Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Полубратот на Ким-американски шпион ?

ThamKC/Bigstock.com

Полубратот на Ким-американски шпион ?

Полубратот на севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-ун, кој пред две години беше убиен на аеродромот во Куала Лумпур, во Малезија , работел за американската разузнавачка агенција ЦИА, како информатор, јавуваат американски медиуми.

Медиумите цитираат неидентификувани извори, според кои постоела врска меѓу американската тајна служба и полубратот Ким Јонг-нам. Тој беше  убиен во атентат, кога во  неговото лице беше испрскан нервен агенс. Пред и да може да интервенираат малезиските лекари, Јонг-нам почина. Убиството се случи во февруари 2017 година.

Основа за тврдењето дека полубратот на семоќниот лидер на Северна Кореја бил поврзан со ЦИА и соработувал со американските разузнавачи, може да се најде во штотуку објавената книга „ Големиот наследник“ на новинарката на „Вашингтон Пост“ Ана Фајфилд, што таа ја има напишано за северкорејскиот диктатор.

Во книгата Фајфилд тврди дека Ким Јонг-нам, обично, се среќавал со својата врска во Сингапур, или во Малезија. Авторката посочува дека постои безбедносна снимки од неговото последно патување во Малезија, на кои се гледа како во лифтот на хотелот разговара со маж, од азиско потекло, за кој новинарката  смета дека е американски агент.

Во ранецот на Јонг-нам локалната полиција има пронајдено 120 илјади американски долари, во готови пари, за кои Фајфилд верува дека станува збор за парите за неговите активности со разузнавачите на САД. Постои, меѓутоа, и мислење дека парите би можеле да бидат и заработувачката од неговиот касино- бизнис.

Две жени кои беа обвинети и осудени за убиството на Јонг-нам, подоцна и двете беа ослободени. Тие од почетокот се бранеа дека биле „ намесетени“ за да бидат фатени и осудени за убиство, тврдејќи дека верувале оти станува збор за некаква тв забавна програма, во стилот на „ Сокриена камера“ кога им било речено да го испрскаат во лица човекот што им бил посочен.

Според малезиските власти, четворица мажи, за кои се верува дека се Севернокорејци, ја напуштиле Малезија од аеродромот во Куала Лумпур, на денот од убиството, сега се обвинети за убиството на Ким Јонг-нам, но остануваат недостапни за властите.

Во САД се запленети 16,5 тони кокаин

Околу 16,5 тони кокаин, во вредност од над 1 милијарда долари, се откриени запленети од еден брод во пристаништетот во Филаделфија, соопшти американското Министерство за правда. Станува збор за една од најголемата пратка на шверцувана дрога што требаше да биде внесена во САД во криминалната историја на земјата.

Кокаинот бил сместен во седум бродски контејнери.

Властите соопштија дека полицијата има уапсено двајца членови на посадата на бродот„ Гајен“ регистриран во либерскиот главен град Монровија. Станува збор за Иван Ѓурашевиќ, инаку црногорски државјанин, со постојано живеалиште во Будва. Другиот уапсен е Фонофавел Тиасагу.

Двајцата признале дека помагале за за да се натовари кокаинот на бродот, во текот на неговото пловење низ неколку јужноамерикански држави. Според бродкста книга , бродот со контејнери, во текот на минатиот месец, бил во пристаништата во Чиле, Перу, Колумбија и Панама

Сопственик на бродот е компанијата „ Медитераниан Шипинг“ . Таа потврдила дека знае за случајот и дека соработува со американските правосудни власти.

Две претходно поголеми откритија на дрога во САД се случиле во 1989 година, кога еднаш во Калифорнија, а вториот пат во Тексас се фатени и запленети пратки со кокаин  од 21, односно од 14 тони од оваа дрога. Кокаинот важи за најпопуларна дрога на илегалниот пазар во САД.

Околу илјада уапсени демонстранти во Казахстан

Безмалку илјада лица се уапсени од полицијата во Казахстан, во текот на неколкудневните антивладени протести во оваа средноазиска држава, поранешна советска република. Масовните протести на улиците на Алма Ата и другите градови, избувнаа ведбаш по одржаните претседтелски избори, за кои опозицијата тврди дека се наместени и режирани од тридеценискиот владетел Нурсултан Назарбаев кој ( неочекувано) за него и за оваа земја, одлучи да се повлече од претседателската функција, откако владееше уште од времето на распадот на поранешниот Советски Сојуз.

Демонстрантите и опозицијата не сакаат да ја прифатат  победата на Касим Јомарт Токаев, за кого велат дека е само продолжена рака на досегашниот режим, затоа што е близок сојузник и соработник на Назарбаев. Полицијата ги објасни масовните апсења затоа што тие биле прогласени од владата како „ илегални и незаконски“ , затоа што претходно не биле одобрени од властите.

Ваков закон има и во Русија. Последните протести избувнале откако бил уапсен и поетот Ринат Заитов, бидејќи ги критикувал изборите.

Принцот Салман „одговорен“ за смрта на Кашоги

Саудискиот крунски принц Мохамед Бин Салман и уште неколкумина други високи функционери на Саудиска Арабија се „ посебно одговорни“ за убиството на Џамал Кашоги- тврди правен експерт на ОН.

Ањез Каламар објаснува дека постојат „ силни докази“ за инволвираноста на принцот во смрта на Кашоги, како и дека тие налагаат покренување натамошна истрага која би ја предводеле независни и непристрасни правни експерти.

Кашоги (58) беше убиен на 2 октомври минатата година, во саудискиот конзулат во Истанбул од саудиски агенти. Официјален Ријад тврди дека тие не дејствувале по налог и со знаење на принцот. Во ова меѓувреме, властите во Саудиска Арабија, во посебна истрага, уапсија и обвинија 11 лица кои досега не се идентификувани. Ним им се суди за убиството на Кашоги, зад затворени врати. Обвинителот побара смртна казна за петмина од обвинетите.

Но, Каламар тврди дека ова судење не ги задоволува меѓународните правни стандарди, па затоа бара процесот да биде прекинат

Џамал Кашоги кој има и американско државјанство и пасош на САД, па повремено живее таму, беше новинар- колумнист на „ Вашингтон Пост“ и публицист. Важеше за остар критичар на саудиската реалност и посебно на младиот принц-престолонаследник Салман, за кого тврдеше дека тој, а не неговиот татко, кралот Салман, владее со земјата.

Кашоги бил во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да подигне свои документи, неопходни за неговата венчавка со една турска државјанка со која подолго време бил свршен. Никогаш не излезе жив од конзулатот.

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе