Ирците гласаа за либерален развод
Гласачите во Република Ирска, со уверливо мнозинство, на референдум се определија за либерализација на законот за развод на бракот. Дури 82,1 отсто од Ирците гласаа за промена на досегашните законски одредби.
Бракот во оваа строго католичка земја е уставна категорија, па според сегашните прописи, за да се разведе една брачна заедница, потребно е мажот и жената да се разделени и да не живеат заедно, најмалку четири години.
Разводот во Ирска долго време беше означен како забранет, па дури во 1995 година, беше дозволено раскинување на бракот, откако претходно и тогаш беше распишан референдум.
При изјаснувањето на гласачите, законот за развод едвај доби минимално мнозинство – 50,28 отсто од Ирците беа за озаконување на разводот, додека 49,72 отсто беа против.
Институцијата брак е внесена во ирскиот Устав, па секоја промена на законските одредби значи и промена на уставните одредби, а за тоа во земјата мора да се организира референдумско изјаснување.
Сите главни ирски политички партии агитираа за натамошна либерализација на разводот. Против беа само католичките групи и организации кои не прифаќаат воопшто да постои категоријата развод, или раскин на брачната заедница.
Евреите советувани против носење кипа
На Евреите кои живеат во Германија им се советува да не ги носат традиционалните капчиња- кипа- поради засилената активност на ултрадесничарските и антисемитски групи во низа германски градови.
„Не би можел да им препорачам на Евреите да ги носат кипите, секогаш и секаде во Германија“ – изјавил Феликс Клајн, висок функционер во германската владина администрација, задолжен за борба со антисемитизмот.
Во минатата година, во Германија е регистриран значителен пораст напади врз тамошните Евреи. Регистрирани се вкупно 1646 такви инциденти, кои се оквалификувани како говор на омразата кон еврејската популација во земјата. До полицијата и до властите се пријавени и 62 случаи на физички напади, што е безмалку двојно повеќе во споредба со претходната 2017 година.
Министерството за правда во Берлин изрази длабоко жалење за ваквите појави во земјата и инцидентите ги означи како “срам за државата“. Израелскиот претседател Рувен Ривлин, пак, во коментар на Твитер напишал дека е шокиран од предупредувањето на Клајн до германските Евреи. Сепак тој, притоа, и одава и признание на германската влада за мерките и ангажираноста околу заштитата на Евреите во земјата.
“Купена“ и организацијата на СП во атлетика?
Француски суд го обвини претседателот на фудбалскиот клуб “Парис Сен Жермен“ Насер ал Келаифи за корупција, поврзана со кандидатурата на Катар за домаќин на светското првенство во атлетика.
Според париските медиуми, обвинувањето се поврзува со организацијата на светските првенства во 2017 и 2019 година. Ал Келаифи е сопственик и на еден мошне гледан спортски ТВ канал и е под истрага од март оваа година за тоа дека платил, за поткуп, 3,5 милиони долари уште во 2011 година.
Во 2017 година, СП во атлетика се одржа во Лондон, на стадионот изграден за Олимпијадата во 2012 година, но светското првенство оваа година, ќе се одржи во Катар, во текот на септември и октомври.
Во обвинувањето се вели дека исплатите оделе преку една катарска спортска компанија, која е заедничка фирма на Келаифи и неговиот брат Калед, директно до фирмата на синот на Лалин Диак, поранешен претседател на Светската атлетска федерација ИААФ, во времето од 1999 до 2015 година.
Нови обвинувања за Асанж во САД
Министерството за правда на САД покрена уште 17 нови обвинувања против поранешниот австралиски хакер и ко-основач на Викиликс, Џулијан Асанж кој се соочува со екстрадиција од Британија во Америка.
Најновите обвинувања се однесуваат, како што се вели, за примање и бесправно објавување имиња на класифицирани извори. Тој во април беше обвинет за заговор, изведен заедно со поранешниот ИТ разузнавач-аналитичар во американската војска, Челси Манинг која тогаш беше машко, за нелегално навлегување во мрежата на Пентагон.
Асанж сега е во затвор во Лондон, осуден на една година, за прекршување на судската одлука за кауција и за бранење од слобода, со бегството во амбасадата на Еквадор во британскиот главен град. Доверливите и тајни документи се појавија во 2010 година и обвинителството во САД тврди дека Асанж го натерал тогашниот воен аналитичар Манинг да краде тајни и доверливи материјали, за да се објавуваат на Викиликс интернет страницата.
Манинг како машко беше осуден за шпионажа на 35 години затвор. Но екс претседателот Барак Обама пред крајот на својот втор мандат ја помилува Манинг која во меѓувреме го смени полот.