Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Трамп го помилува својот биограф

Скопје Глобал

Трамп го помилува својот биограф

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот медиумски магнат Конрад Блек, кој во тамошната јавност, во последно време е познат како биограф на актуелниот претседател на САД.

Блек кој сега има 74 години беше во затвор во изминатите три години. Во 2007 година, од еден американски суд беше осуден за измама и за попречување на правдата. Во соопштението на Белата куќа се вели дека “случајот на Блек предизвикал поддршка од многу истакнати личности кои го гарантирале неговиот, како што се потенцира, исклучителен карактер.

Тој е по потекло Канаѓанец, но е британски државјанин и носител на титулата лорд.

Во деведесеттите години на 20 век. на врвот од својата моќ како еден од најпознатите медиумски магнати, ја водеше компанијата “Hollinger International“ која поседуваше весници во Канада, САД, Велика Британија и во Израел. Под негова контрола, тогаш а и потоа, се до неговото обвинување, беа весници како што се “Чикаго Сан“, британскиот “Дејли Телеграф“, израелскиот „Џерусалем Пост“ и канадскиот “Нешанел Пост“.

Конрад Блек ја има напишано книгата за Доналд Трамп, под наслов „Претседател како никој друг“. Книгата беше објавена во минатата, 2018 година.

Истополовите врски во детските учебници

Од учебната 2020 година, учењето за истополовите врски ќе биде задолжително во сите основни училишта во Велика Британија, затоа што ќе се најде во учебниците, наменети дури и за децата на возраст постари од четири години, додека се уште се во претшколските образовни установи. Министерството за образование во Лондон веќе има објавено дека од догодина, родителите повеќе не ќе може да одлучуваат за тоа дали нивното дете ќе ги чита и учи тие лекции, или не, затоа што обуката ќе биде обврска за сите.

Анкетата што по тој повод ја има направено британската телевизија Скај, покажува дека мнозинството од Британците сметаат дека учебниците за децата, треба да ги опишуваат и објаснуваат истополовите односи и врски.

Истото истражување открива дека 53 отсто од анкетираните веруваат дека деца и од четири годишна возраст треба да знаат за постоењето на семејства (само) со две мајки, или само со двајца татковци. Околу 31 отсто од луѓето, се изјасниле против.

Различни гледања има кога станува збор за тоа дали родителите треба да спречат нивните деца да ги учат ваквите лекции, оправдувајќи го тоа со религиозните убедувања. Една четвртина, или 25 отсто од испитаниците одговориле со „да“, други 29 отсто се изјасниле дека треба да може да се оградат, додека 46 отсто, се уште немаат никаков став.

Лондонските медиуми јавуваат дека во Бирмингем, вториот по големина град во Британија, имало протести на родителите, пред две тамошни основни училишта. Родителите биле против да им се наметнува на децата да учат за истополовите врски. Медиумите јавуваат дека мнозинството од децата во тие училишта биле припадници на муслиманската етничка заедница, која во градот е прилично бројна.

Поранешниот белгиски крал одбива ДНК тест

Белгискиот Апелациски суд му наложи на поранешниот белгиски крал Алберт, во рок од три месеци да се согласи врз него да се направи ДНК анализа, за докажување на татковство, или ќе се соочи со казна од по пет илјади евра, дневно.

Во февруари годинава тој одби таков тест со кој, инаку, треба да се утврди дали Алберт е татко на дете, родено во шеесеттите години на 20 век, од негова вонбрачната врска со друга жена.

Поранешниот крал (84) ги отфрла тврдењата на Далфина Боел (50) дека тој е нејзиниот биолошки татко, но неговите адвокати тврдат дека тој, сепак, треба да прифати ДНК тест, особено што сега е наложен и од Апелацискиот суд, а од таму му се дадени сите гаранции за доверливоста на целата постапка.

Целиот случај околу неверството на Алберт, тогаш само принц од Лиеж, кон неговата сопруга, Италијанката Паола Руфо де Калабрија, прв пат се има појавено уште пред 20 години, во биографска книга за неговата законска сопруга и веднаш предизвика скандал во белгиската јавност. Боел, пак, прв пат има споменато дека Алберт е нејзин татко во 2005 година, во едно ТВ интервју.

Нејзината мајка, белгиска баронеса, има изјавено дека таа и тогаш младиот принц Алберт, имале љубовна врска која траела од 1966 до 1984 година.

Во 1993 година, Алберт стана белгиски крал, по смртта на неговиот постар брат Бодуен кој немаше свој биолошки наследник. Но, во 2012 година, Алберт неочекувани најави дека абдицира во полза на својот најстар син Филип, објаснувајќи го тоа со здравствени причини. Со абдикацијата тој го загуби правото на имунитет што ги имаше како крал.

Битка за паркот во Екатеринбург

Три дена во рускиот град Екатеринбург траат протести на граѓаните против изградбата на нова црква во градскиот парк. Протестите што почнаа со уривање на оградите што ги поставија градежниците, подоцна се претворија во судири со полицијата, па околу стотина лица, досега, се уапсени или приведени на сослушување.

Граѓаните се противат да се уништи зеленилото во паркот и тоа на локација која е многу популарна и каде постојано има луге кои доаѓаат на прошетки, за да се изгради нова црква, за која сугерираат друга локација.

Руската православна црква, подржана од градските власти, меѓутоа, инсистира новиот верски објект да се смести во паркот.

Тоа би предизвикало одземање на голема зелена површина, за која луѓето велат дека и онака, во овој град ја нема премногу, за да се уништува. Некои локални медиуми тврдат дека протестите за заштита на зеленилото и паркот, добиваат политичка димензија, зашто демонстрантите биле поделени. Едни се зад актуелниот градоначалник, а другите за неговиот претходник, па овие сега бараат градоначалникот да си поднесе оставка.

Во распалената ситуација се вклучил и претседателот Путин кој рекол дека “црквата би требало да ги поврзува луѓето, а не да ги раздвојува“. Според руските медиуми, тој сугерирал да се организира гласање за тоа дали паркот да остане негибнат, или да се растури за новата црква, но првите реакции на луѓето од Екатеринбург била дека тие не веруваат дека воопшто ќе има изјаснување, како и дека се ќе биде фер и демократски.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе