Поврзете се со нас

Skopje Global

Крај на “династијата” Ганди?

Свет

Крај на “династијата” Ганди?

f9photos/BigStock.com & Indian National Congress

Крај на “династијата” Ганди?

Нарендра Моди го започна својот втор по ред петгодишен мандат како премиер на Индија, откако на парламентарните избори, минатиот месец извојува уште една уверлива победа. Моди и неговата Баратија Џаната Партија (БЏП), во новиот состав на индискиот Парламент (Лок Сабха) имаат обезбедено апсолутно мнозинство.

Нивниот главен политички противник, барем според предвидувањата пред изборите, Конгресната партија, која овојпат ја предводеше Раул Ганди, меѓутоа, доживеа уште тежок пораз.

Таквата разврска на изборите, уште веднаш по соопштувањето на резултатите, го отвори прашањето за тоа што се случува со најстарата индиска партија, историска творба на Нехру и Ганди, како и за тоа што ќе биде со младиот лидер на партијата, потомок на политичката династија Ганди.

Двата едно подруго порази од БЏП и од Моди, покажуваат дека партијата продолжува да живее во длабока криза, неможејќи да стане одново привлечна за индиските гласачи, индиректно признавајќи дека се уште нема “материјал“ што би можела да го понуди како алтернатива против Џаната партијата.

“Политички принц“

Раул Ганди помалку детински признава дека не може да го објасни успехот на Моди.

“Па, тој ги нема исполнето ветувањата што ги има дадено на минатите избори во 2014 година. На Индија сега и е полошо, но луѓето, сепак, му веруваат“

…им признал актуелниот лидер на Конгресната партија.

Партиските аналитичари и стратези настојуваат да утврдат што е тоа што оваа порано уверливо најпривлечна индиска политичка сила ја направи неинтересна за да гласачите на два едно, по друго избори, во толку голем обем, и го свртат грбот. Наместо остарениот лидер на БЏП, Моди, Конгресната партија на Индусите, овојпат, им го понуди младиот Раул, син на поранешниот индиски премиер Раџив Ганди, убиен во атентат од тамилските сепаратистички бунтовници и на Соња Ганди, инаку Италијанка по потекло, која ја предводеше Конгресната партија цели 19 години, од 1998 до 2017 година.

Па сепак, ниту тоа не помогна. Младиот Ганди, кого во индиската политичка јавност, цинично го нарекуваат “политички принц“ успеа само да доживее помал пораз отколку оној на неговиот претходник, пред пет години, но вкупниот успех на Моди сега е дури и поголем.

Лидер без харизма?

Во медиумите во индискиот главен град има навестување дека “принцот“ (без разлика на своето потекло) ќе мора да го плати цехот на поразот, со својата оставка.

Меѓутоа, водството на партијата, барем засега, уверува дека тоа нема да се случи и дека еден Ганди ќе мора и натаму да ја предводи партијата што ја има основано Џавахарлал Нехру, уште пред конечното ослободување на Индија од британското колонијално ропство.

Домашните аналитичари, пак, тврдат дека проблемот со оваа стара партија е во тоа што таа е династички поставена, уредена и раководена.

Доволно е да се роди дете во семејството Ганди, па да верува дека за него ќе има место во индиската политика и да дотурка до нејзиниот врв, како премиер. Затоа се верува дека како и да одлучи водството на партијата и самиот Раул, годинешниот изборен пораз се смета дека значи почеток на крајот на политичката династија Ганди.

Особено што, како што велат познавачите на состојбите во тамошната политика и посебно во оваа партија, Раул Ганди ја нема енергијата (или можеби и харизмата) на својата баба, на таткото, па дури и на неговата мајка, иако таа само го има стекнато презимето, откако се има омажено за Раџив, помладиот син на Индира Ганди.

Наспроти еден ваков кандидат на опозицијата, кого го напаѓаат дека станал лидер на партија и кандидат за премиер само затоа што има презиме Ганди, Џаната партијата на гласачите, на два пати, им го понуди Моди, политичар кој има скромно потекло.

Единствен случај

Примерот со политичката династија Нехру/Ганди е единствен случај во светската политичка историја и пракса. Во Латинска Америка и во Африка, на Блискиот Исток, како и во делови од Азија има примери кога сопругата го наследува сопругот.

Има случаи синот да го наследи таткото (таткото и синот Башар, во Сирија) на пример, како да станува збор за кралство, а не за република. Има примери и кога од едно семејство излегуваат цела низа политичари и притоа, претендираат да стигнат до врвот, како семејството Кенеди во САД, или пак семејствата Караманлис, Папандреу и Мицотакис во Грција, но индискиот пример, сепак, е уникатен.

Тој почнува со Нехру, првиот премиер на независна Индија кој на таа функција ќе остане најдолго во досегашната индиска историја – од 1947 до 1964 година. Две години потоа, како премиер ќе се јави неговата ќерка, Индира, мажена во семејството Ганди.

Таа одново ќе биде премиер меѓу 1980 и 1984 година, а кариерата и животот и беа прекинати во атентат на припадници на милитантните Сики. За нејзин наследник, Конгресната партија го имаше определено нејзиниот постар син Санџаи, но тој загина во авионска несреќа, па во политика беше брзо прекомандуван неговиот брат, Раџив.

Тој ја наследи мајка си и беше премиер, велат успешен, од 1984 до 1989 година, кога во текот на предизборната кампања за втор петгодишен мандат беше убиен од бомбаш самоубиец на југот од Индија.

Брат и сестра

Партијата подоцна и беше доделена на неговата вдовица, Соња која само затоа што беше странкиња по потекло, не можеше да биде премиер, ниту да се кандидира за таа функција. Остана само пратеник во Парламентот.

Во тие години, под нејзино водство Конгресната партија, меѓутоа, почна да се осипува, што некои го припишуваат на нејзиниот карактер и на незадоволството на традиционалистите, една натурализирана Индијка да ја води партијата.

Таа, сепак, во политиката ги смести своите две деца, синот Раул и ќерката Пријанка, што никого во Индија не изненади, но што изгледа не им се допаѓа на сегашната генерација индиски гласачи.

Раул ја наследи мајка си на лидерската функција во партијата, во 2017 година, но доколку ќе мора да си замине од таму, семејството има резервен играч – Пријанка Ганди.

Таа е политички активна помалку од една година. Како сестра на Раул постојано е со братот во политичкиот живот, па се смета дека партијата сега, практично, има двајца лидери. Многумина, затоа типуваат дека токму таа ќе биде следниот лидер на Конгресната партија.

За неа сите велат дека само таа може да ја покрене партијата на нејзиниот прадедо Нехру и да и внесе живост, особено што за неа се зборува дека ја имала харизмата на нејзината баба – Индира Ганди. И, секако, да не дозволи династијата да исчезне.

(Д.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе