Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Опозицијата ја блокира Албанија

Скопје Глобал

Опозицијата ја блокира Албанија

Во овие последни денови од мај, Тирана, главниот град на Албанија, делува на посетителите по малку дремливо. Веројатно од топлиот воздух што доаѓа од јадранскиот брег, оддалечен само 35 километри и од сонцето, кое ги тера луѓето на улиците да бараат засолниште под сенките на дрворедите, или по бројните кафулиња и мали ресторанчиња во популарниот кварт Блоку, некогаш затворена зона за обичните луѓе, затоа што таму живееле “големиот водач“ Енвер Хоџа и тогашната комунистичка елита на, во тоа време, најсиромашната европска држава.

Резиденцијата на Хоџа, која сега им се нуди на туристите како една од атракциите на градот, делува навредливо пространо и несфатливо модерно за времето кога е правена, споредена со генерално, бедниот изглед на Тирана од тоа време. Кој знае, можеби затоа целиот тој кварт, тогаш бил затворен со рампи и строго чуван од погледите на другите Албанци, за да луѓето не се разгневат од бедотијата на едните и од раскошот во кој живеела елитата.

Насилни протести

Во денешно време таму веќе нема никакви забрани, а во некогаш забранетиот кварт, впечаток е дека можеби има и најмногу луѓе по улиците. Во ова ново време, луѓето имаат поинакви проблеми, а тоа е како да се справат со прекубројните автомобили за тиранските сообраќајни можности. Доминираат стари и нови модели на “мерцедеси” што е дефинитивно престижно возило во денешна Албанија и на сегашната, посткомунистичка генерација, чии возачи, во центарот и околу него, возат според она- чие возило е поголемо и помоќно – тој е во предност.

Ако не е таа болка на транзицијата, од која и другите земји во регионот боледуваат, Тирана, во текот на денот, би делувала како премногу мирно место, за еден главен град од Балканот. Но, тоа не се однесува за нејзините посетители од странство, кои знаат нешто за политиката и кои слушнале за она што се случуваше на нејзините улици, од пред десетина денови, во делот каде се Парламентот и владата, кога во насилните демонстрации на домашната опозиција, изгледаше како целиот град да е во пламен.

Запаливи бомби и подметнати пожари околу некои од владините објекти, тепачки со полицијата, уапсени насилници и повредени и на двете страни, велат бил епилогот од уличните судирања на опозицијата со власта, претставени низ силите на редот. Според извештаите и приказните на ТВ репортерите од случувањата, тој ден, албанскиот главен град изгледал како опасно место за живеење. При мојата посета, тоа не делуваше така, кога ќе се утврди дека нема видливи траги од уличните судирања. А, нема ниту специјалци по улиците, ниту заштитни прегради, или специјално обезбедување на државните институции.

Опозицијата и власта без дијалог

Познавачите на сегашните албански состојби, меѓутоа, објаснуваат дека работата е далеку од смирување. Прво, затоа што опозицијата најавува нови “бунтови“ против власта на актуелниот премиер Еди Рама, а второ, затоа што разликите меѓу двете спротивставени политички страни, не се надминати. И никој притоа не навестува дека има намера да попушти и да се согласи на некаков компромис, иако сето тоа што се случува на домашната политичка сцена е директно контра амбициите на Албанија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Во меѓувреме, Албанија, заедно со Македонија, добија препорака од Европската комисија за старт на преговарачкиот процес. Впечаток е, меѓутоа, дека во Тирана се стравува оти ако се продолжи со судирањата на опозицијата и власта, прашање е дали земјата ќе “помине” кај европските лидери. Тие и онака се поделени околу тоа дали сега да се продолжи со процесот на проширувањето на Унијата, а особено околу “албанскиот случај“.

Едни се на мислење дека виза треба (прво) да добие само Македонија, која за прв пат досега, од Брисел има добиено поддршка за почеток на преговорите, без никакво ограничување и оценка дека е единствена земја од кандидатките за влез во ЕУ, која нема никаков спор со било кој од соседите. Неколку земји-членки, на пример, се на мислење дека Албанија треба да почека, барем додека не се смират домашните тензии и не се отвори дијалог меѓу бунтовничката опозиција и владата, околу иднината на државата и нејзините европски перспективи.

Резервираност во Париз и Рим

Од февруари оваа година, опозициската, десно-центристичка Демократска партија со која некогаш управуваше Сали Бериша, а сега Љуљзим Баша, поранешен министер за надворешни работи и едно време градоначалник на Тирана, како и левоцентристичкото Социјалистичко движење за интеграција, го напуштија Парламентот, а сега најавуваат дека ќе ги бојкотираат и локалните избори, на крајот од јуни. Наместо дебата во Парламентот, овие две, идеолошки спротивставени партии, парламентаризмот го заменија со улицата, со насилни протести, настојувајќи да го соборат Рама, кој е премиер од 2013 година и е на половината од својот втор мандат.

Ваквата ситуација ги загрижува албанските пријатели и поддржувачи во ЕУ. Особено сега, по европските парламентарни избори на кои се зајакнати позициите на популистите и на евроскептиците, иако тоа не е ни приближно толку силно, колку што се најавуваше. Премиерот Рама уверува дека Албанија заслужува преговори, па тврди дека тоа го заслужувала уште минатата година.

Но во Париз и во Рим, традиционалниот пријател на Тирана, не се толку убедени, посебно Французите кои стравуваат од напливот на албански мигранти и особено азиланти на француска територија.
За Албанија се вели дека има направено напредок во реформирањето на правосудниот систем, како и во борбата со организираниот криминал.

Сепак, и во Тирана се стравува дека тоа можеби нема да биде доволно за лидерите на ЕУ кои би можеле да ја “извлечат“ Македонија од пакетот, за да земјата не изгледа дека е казнета, само затоа што албанските политички партии не сакаат да се спогодат и да почнат со дијалог.

Политичка неодговорност

Ваквото инаетење, на сопствена штета, не е само албански случај. Го има и во Црна Гора и во Србија, во БиХ и Косово, а го има и во Македонија, чија националистичка опозиција, партиските интереси и налозите на нивниот избеган партиски лидер, ги става над интересите на државата, за која, наводно, е загрижена.

Но, она што се случува во Албанија, во сегашната ситуација во која е ЕУ, пред добивање датум за преговори, претставува политичка неодговорност и пукање во сопствената нога. Која е политичката логика во создавањето тензична атмосфера и кризна ситуација, во ова клучно време, кога на земјата и се потребни стабилност и мир. Конечно, прашање е каков е интересот на опозицијата од водењето на една ваква политика, како и тоа дали таа навистина воопшто сака да биде дел од ЕУ.

Премиерот Еди Рама ја обвинува опозицијата затоа што не сака да отпочне дијалог со него и предупредува дека би можело сите во земјата да се соочат, со како што рекол – европски неуспех- за што ги обвинува опозиционерите. “Тие не можат ништо да и наштетат на владата, но може да и наштетат на Албанија“- изјавил албанскиот премиер, по последните улични судирања.

Лидерот на опозицијата Љуљзим Баша, меѓутоа, продолжува со својата жестока вербална пресметка. Некои во Тирана велат тоа е “модерно” во албанската политичка пракса, по падот на комунизмот во 1991 година, главно, за да се импресионираат сопствените гласачи.

Така или не, Баша своите симпатизери неодамна ги повикувал на бунт, извикувајќи пароли како “слобода или смрт“ и “демократија или смрт“. Некои странски безбедносни аналитичари, затоа, почнаа да се прашуваат кому му служи создавањето криза во земјата и дали можеби некој од надвор, не е вмешан во настојувањето, насила да се урне владата, за да земјата остане блокирана на патот кон Европа.

(И.Т.)
(Извештај од Тирана)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе