Четворица обвинети за соборениот авион кај Донецк
Прв пат по безмалку пет години, од соборувањето на патничкиот авион на компанијата “Малезија Ерлајнс“ врз Источна Украина, во кои загинаа 298 патници и членови на екипажот,, холандското обвинителство и неговиот главен обвинител Фред Вестербеке, обвинија четири лица.
Тројца од нив се руски државјани, сите поранешни функционери и оперативци на руските тајни служби, а еден од обвинетите е Украинец. За него се вели нема директна врска со војската и со разузнавањето, но командувал со една единица на проруските бунтовници во источниот дел на Украина, во времето кога е соборен авионот.
Руски екс разузнавачи
Станува збор за Игор Гиркин, познат и како Стрелков, поранешен полковник на руската разузнавачка агенција ФСБ (Сојузна служба за безбедност). Кај бунтовниците тој ја имал позицијата “министер за одбрана“ во реонот на Донецк. Се верува дека бил највисоко рангиран офицер во бунтовничкиот регион кој бил директно поврзан со Москва.
Втор обвинет е Сергеј Дубински, припадник на руското воено разузнавање ГРУ. Во Донецк бил заменик на Гиркин и имал редовни, регуларни контакти со Русија. Третиот Русинец е Олег Пулатов, поранешен оперативец- војник на специјалните сили на ГРУ. Кај бунтовниците ја имал улогата на заменик шеф на разузнавањето.
Според холандскиот главен обвинител, “иако тие четворицата, не го притиснале копчето за лансирање на ракетата, која го собори авионот, ние ги сомничиме за тесна соработка за да се постави ракетниот лансер, каде бил поставен, притоа имајќи само една цел- да се собори воен авион“. Затоа, обвинителството тврди дека тие “имале значајна улога во смртта на 298 невини цивили“, па четворицата се обвинети за убиство.
Обвинителство сега соопшти дека има докази кои потврдуваат оти Русија им го има испорачано ракетниот систем и лансерот.
Лансерот од Курск
За тоа може да се повика и на заклучокот на заедничката, меѓународна истражна комисија, составена од експерти од пет држави, од мај минатата 2018 година, според кој лансерот што го донеле тројцата Руси и Украинецот, и припаѓал на 53-тата против-воздушна ракетна бригада, стационирана во околината на рускиот град Курск. Обвинителството има докази и за тоа како ракетниот систем бил префрлен преку границата, од Русија во реонот на Источна Украина, каде оперирале проруските бунтовнички сили, што и сега го имаат под своја контрола и каде во меѓувреме имаат прогласено “независна донецка република“.
Австралија и Холандија, ја обвинија Русија дека е одговорна за соборувањето на малезискиот патнички авион. Москва, пак, отфрла секаква поврзаност со соборувањето на авионот, бранејќи се дека “ниту еден ракетен руски систем не ја има преминато руско-украинската граница“.
Авионот “Боинг 777“ полета од аеродромот “Шипхол“ во Амстердам на својот редовен лет МХ17 до Куала Лумпур, на 17 јули 2014 година. Според редот на летањето во главниот малезиски град требаше да слета следниот ден. Неколку часови по полетувањето, меѓутоа, контролата на летањето го загуби контактот со авионот на 50 км. од источната, украинско-руска граница, кај Донецк.
„Бук“ го собори “Боингот“
Тоа беше време на жестоки воени судирања меѓу проруските бунтовнички сили, обилно материјално и воено помагани од Русија и украинската армија. Во тој дел од земјата, во претходните денови, неколку украински воени авиони беа соборени од бунтовниците, додека владините сили ги бомбардираа бунтовничките позиции.
Во октомври 2015 година, една специјална холандска експертска комисија утврди дека малезискиот патнички авион бил погоден со ракета од типот “Бук“ испукана од лансер од руски против-воздушен ракетен систем. Официјална Москва безмалку пет години, постојано тврди дека нема ништо со соборувањето на авионот, а го отфрли и решението на холандското обвинителство за покренување формално обвинување за четири лица.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се вели дека станува збор за “уште еден обид да се дискредитира Русија во меѓународната јавност“. Холандски неидентификувани извори тврдат дека Москва никогаш не сакала да се вклучи во истрагата, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков има изјавено дека тоа не е точно. Според руската страна, Москва сакала да и се приклучи на истрагата, но дека секогаш повеќе им се верувало на Украина и на нејзините, како што се нарекуваат “фабрикувани“ податоци и сознанија.
Меѓу загинатите – 80 беа деца
Во јули 2015 година, Русија стави вето во Советот за безбедност на ОН, на иницијативата за формирање на посебен, меѓународен трибунал што би го разгледал целиот случај со соборувањето на еден цивилен авион.
Во него, најголем број од патниците беа Холанѓани (193). Меѓу патниците имаше и Малезијци (43), па 23 Австралијанци, 12 Индонежани, десетмина Британци, како и државјани на уште неколку други земји. Дури 80 деца, беа убиени од ракетата “Бук“ која го има погодено “Боингот“ на левата страна, меѓу крилото и пилотската кабина, по што тој се урнал од експлозијата од височина од над 10 илјади метри.
Холандското обвинителство покрена и меѓународна потерница за апсење на четворицата обвинети, а закажа и судење за 9 март во следната 2020 година.
Останува отворено прашањето за тоа како да се дојде до обвинетите. Русија не дозволува екстрадиција на свои државјани во други земји, повикувајќи се на својот Устав. Властите во Киев, пак, најавија дека веднаш ќе тргнат во потрага по четвртиот обвинет, Украинецот Леонид Харченко.
Безбедносни експерти, меѓутоа, проценуваат дека би можело да се открие дека тој повеќе и да не е меѓу живите, дека може да е убиен во борбите во Источна Украина.
(С.С.Г.)