Поврзете се со нас

Skopje Global

Кавга за црквата и политиката

Западен Балкан

Кавга за црквата и политиката

KarinaBost/BigStock.com

Кавга за црквата и политиката

Црна Гора и Србија уште еднаш се во прекугранична расправија, овој пат за црквата, иако впечаток е дека зад религијата, верувањето и историјата, има многу актуелна политика, или она што некои белградски аналитичари го објаснуваат како “производство на постојан судир“ на Белград со Црна Гора.

Овој пат, поводот за кавгата во која се вклучени највисоките функционери и од двете држави, е предлог-законот на владата во Подгорица за слободата на вероисповеста, или верувањата и за правната положба на верските заедници во Црна Гора. Со предлог-законот сите верски заедници- а тоа значи Српската православна црква (СПЦ), како и католичката црква и исламската верска заедница, ќе мораат да докажуваат дека пред 1918 година (пред формирањето на Кралството Југославија), биле сопственици на црковниот имот со кој сега располагаат.

Владата смета дека станува збор за важно прашање за државата, на нејзиниот пат кон Европа и за сите нејзини граѓани, но во соседна Србија, а пред се, во политички Белград на тоа гледаат со сосема поинакви очи.
Белград ја брани СПЦ

За српскиот државен врв, како и за СПЦ, законот претставува директен атак врз српската црква, врз нејзиниот имот и врз Србите во Црна Гора. Во острата реакција на српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ се вели дека иако ова е работа за што треба да решава црквата, понудениот закон ќе предизвика „тешки последици врз билатералните односи“ на двете држави.

Тој е лут на реакцијата на владата во Подгорица на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ околу ова прашање и уште им се заканува на црногорските власти “да не се осмелуваат да го грабнат Острогошкиот манастир кој и припаѓа на СПЦ“. Во својот препознатлив стил на комуникација, овој министер предупредува дека „тешко поминале сите оние кои грабнале свети места“!

СПЦ преку изјавата на патријархот Иринеј тврди дека власта во Подгорица “сака да ги грабне српските црковни имоти“ (на црногорската територија), обвинувајќи го црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ дека го “прави она што ниту Турците, ниту комунистите го немаат направено“ Врвот на српската црква, едноставно, не верува во објаснувањето на црногорските власти дека законот се однесува за сите верски заедници, не само за СПЦ, како и дека никој нема да одземе нечии имот, бидејќи сопственоста е загарантирана со Уставот на земјата.

Проблемот во Белград е што таму не може да прифатат нивната СПЦ да биде изедначена со другите верски заедници и посебно што при промоцијата на предлог-законот Ѓукановиќ порачува дека интензивно ќе се работи на обновата на автокефалноста на Црногорската православна црква (ЦПЦ). Во Подгорица велат дека автокефалноста е “историски факт, затоа што како таква црквата постои уште од 19 век“. Автокефална црногорска црква се споменува во Синтагмата од 1855 година на сите тогаш постоечки самостојни цркви, а автокефалната црква е внесена и во Уставот на Кнежевството Црна Гора.

„Атеист создава црква“

Воинствениот митрополит на СПЦ, Амфилохије намерата на црногорскиот претседател за обнова на автокефалноста ја исмева, тврдејќи дека “никогаш не постоела самостојна црква во Црна Гора“, дека станува збор само за СПЦ и дека во случајот на Ѓукановиќ – “за прв пат еден атеист создава црква“.

Актуелниот српски претседател Вучиќ, не оди толку далеку во реакцијата. Тој како што рекол, “замолува“ законот да се повлече и воопшто да не се усвои, инсистирајќи дека „Српската црква со векови е на таа почва (Црна Гора), затоа што е заштитник не само на (тамошниот) српски народ, туку и на оние кои се чувствуваат Црногорци“. Официјален Белград уште најавува дека преку Венецијанската комисија на Советот на Европа ќе бара законот да не се усвои. Образложението е дека “не е добар за српскиот народ (во Црна Гора)“, а ќе ги загрозел и односите меѓу двете држави.

На ваквата порака, од Подгорица одговориле со соопштение во кое се вели дека владата никому не му дозволува да влијае врз одлуките што се носат. “Ние сме суверена држава и водиме сметка само за црногорските интереси. Владата во Подгорица нема амбиции да влијае врз законите што се носат во Србија“ – се вели во соопштението кое го разгневи Белград, па од таму се имаат огласено цела низа политичари со обвинување кон црногорските власти.

Црквата го црта просторот за „Голема Србија“

Министерот Дачиќ се јавил со обвинување дека “преку антисрпски позиции и ставови, Подгорица гради политички, државен и меѓународен идентитет“. Друг владин висок функционер инсистирал оти Србија и Црна Гора никогаш во историјата не се карале и меѓусебно не војувале, додека српскиот министер Ненад Поповиќ побарал прекин на односите со Црна Гора, како и прогласување на сите црногорски министри за “персона нон грата“ во Србија.

Реакции има и од другата страна, иако тие се главно помалку воинствени, во обид да се смират тензиите околу предлог-законот кој инаку владата го има усвоено во средината на мај. Во својата реакција на целата оваа ситуација, претседателот Ѓукановиќ во едно тв интервју, меѓутоа, забележува дека СПЦ активно учествува во политичките случувања во земјата и во нејзиниот политички живот, не како верска организација.
Црногорскиот претседател отворено ја обвинува СПЦ дека преку своите четири епархии во Црна Гора, од кои три се преку границата, практично, го оцртува просторот на „Голема Србија“ настојувајќи да се сочува нејзината инфраструктура, што за него е и основната мисија која ја има српската црква.

Тоа според Ѓукановиќ значи дека кога “државната политика (на Србија) ќе погреши, а за актуелната власт во Белград, било грешка што и се дозволило на Црна Гора да стане независна држава, тука е СПЦ, сето тоа, полека и со време да го корегира“. Но, ние нема да дозволиме, современа Црна Гора да живее по диктат на верска организација која претставува реликвија на минатото, бидејќи не може да разбере дека тоа време одамна е поминато- рекол црногорскиот претседател, додавајќи дека и оние кои носат мантија и оние кои носат костуми, треба да разберат дека се подеднакво одговорни кон државата.

Обнова на автокефалноста на ЦПЦ

Што се однесува пак до црногорската црква, тој им порачува и на СПЦ и на официјален Белград дека автокефалноста ќе биде обновена, без разлика дали тоа некому му се допаѓало, или. Конечно, во Црна Гора не се создава нова црква, како што тврди српската црква, туку само со обновува она што било поништено пред 90 години. Медиумите во Подгорица потсетуваат дека ЦПЦ била самостојна до 1918, а ја губи автокефалноста во 1921 година, со создавањето на тогашна Југославија, кога црквата во Црна Гора се укинува со декрет на кралот Александар Караѓорѓевиќ, кој инаку бил внук на црногорскиот кнез Никола и израснал во неговиот кнежевски двор во Цетиње.

“Очекувам Цариградската патријаршија да и ја признае автокефалноста на ЦПЦ, затоа што секоја друга одлука е спротивна на канонското право и на етнофилетизмот“- рекол Мило Ѓукановиќ во телевизиското интервју.

Како и да се коментира интервјуто на црногорскиот претседател, или да се толкува пред-нацртот на законот што подигна толку многу политичко-национален набој, СПЦ и белградската политика, на инсистирањето на Црна Гора да си ја поврати назад еднаш поништената црковна независност, гледаат само како на „антисрпски гест“ (во црковна, национална, но и во државна смисла).

Затоа и се спротивставуваат на таквата можност, настојувајќи да ги убедат Цариград и Вселенската патријаршија да не прифаќаат „нови “ независни цркви, како што во Белград се гледа на постоењето на црногорската и на македонската, онака како што веќе се направи со прифаќањето на автокефалноста на украинската црква.

„Вековно српство“

Од тоа може да се заклучи дека сегашново црковното и канонското спорење, всушност, служи само како параван за негирање на црногорската национална и државна посебност на која се инсистира во Подгорица. Затоа од таму гневно се реагира на одржувањето на атмосферата дека оваа независна држава и натаму треба да се третира како ”српска држава“ или барем како “српска земја“, а за тоа да се користи СПЦ.

Онака, како што историјата од почетокот на 13 век, кога на црковен собир во манастирот Жича, според записите од тоа време, сите српски епископи, вклучувајќи го и оној од Зета (денешна Црна Гора), го устоличиле Сава за прв српски архиепископ, се користи и сега за политички притисок врз една држава, повикувајќи се на „вековното српство“ на тие простори.

Таквото позиционирање на Белград делува многу (западно)балкански, но ниту малку европски. Уште повеќе од држава која претендира дека е подготвена за ЕУ и дека веќе има отворено десетина поглавја, преку кои треба да се реализираат нејзините европски амбиции. Но, очигледно е дека една ваква Србија, тешко се вклопува на европскиот пат, постојано војувајќи со некој од нејзините соседи, притоа, настојувајќи како случајно, секогаш при рака, во ваквите спорења, да ја има Русија.

За која ЕУ тогаш би можело воопшто да се говори, кога на соседната држава и се држат лекции за историја и религија и на неа се притиска да не носи закон, само затоа што (според Белград) наводно им наштетува на Србите во Црна Гора. Како ли би изгледале Европа и ЕУ, кога сега, во 21 век, би се раководеле според средновековните одлуки и решенија од пред 800 години.

Времето кое во Англија и во Европа, на пример, не се памети по устоличувањето на верски поглавар, туку се поврзува за донесувањето на Големата повелба на слободите (Magna Carta Libertatum) или поедноставно кажано, по првиот уставен документ во светот.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе