Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шкотска сака во ЕУ

MaksymKapliuk/BigStock.com

Шкотска сака во ЕУ

Изборот меѓу Брегзит и иднината на Шкотска, како независна европска држава мора да се направи во мандатот на овој (шкотски) Парламент, а владата во Единбург планира ваквото прашање да го постави пред Шкотланѓаните пред следните парламентарни избори во 2021 година – изјави првиот министер и лидер на СНП (Шкотската национална партија) Никола Старџен. Ваквата нејзина изјава, всушност, претставува најава за планот на шкотските националисти за организирање на уште еден референдум за отцепување на земјата од Обединетото кралство.

Најавата дојде непосредно пред европските парламентарни избори кои Британија ќе мора да ги организира и одржи, затоа што таа (формално) и натаму е членка на ЕУ, само поради хаотичната ситуација што ја предизвика Лондон околу Брегзит, откако на три пати одби да го прифати и да го ратификува постигнатиот договор на владата со Брисел за британското излегување од Унијата.

Старџен ја искористи шансата што со кампањата за евроизборите, наеднаш и се отвори, за да го промовира планот на СНП за втор референдум за независност, порачувајќи им на гласачите – Ние (Шкотска) не сме за Брегзит. Ние сме за Европа/ЕУ.

Нов референдум за отцепување?

Сето ова по малку почнува да наликува на она што се случуваше на северот од Британија во месеците пред првиот шкотски референдум во септември 2014 година. Во тоа време, тогашниот лидер на СНП и шкотски прв министер Алекс Салмонд (заедно со Старџен, тогаш негова заменичка и на двете функции) водеа силна кампања за независна Шкотска, членка на ЕУ, па дури навестуваа дека ќе се откажат и од фунтата, за сметка на еврото, онака како што тоа го направија Ирците.

Една екипа од шкотски правни експерти, на неколкупати патуваше во Брисел за да ги испита можностите за тоа како Шкотска би можела да се приклучи кон ЕУ. Директно, преку досегашното присуство во Унијата, како дел од Велика Британија која беше таму уште од 1973 година, или пак со почитување на редот што важи за секоја земја која сака да и се приклучи на ЕУ – прво како земја кандидат, а потоа, по добиениот датум за старт, низ преговорите, отворајќи ги сите 35 поглавја.

Секако, независна Шкотска, би била мошне силен кандидат и таа би ја поминала целата процедура по забрзана постапка. Земјата уште на стартот, ги има исполнето сите главни услови за членство, како што се цврсто воспоставената демократија, независното судство, слободата на медиумите и владеењето на правото, човековите права и силната и развиена економија.

Грешките на Камерон

Но, Брисел тогаш, очигледно, не сакаше да се меша во внатрешните работи на Британија, или уште помалку да го поттикнува шкотскиот сепаратизам, опасен и за вкупните европски состојби, па на владата во Единбург им порача дека доколку и го добијат референдумот за независност, ќе мора да “застанат во редот за членство во ЕУ“ како нова држава- претендент, без разлика што Шкотска до 1707 година беше целосна независна и суверена држава- со свој монарх, Парламент и влада.

Пред пет години, на тој референдум, победи опцијата за останување на Шкотска во Обединетото кралство, па изгледаше дека по таквото определување на мнозинството Шкотланѓани ќе настапи период на “ладење“ на сепаратизмот во земјата, барем за следните десет години. Работите се изменија само две години подоцна, во 2016 година, кога британскиот премиер во тоа време, Дејвид Камерон ги прецени своите сили и ги потцени своите противници, а особено десницата меѓу неговите ториевски евроскептици, па го прифати предизвикот на маргиналната УКИП ( партија за независност на Обединетото кралство) и на нејзиниот лидер Најџел Фараж, да го отвори “европското прашање“.

Станува збор за политичка расправа околу иднината на односите на Британија и ЕУ, во рамките на која Камерон брзоплето, иако тоа директно никој не го бараше, понуди организирање референдум за ЕУ, самоуверено верувајќи дека со победа ќе им ја затвори устата на сите тврди евроскептици и ќе ја елиминира УКИП. Особено што партијата се закануваше на своја страна да повлече добар дел од конзервативните гласачи во Англија, кои во провинцијата, традиционално се евроскептични, се уште живеејќи со гледањата на Европа низ очите на империјална, викторијанска Британија.

Предавството на Џонсон

Камерон веруваше во сите претходни анкети, според кои мнозинството Британци- постојано меѓу 60 и 65 отсто – се приврзаници на членството во ЕУ. Но, не очекуваше дека неговиот близок пријател и партиски сојузник, Борис Џонсон, од проевропеец ќе се претвори во тврд евроскептик, ќе му сврти грб и практично ќе стане сојузник на Фараж. Таквиот пресврт овој го објаснуваше со потребата дека морало да се спречи, наводно, потенцијално масовниот одлив на ториевските гласачи кон УКИП и Фараж, што никога не се случи. Самиот Фараж дури никогаш и не стана пратеник во Вестминстер. Остана само европратеник, па дури и сега се има кандидирано за таа позиција!

Како и да е, ноншалантноста на Камерон доведе тој да го загуби референдумот на кој агитираше за останување во ЕУ, уверувајќи дека тоа е стратешки интерес на Британија. Не успеа да обезбеди единство околу референдумот и во самата влада, меѓу министрите кои се поделија околу “За“ или „Против“ ЕУ. А не успеа ниту да ја блокира валканата, со лажни, неточни и полувистините информации, кампања на оние кои беа за Брегзит, што сега ги предвидеше Џонсон.

Тој и неговите истомисленици, плашејќи ги гласачите дека доколку остане во ЕУ, земјата ќе биде “преплавена со источноевропејци и со сите другите од југоисточна Европа“, беа поуверливи од уверувањата на владата (со министрите кои останаа лојални на Камерон), па на изненадување на британската, а посебно на европската јавност, мало, но доволно мнозинство Британци, одлучија државата да излезе од ЕУ.

Победа на англиската провинција

Кога подоцна се разбра дека Брегзит е изгласан, практично, со гласовите на англиската провинција, на сточарите и рибарите, на постарите луѓе и главно пензионерите, наспроти Шкотска, Северна Ирска или Лондон со своите осум милиони жители, каде уверливо победија проевропски определените гласачи, беше јасно дека тоа ќе предизвика повратен-удар, со обнова на, сега и засилениот, шкотски национализам и со бранување меѓу северноирците, посебно кај католиците.

Податокот дека нешто над 62 отсто од Шкотланѓаните беа против Брегзит, наеднаш и побрзо отколку што очекуваа, значеше нова надеж за сепаратистите, нивната земја одново да биде независна, по 312 години од доброволното обединување са Англија, на почетокот на 18 век.

Зашто? Затоа што на референдумот во 2014 година, гласачите ја одбија независноста што им ја прегладаше СНП, само затоа што стравуваа дека со излегувањето од Обединетото кралство, Шкотска ќе остане надвор од ЕУ, како што тогаш заплашуваше Лондон. Само две години подоцна сфатија дека погрешиле, или дека беа измамени. Во јуни 2016 година, Британија објави дека излегува од ЕУ, како резултат на референдумското изјаснување.

Незадоволство од деволуцијата

Затоа шкотскиот прв министер Старџен сега зборува дека ќе мора “одново да се запрашаме што сакаме“. Прашањето сега би било дали да се остане со Британија, надвор од ЕУ, или пак Шкотска се врати од Европа, од каде сега ја извлекуваат, иако нејзините луѓе (на референдумот за ЕУ) покажаа дека тоа не го сакаат.

„Досега молчевме. Имавме трпение во врска со (повторен) референдум, додека не се расчистат сите работи околу Брегзит. Направивме се што можевме од Единбург, за да се избегне криза во Велика Британија, но се покажа дека британската влада повеќе не им служи на интересите на Шкотска“

…изјави Никола Старџен.

Официјален Лондон, обземен со хаосот околу Брегзит и со продолжените судири во владејачката Конзервативна партија кои се рефлектираат и во владата, остава впечаток дека не го загрижува она што се подготвува во Единбург, игнорирајќи го незадоволството на владата во Шкотска со сегашните услови на дезинтеграција, според законот за деволуција, што таму се толкува како “несоодветна за шкотските интереси“, па затоа треба да биде променета.

Останува уште да се види како во новонастанатите услови, со Британија надвор од ЕУ, би реагирал Брисел, доколку на евентуално повторен референдум, Шкотска се отцепи, прогласи независност и побара прием во Унијата. Онака како што гласачите на СНП велат – ние сакаме во ЕУ!

(Д.Л.)
Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе