Поврзете се со нас

Skopje Global

„Црната Алијанса“ на Стив Бенон

Свет

„Црната Алијанса“ на Стив Бенон

doddis/Bigstock.com

„Црната Алијанса“ на Стив Бенон

За Стив Бенон, европската јавност, барем нејзиниот поголем дел, разбра на почетокот од изборната кампања на њујоршкиот милијардер Доналд Трамп, уште кога се  обидуваше да стане американски претседател. Беше означен како советник на тогашниот претендент за влез во Белата куќа. Американските медиуми, меѓутоа, го опишаа како  човек со ултраконзервативни погледи и со десничарска идеологија. Своите погледи и ставови тогаш ги има пласирано преку својот интернет весник, постојано војувајќи и дисквалификувајќи ги своите неистомисленици а, пред се, оние со либерални или левичарски погледи.

Оние кои добро знаеја за каков човек станува збор и за неговите ставови кон либерално-демократскиот дел на американското општество, во кое се сместуваше и Демократкста партија на САД, со која Трамп водеше изборна битка, реагираа со осуда на присуството на Банон во изборниот штаб на еден претседателски кандидат. Тие критики особено се засилија кога стана јасно дека во трката за Белата куќа останаа само двајца- демократскиот кандидат Хилари Клинтон и Трамп, номиниран од  републиканците.

Враќање на конзервативизмот

Стана јасно дека конзервативизмот што уште тогаш провејуваше низ настапите на републиканецот Трамп, загрижувајќи ги сите вистински демократи и либералите на Истокот и на Западот од САД, се резултат на ставовите и на стратегијата што Бенон му ја „ продаде“ на републиканскиот кандидат. А, тоа значеше дека Америка и тамошното општество ќе се вратат можеби многу поназад од годините на последниот републикански претседател, Џорџ Буш.

Разочарувањето беше комплетно, дури и меѓу многи републикански приврзеници, кога избраниот претседател Доналд Трамп одлучи токму Бенон, да стане негов советник за стратешки прашања во Белата куќа. Од маргините на американската јавност, од делот на конзервативизмот и крајната десница, тој се пресели во врвот на американската администрација. Од тогаш  малку комуницираше со тамошната јавност, за да би можело да се насети какви се советите што му ги дава на претседателот, но од неговите први потези, стана јасно дека конзервативната идеологија е вратена во врвот на власта и дека додека е шеф на државата, Трамп ќе ја застапува и ќе ја брани.

Но, Бенон кусо време остана како државен функционер, иако низ медиумите се појавува слики во кои тој е постојано во Овалниот кабинет ( службената канцеларија) на претседателот, во разговор со Трамп. Поднесе оставка, или беше дискретно тргнат, откако стана јасно дека никој надвор од неговиот свет, не го подржува и дека тој како советник  му носи само негативни поени на тогаш новоизбраниот претседател, чиј рејтинг, на стартот и онака беше понизок од почетниот рејтинг на неговите тројца последни претходници- Обама, Буш и Клинтон.

„Откривање“ на Европа

Мораше да замине од Белата куќа. Многу подоцна се разбра дека е во Европа, дека патува низ континентот и дека почнал да работи на „ откривањето“ на Европа. Попрецизно на ЕУ , но не таква каква што таа се изградува, туку ЕУ каква што тој ја замислува- поделена како што некогаш беше континентот, водена од национализмот и од политичари кои ја пропагираат ултрадесничарската идеологија, продавајќи им ја на масите како спасоносно решение низ популизмот.

Во изјавите што им ги дава на европските медиуми Бенон не крие дека сака да создаде „Црна Алијанса“ која овој Американец би сакал да ја постави наспроти ЕУ и процесот на европското интегрирање. Во таквата алијанса тој замислува да се најдат што е повеќе земји-членки на ЕУ, па особено му се омилени Унгарија на Виктор Орбан, сегашна Полска, Италија со Лига на Матео Салвини, шпанската Вокс и таквото друштво од некои скандинавски држави. Но, главниот интерес го има ставено врз ултрадесничарите во Франција, на Марин ле Пен.

Таа навистина, повеќе не зборува за излегување од ЕУ, ниту за откажување од еврото, што едно време го застапуваше. Се откажа дури од својот татко, во настојувањето да ја прикаже својата партија ослободена од обвинувањата за расизам, исламофобија и антисемитизам, за да изгледа поумерена, отколку што таа е навистина. Но, таа никогаш се нема огласено против злото на национализмот и на омразата. Бенон, пак, на европскиот континент почна да ги селектира „другарите“ , па за да изгледа како да се дистанцира од „црнилата“ , јавно се оградуваше од Холанѓанецот Герт Вилдерс и од грчката Златна Зора, зашто тие биле расисти.

Половичен успех

Всушност, за „ тивкиот Американец“ сите членки на Унијата се интересни и се потенцијални кандидати за неговата „ алијаса“ , бидејќи знае дека злото на национализмот ( одново) „шета“ низ континетот, тргнувајќи од европскиот Исток, од некогашните комунистички држави. Токму тоа, сака да го искористи како орудие за растурање на ЕУ, која нему (!?)  а тоа е очигледно,  според тоа како се однесува и делува, многу му пречи. Затоа,  не чекајќи ги конечните резултати од изборите за европскиот Парламент, Бенон побрза да го поздрави  „триумфот“ на Ле Пен во Франција и да ги погреба ЕУ и европските интеграциски процеси.

Во изјава за еден француски медиум тој воодушевено рекол дека Ле Пен и нејзините ултра-десничари го „ усмртиле проектот за европската интеграција“ , затоа што го поразила францускиот проевропски претседател. Се покажа, меѓутоа, дека таа освои само 0,9 отсто повеќе гласови од партијата на Емануел Макрон, Републиката маршира. Тој не е првиот француски политичар ( како од левицата, така и од десницата) кој ги бранел и ги брани ЕУ и европското интегрирање, за да бидат отпишани , после еден ваков изборен резултат,  само затоа што за него има  зборувано актуелниот француски претседател.

Освен тоа,  Ле Пен овојпат има постигнато полош резултат отколку пред пет години, на тогашните евро избори. Тоа не зборува дека нејзината идеологија, идентична со онаа на Бенон, воодушевено се прифаќа за да може се „ закопаат“ и Макрон и европската идеја. Конечно, и покрај напредокот на националистите и популистите и нивното влегување во Парламентот на ЕУ, не се случи десничарски „ потоп“. Традиционалните проевропски партии, кои се моторот на европското интегрирање, иако во Германија останаа со намален број европратеницисега, во основа,  се подзасилени со силниот напредок на Зелените, кои по правило се левичарски определени и на Либералите.

Напуштена идеја

Стив Бенон во неговиот „ десничарски марш“ низ континентот се судира со своето непознавање на Европејците и на Европа и на различното однесување и определување на гласачите, кога гласаат за Парламентот во Стразбур и кога се одлучуваат кому ќе му дадат доверба на изборите во своите земји. ЕУ не е државна творба, каква што е САД, на пример, туку сојуз (унија) на независни држави.

Идеите од пред петнаесетина години – да се создаде некаква „ Соединети држави на Европа“ – како одговор на предизвиците од другата страна на Атлантикот, се напуштени, па интеграциските процеси се одвиваат на поинаква основа. Како расте ЕУ, се е поочигледно дека треба да се поправат некои работи и можеби и да се преразгледа Лисабонската спогодба ( недеклариран европски Устав), но тоа е далеку од она што го посакува Банон- растурање на Унијата и ако и воопшто има некаква интеграција- тоа да се претвори во старата ЕЕЗ ( заедница на Европејците само на економски основи).

Тоа е она што го сакаат десничарите во британската Конзервативна партија и тамошните тврди брегзитери, сметајќи дека така Британија ( одново) би била вистински „ велика“ како во времето на кралицата Викторија. Таквата „ реформа„ за Европа ја посакуваат и евроскептиците од разни национални бои, посебно на Истокот од континетот, откако за 15 години членство имаат добено, дури 375 милијарди евра, од европските фондови, за целосно репарирање на своите држави и за позабрзан развој, за да го достигнат поразвиениот Запад и просекот на ЕУ.

За чија сметка?

Некои  од тие земји сметаат дека она што е направено е направено, па сега одново треба да се вратат само на своите „ национални ( државни) интереси“ и да се однесуваат како пред да ја прифатат обврската за почитување на европските вредности во правото, демократијата и во општеството.

Со ваквите свои гледања , посебно видливи, во земјите од Вишеградската четворка, само им се прави голема услуга на Бенон и на оние кои ја подржуваат неговата идеологија. Американецот , пак, како што вели, е задоволен од  успехот на неговата европска мисија и смета дека  сите десничари, популисти и националсти, сега треба  да се здружат и токму тие ( а не проевропејците) , да го предводат европскиот Парламент и да ја креираат новата европска политика.

Прашање е само за чиј интерес.

Кому му треба една ваква ЕУ ( и Европа), одново разделена, ослабната и разединета. Британските тврди брегзитери и нвниот предводник десничар, Најџел Фараж, кого Бенон го обожува, не кријат што им е целта, па тоа  би сакале  да го спроведат низ излегување од ЕУ без договор со Брисел. Притоа, што е типично за сите популисти- сокривајќи се зад  демагогијата и гласот на Британците од јуни 2016, на референдумот за ЕУ.

Стравувања и сомнежи

Москва и Русија на претседателот Владимир Путин, секако, би биле воодушевени од евентуално ваква разврска. Кремљ во последните пет-шест години не крие дека „ закана“ за себе гледа во една стабилна и силна ЕУ, а не толку во НАТО. Затоа прави се, за да го ослабне единството во Унијата, потикнувајќи ги и помагајќи ги сите ултра десничари, посебно Ле Пен и нејзиното друштво, но и  роварејќи низ континентот, провоцирајќи меѓунационални тензии и подржувајќи авторитарност и популизам, дури и во оние држави  кои сакаат да и се приклучат на ЕУ.

Кина која исто така „ шета“ низ просторот на Унијата, со широко отворен фронт од инвестиции, се однесува поинаку. Пекинг јавно зборува дека сака силна ЕУ. Тоа може да е искрено, но може да е само стратегија за „ успивање“ на европските политичари.

Останува уште нејасно  колку  Стив Бенон е  врзан ( доколку е )  за својата поранешна функција- стратег на претседателот на САД- а , посебно,  колку официјална Америка има удел во „ алијансата“ што во Европа сака да ја направи нејзиниот некогашен државен службеник. Администрацијата во Вашингтон , постојано уверува дека во ЕУ гледа само партнер и сојузник и дека ги подржва сите европски процеси, вклучувајќи ги и оние од регионот на Западен Балкан. Сомнежот кај Европејците доаѓа од тоа што (изгледа) некои од европските лидери за кои Бенон е полн со пофалби, исто така „ се на цена“ и кај американскиот претседател.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе