нов шеф на државата.

Претседател на сите, а не само на националистичката и антиевропска опција што ја застапува вмровската партиска структура, кој вистински ќе се држи за она што го пропишува Уставот, а што нема да го толкува како да е монарх, надвор од овластувањата што навистина ги има, или да го третира врховниот закон на земјата како да станува збор за „Готвач“ полн со странски рецепти.

Нов претседател кој на домашен план треба да се обиде (конечно) да се дојде до помирување на кое чекаме четврт век, во кое ќе може да бидеме различни според идеолошките и партиските определувања, кога станува збор за политиката, но единствени кога станува збор за државните интереси и напредокот на земјата, кога нема да се делиме на “патриоти“ и на “предавници“.

Папата Франциско во Скопје ја искористи можноста за да нам овде (прво), а потоа и на регионот, ни порача дека е крајно време да си подадеме рака, верувајќи дека можеме да го сториме тоа. Не како верници, како христијани, туку само како луѓе водени од она човечкото во нас.

Меѓутоа, за да се направи тоа не е доволен само претседателот Пендаровски, колку тој и да се труди во следните пет години. Потребно е кон тоа да се свртат и париските челници, партискита активисти, но и невладините организации и пред се, медиумите, кои ќе треба да градат здрава атмосфера во која како политика нема да се третира дури и временската прогноза – снегот во зима и жештината во лето – или повремените наезди на комарците.

Излегување од изолацијата

Во рамките на своите овластувања, претседателот можеби од самиот старт на неговиот мандат ќе треба да се насочи да и помага на владата за конечното надминување на досегашната меѓународна изолација во која ја ставија луѓето од претходниот режим, посебно шефот на државата затоа што преку тоа ќе може државата да се движи по патот кон ЕУ, што владата веќе го има зацртано и што сега треба сложно да се надградува за да се исполнат нашите стратешки цели.

Десет години се загубени во изолацијата, во која не ставија за да се прави некаква нова историја, присвојувајќи нешто што не е наше, само за да се задоволуваат домашните националистички страсти, но за заблудување на народот и за да се купуваат гласовите на квази-патриотите.

Една деценија се загуби во создавањето непријатели околу нас, во судењето и клеветењето на Западот како, наводниот „виновник“ за сите наши маки, а во исто време зборувајќи дека ние сме на линијата НАТО/ЕУ. И сето тоа во моментите кога државата и ја дадовме на рака на другата страна, која историски никогаш не била на наша, македонска страна, туку секогаш оваа територија ја користела за купување лојалност од соседите кои самите претендираа на таа територија, само за да режимот остане недопирлив, за да се задуши опозицијата и за да нема никакви проевропски реформи.

Сојузници и партнери

Првата работа, во секој случај, останува натамошното зацврстување на билатералните односите со петте соседи, како и со земјите кои се малку подалеку од нашите граници, но кои се дел од регионот на кои му припаѓаме.

Таму работите се напреднати, ако ништо друго, сега се комуницира меѓу себе и се градат комуникациски врски, па ако ништо друго можеме многу полесно од порано да се посетуваме, но проблеми има и тие остануваат да се разрешуваат. Иако тие можеби директно не ја погодуваат нашата држава, владата и претседателот, сепак, не може да ги остават во улогата на рамнодушни посматрачи. Особено што сите не ни се добронамерни.

И, конечно, мора да се работи за отворањето на врските на Република Северна Македонија, на највисоко ниво и со лидерите на ЕУ.

Останавме подзаборавени во “белоруски стил“ од оние кои треба да ни бидат сојузници во НАТО и партнери во ЕУ, откако таму видоа со кого (во Скопје) досега имаа работа. Сите надворешни анализи покажуваат дека посетата на папата е првата на тој македонски пат за отворање, или можеби поточно, за враќањето на нашата држава, но сега со сосема поинаков и посилен статус и позиција, отколку во времето од пред дваесетина години. Тоа сега треба да почне да се капитализира.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе