Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Солзите на Тереза Меј

sewonboy/BigStock.com

Солзите на Тереза Меј

На британската политичка сцена, историјата се повтори како копија на оригиналот од минатото.

Втората жена премиер на Велика Британија, Тереза Меј беше приморана да објави дека се повлекува од функцијата, на истиот начин како што тоа мораше да го направи и првата британска премиерка Маргарет Тачер – после изведен партиски пуч. Во изминатиот петок, Меј беше присилена да си даде оставка, под заканата дека ќе биде сменета и уште повеќе понижена пред домашната и странската јавност, само затоа што така одлучија сопартијците од нејзината Конзервативна партија. Пред 29 години, така беше тргната и Тачер.

Се уште актуелниот британски премиер Меј во Даунинг стрит 10 не остана ниту цели три години. Тачер, пак, беше испратена во пензија по 11 години на премиерската функција, но и двете грубо тргнати од водечките ториевски пратеници и министри во владата кои претходно, со месеци, преку домашните медиуми создаваа клима во јавноста која требаше да го оправда сменувањето.

И едната и другата мислеа за себе дека се „челични дами“ и дека „машки“ може да се справат со наметнатата политичка криза, создадена од политикантските игри на неискрените сојузници, но и двете заминаа со насолзени очи, длабоко повредени од постапката на нивните идеолошки и партиски истомисленици. Од оние кои требаше да им го чуваат грбот и да им помогнат да ја завршат работата со која, секоја во своето време, се соочуваа.

Типичен британски пуч

Во времето на Маргарет Тачер, партискиот пуч го предводеше Мајкл Хезелтајн, инаку тогаш вицепремиер, а во тоа пучистичко друштво се најде и Џон Мејџор, кого таа го има истуркано да влезе во владата. Во случајот со Тереза Меј, пучот подолго време го подготвуваше Борис Џонсон, екс градоначалник во Лондон, кого Меј го унапреди во нејзината влада како министер за надворешни работи, но завршниот удар го зададе една друга жена – Андреа Лидсом, министер во владата задолжена за врските на владиниот кабинет со пратениците во Долниот дом, или што ќе рече- министерката која треба да ја обезбедува за да не и се случи тоа што и се случи.

Сето ова покажува дека Британија во изминатите денови (уште еднаш) се соочи со она што некои домашни аналитичари го објаснуваат како „ типичен британски (ториевски) пуч „ што конзервативците, опседнати со својата ароганција и, пред се, надценетата големина, знаат да го прават во определен циклус од години.

Затоа и за домашната јавност – без разлика на која идеолошка опција и е наклонета- не беше изненадување најавата на Меј дека на 7 јуни, ќе се повлече од функцијата лидер на конзервативците, а дека до изборот на нов, што обично трае околу еден месец, ќе остане да ја извршува премиерската функција, како в.д. претседател на владата. Според британските закони, новиот лидер на Конзервативната партија, по автоматизам станува и нов премиер, затоа што оваа партија го има мнозинството во Парламентот.

„Компромисот не е валкан збор“

Во својата емоционална разделба со Британците, со ториевците и со британската политика, Меј рече дека имала обврска да го спроведе Брегзит, по референдумот од јуни 2016 година, кога гласачите, иако со мало мнозинство, сепак, се определија за напуштање на ЕУ, но дека за постигнатиот договор меѓу Британија и ЕУ од ноември минатата година, за идните односи на Лондон со Брисел, никако не успеала да обезбеди согласност во сопствената, ториевска партија.

„Секогаш ќе жалам што не успеав да го спроведам Брегзит до крајот, но после се што се случуваше, јасно ми е дека во интерес на Британија е да има нов премиер, за да се истера работата околу Брегзит“

…рече Меј, забележувајќи им на сите кои ја блокираа работата околу постигнувањето компромис, како во редовите на конзервативците, така и меѓу власта и опозицијата.

Компромисот не е валкан збор, забележа Меј во обраќањето пред влезот на седиштето на владата во Даунинг стрит 10, критикувајќи ги сите играчи на британската политичка сцена за немањето волја и храброст да се обезбеди компромис околу Брегзит.

Без изненадување во Британија и ЕУ

Заминувањето на актуелниот и тоа на веков начин, никого не изненади ниту во ЕУ и меѓу британските сојузници. Холандскиот премиер Марк Руте ја бранеше Меј од нејзините сопартијци. Тој и оддаде признание за нејзината работа околу договорот со Брисел и за битката за неговата имплементација во британскиот Парламент, префрлајќи ја одговорноста за ваквата разврска врз британските конзервативци. Слична е и реакцијата на претседателот на Европската комисија на заминување, Жан Клод Јункер кој изјави дека поважно од тоа кој ќе ја замени Меј, конзервативците „најпосле да се спогодат меѓу себе“.

Велика Британија безмалку три години остана заробеник на Брегзит и на игрите на пратениците и од двете главни политички партии во Вестминстер, онаа на власт и опозициските лабуристи, кои во еден „ балкански стил“ успеаја да создадат политички хаос, каков не и доликува на земјата, наштетувајќи му на нејзиниот углед и престиж во Европа и светот, блокирајќи ја владата. Тоа посебно оди на сметка на конзервативците на Меј кои создадоа ситуација на „ заробена држава“ постојано соочена со владина и со парламентарна криза, со дури 36 оставки во владата и во владината администрација и со неможноста на министрите да извршат ниту една од реформите кои ги навестуваа.

Сепак, и во една ваква клима, Меј ја остава (засега) петата по сила економија во добра кондиција. Со ниска инфлација, со стабилен раст, со ниска невработеност, урамнотежена трговска размена и како така, стабилна фунта.

Неуспех и по четвртиот предлог

Разделбата се случи откако пропадна и нејзиниот четврти по ред обид да ги покрене работите околу Брегзит, за прифаќање на договорот со ЕУ од ноември 2018 година. И овој пат, не успеа да ги импресионира како ториевците, така и лабуристите на левичарот Џереми Корбин, со кого до пред извесно време преговараше за обезбедување лабуристичка поддршка (во Парламентот) за договорот.

Три пати нејзиниот договор со Брисел беше отфрлен во Долниот дом, со уверливо мнозинство, иако сите неутрални аналитичари уверуваат дека тој е мошне поволен за Британија и за нејзините интереси. Во четвртиот обид, Меј се обиде да ги увери своите конзервативци и опозицијата да го прифатат законот за договорот за повлекување на Британија од ЕУ, нудејќи овој пат и референдум на кој и гласачите би се изјасниле за дилот од ноември, а не само пратениците во Вестминстер. Еден ваков референдум се споменуваше во изминатите години како вистински демократско решение во услови на политичкиот хаос што беше создаден, но ваквиот предлог на Меј најмногу ги разгневи ториевците.

Членови на владата најавија бунт, спротивставувајќи се предлогот за референдумско изјаснување на гласачите за крајниот договор, најавувајќи оставка на безмалку половина од министрите. Тврдите брегзитери тоа го искористија за да и зададат завршен удар на Меј, преку театралната оставка на министерката Лидсом, која инаку беше еден од противкандидатите на Меј при нејзиниот избор за партиски лидер. Притисокот врз актуелниот премиер стана неиздржлив, па веќе и стана јасно дека повеќе не може со никого да соработува и да ја изведе до крај мисијата што ја имаше.

Политикански игри

На двете функции, таа дојде по партиските избори во јули 2016 година, откако дотогашниот премиер Дејвид Камерон поднесе оставка по поразот на референдумот, што брзоплето го закажа, верувајќи во дотогашните проценки дека меѓу 60 и 65 отсто од Британците подржуваат членство во ЕУ и покрај традиционалниот евроскептицизам кај Англичаните, кој го сочинуваат и најголемиот дел од гласачкото тело во Британија.

Изборот на Меј за наследник на Камерон, во чија влада шест години беше министер за внатрешни работи, а при референдумското изјаснување застана зад тогашниот премиер, од почетокот беше означуван дека е од тактичка природа. Едноставно, никој друг во партијата на конзервативците не сакаше да ја спроведе „ волјата на граѓаните“- по 43 години, земјата да се раздели од ЕУ и од Европа. Така и се случи, па за Меј остана само една работа- да го спроведе Брегзит на „правно уреден начин“, а потоа може и да си оди.

Кога почнаа да се редат оставките (во текот на преговорите со Брисел), а таа беше оставена сама да се избори за договор, во ноември минатата година Меј објави дека договор (конечно) има. Тој беше одобрен од сите земји членки на ЕУ, но заглави во британскиот Парламент, каде сите го критикуваа и се уште остана заглавен. Еден месец по договорот и по првото отфрлање во Парламентот во Лондон, таа се соочи со гласање за доверба на лидерската функција, што лесно ја доби.

И најострите нејзини критичари беа против тоа таа (тогаш) да биде сменета, но веќе следниот ден игрите околу Меј продолжија.

Во март оваа година, таа вети дека ќе се повлече, доколку Парламентот го подржи договорот што го постигна со Брисел за Брегзит. Но ни тоа не и помина, па и по трет пат беше отфрлена ратификацијата.

Што може новиот премиер?

Сега следува изборната трка за нејзин наследник. Никој во Британија, меѓутоа, а уште помалку во Брисел и во ЕУ знае што ќе донесе изборот на нов партиски лидер и премиер. Се зависи од тоа кој ќе победи. Ако тоа биде некој од тврдите брегзитери, во Лондон се верува дека во тој случај Брегзит би можело да има и пред 31 октомври, последниот краен рок за конечниот развод со Унијата.

Во тој случај би можело да има Брегзит и без договор, што сите сметаат дека е најлошата варијанта за Британија. Но, за една ваква варијанта, уште од почетокот на преговорите се залагаат десницата кај ториевците и најтврдите брегзитери. Минатиот месец, Парламентот во Лондон се обиде да спречи „no deal” Брегзит, па беше изгласана резолуција со која се отфрла Брегзит без договор.

Сепак, како стојат работите во редовите на конзервативците, таа тешко би се почитувала доколку новиот премиер и владиниот состав што тој ќе го искомпонира, се определат на едно такво решение.
Како и да е, многу е веројатно дека неизвесноста околу „историскиот развод“ на Британија и ЕУ ќе продолжи.

Останува само да се види реакцијата на Европејците и колку тие и натаму ќе бидат спремни да го толерираат британскиот хаос, за кој, како што вели францускиот претседател Емануел Макрон, не може да трае во недоглед, држејќи ја ЕУ заробеник на Брегзит.

(Т.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе