Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Меркел за Вебер-Макрон за Барније

artjazz/Bigstock.com

Меркел за Вебер-Макрон за Барније

Земјите членки на ЕУ и нивните политички лидери, во деновите до крајот на јуни, интензивно работат за постигнување консензус околу именувањето нови личности за четирите, од петте најважни функции во Унијата. Се одлучува за наследник на Жан Клод Јункер на функцијата претседател на Европската комисија (ЕК), за нов претседател на Европскиот Совет, функција која досега ја извршуваше Доналд Туск, за нов претседател на Централната европска банка (ЦЕБ) што досега ја раководеше Марио Драги и за наследник на Федерика Могерини на функцијата Висок претставник за надворешна политика и безбедност.

Првиот обид на европските лидери да определат кој да ја предводи европската влада, во следните пет години, на местото на Јункер кој беше на функцијата само еден мандат, не успеа. Ниту еден кандидат не успеа да добие најмалку 21 глас, од максималните 28, иако расправата се оддолжила до раните утрински часови. Затоа ќе мора да има нов Самит, што веќе е закажан за 30 јуни, на само два дена пред отворањето на сесијата на новоизбраниот европски Парламент, на која би требало да се потврдат сите нови именувања.

Тројца кандидати

Во игра се тројца кандидати- Германецот Манфред Вебер, од десноцентристичкиот блок партии кој на мајските европски избори, одново освои најмногу европратеницикоја. Тој ја има подршката на канцеларот Ангела Меркел, но овој партиски блок сега нема уверливо мнозинство како во досегашниот состав, па Вебер и Германија се принудени да обезбедат компромис со други партии, но и внатре со членките на Унијата.

Силен кандидат за наследник на Јункер е и ветеранот во ЕУ, Холанѓанецот Франс Тимерманс, од блокот на левоцентристичките партии и на социјалистите, чија позиција, како и на десницата, е ослабната по годинешниве избори. Во играта за нов претседател е и досегашниот еврокомесар од Данска, Маргрет Вестагер, од блокот на либералните партии кој, пак,  е засилен, како и партиите на Зелените кои на своја страна имаат привлечено дел од традиционално левичарските гласачи.

Неуспехот да се определи нов претседател на ЕК, уште при првиот круг, се објаснува со ослабнатите позиции на десноцентристичките и левоцентристичките партии кои сега не можат да создадат голема коалиција, без подршката на уште некој, либералите на пример. Но, засилената позиција ги има охрабрено либералите, па тие сега бараат многу повеќе за себе, како од десноцентристичките , народни партии, така и од партиите на левиот центар, каде би била потребна подршката и од Зелените.

Француско-германски разлики

Германија и Меркел, како и целиот тој партиски блок се на позиција дека Вебер треба да ја предводи Европската комисија, како што тоа беше и досега ( Јункер беше избран од тој блок), затоа што имаат најмногу европратеници. Но, овојпат Берлин ја нема подршката на Париз кој ( барем засега), изгледа,  не сака туку така да им ја остави функцијата претседател на ЕК на Германците. Уште повеќе, францускиот претседател се тврди дека има свој кандидат- поранешниот шеф на француската дипломатија, Мишел Барније кој три години е врзан за британскиот Брегзит, како главниот преговарач на ЕУ со Велика Британија. Претходно, ниту Барније (78) а нити Париз, навестуваа дека имаат „ свој човек“ за оваа европска функција.

За Макрон се вели дека настојува неговата партија да се идентификува со блокот на европските либерали, но за годинешново распределување на европските функции,  нуди свој кандидат за предводник на владата на ЕУ, не прифаќајќи Франција,  само да ја подржи данската кандидатура и Вестагер. Пред заминувањето од Брисел, тој само кусо им рекол на новинарите дека не била постигната согласност за ниту еден од кандидатите.  Германскиот канцелар Меркел инсистира на, како што има речено, заедничко решение, за кое ќе мора да се трага до следниот викенд.

Впечаток е дека Париз и Берлин  ќе мора да се спогодат. Германците уште од пред една година имаат најавено дека сакаат  Германец да биде на челото на ЕК, но Французите, под водството на Макрон, се почесто покажуваат дека стариот, добар германско-француски мотор кој ја движи напред ЕУ, во последно време не работи како во минатото. И францускиот претседател и германскиот канцелар веќе имаат потврддено дека не секогаш се согласуваат „ од прво“ за европските работи ( вклучувајќи го и давањето датум на Македонија, за почеток на преговорите, по 14 години кандидатски статус и за прв пат, без никаква забелешка  на европската влада) . На тоа, Макрон, сепак, има речено дека иако често има различни позиции со Меркел, на крајот успеваат да се усогласат.

ЕУ после Меркел

Според тоа, Франција би требало да го прифати Вебер, но прашање е што би барала и би добила за возврат. Таквата ситуација во односите меѓу Париз и Берлин, не претставува големо изненадување, осоено кога се знае дека Макрон и Франција сакаат да се наметнат како предводници на ЕУ, сега кога Велика Британија самата „ бега“ од Европа во некоја своја „ самоизолација“ , а Германија се подготвува за пензионирањето на Меркел, на која, пак, и останува само да го доработи својот мандат како канцелар. Во таквата политичка атмосфера се вклопува и годинешново распределување на европските функции.

Од друга страна, излегува дека не беа случајни „ гласините“ во дел од европските медиуми, дека Германката бара за себе некое место во Европа и дека би се повлекла од канцеларската позиција и порано, не чекајќи го крајот на мандатот, ако се најде некоја висока функција . Таа почувствува потреба самата да демантира, па одново рече дека на крајот од сегашниот мандат ќе си замине  од политиката. Но, токму изминатите денови дел од медиумите цитираа една изјава (?) на Макрон дека доколку Меркел се кандидира за функцијата претседател на Европската комисија, веднаш ќе ја добие француската подршка !

Така или не, нејасно е дали тоа Париз „ сака само да се пазари“ или едноставно не и се допаѓа Вебер, како кандидат за наследник на Јункер. Тој на новинарите во шега им има речено дека „ се покажало  оти не е лесно да биде заменет“ . од помалите земји-членки најавуваат дека заедничко решение, до 30 јуни, сепак, ќе биде изнајдено.

Контрирање од Истокот

Другите во Унијата, сепак, веруваат дека до следниот викенд, до 30 јуни, ќе биде изнајдено заедничко решение. Но, до него, во секој случај, нема лесно да се стигне, меѓудругото, и поради тврдата позиција на некои од источно-европските земји, а пред се од земјите на некогаш напредната Вишеградска четворка. Полска и Унгарија и нивните националистички и популистички влади не го сакаат Тимерманс, затоа што тој како досегашен потпретседател на ЕК влезе во судир со Варшава и Будимпешта кои почнуваат да забораваат на европските стандарди кога станува збор за независноста на судството и на медиумите , како и на стандардите врз кои почива ЕУ, што ги имаат прифатено при влегувањето во Унијата, на 1 мај 2004 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, освен тоа, јавно има речено дека не е задоволен ниту од Вебер, без разлика што би требало да е близок до тој блок партии, иако неговата партија Фидес беше од таму суспендирана, поради јавната пресметка со Брисел и ЕК. Впечаток е дека Орбан „ има проблеми“ и со либералите, а  и со Макрон кој во ноември минатата година, остро ги нападна десничарењето и национализмот на Истокот од Европа, како и нивното спротивставување на почитувањето на стандардите на ЕУ на кои се обврзани, сега откако во изминатите 15 години, од европските фондови за побрз развој ( сите нови членки) имаат примено 375 милијарди евра. Само Полска има добиено 135 милијарди.

Европската комисија, која е некаков вид влада на ЕУ, е најважната европска институција. Таа ги изработува нацртите на сите законски и правни акти на Унијата, ги надгледува националните буџети на земјите членки, врши спроведување на законите на ЕУ и води преговори за склучување на меѓународни трговски договори. За изборот на претседател на комисијата, обично, се почитуваат резултатите од изборите за Европскиот Парламент и тоа кој блок партии има најмногу европратеници, но лидерите на земјите членки, не се обврзани на тоа и може да изберат личност околу која тие ќе се согласат- со консензус.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе