Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Воени игри во Персискиот Залив

digitalista/Bigstock.com

Воени игри во Персискиот Залив

Меѓународната заедница остана со дилемата- дали светот „ за влакно“ избегна нов воен судир на Блискиот Исток ( меѓу САД и Иран), или пак сето тоа беше само заплашување и тренирање строгост  ( од американска страна) и продавање храброст и одважност ( од иранска).

Неколку часови по соопштувањето дека припадниците на иранската револуционерна гарда собориле едно американско, шпионско, беспилотно летало во Ормускиот морски премин што ги поврзува Персискот и Оманскиот Залив , со неизвесност беше исчекуван одговорот на САД. Особено што претседателот Доналд Трамп порача дека  иранската страна има направено  „ катастрофална грешка“ и дека за тоа скапо ќе плати. Американските медиуми дополнително ја запалија атмосферата, откривајќи дека Трамп во Белата куќа се советува со своите најблиски соработници за тоа каква да биде реакцијата, но дека „ многу е веројатно“ оти САД воено ќе возвратат на иранскиот напад.

Во Вашингтон се тврдеше дека дронот бил над меѓународните води, додека во Техеран инсистираа дека бил повреден воздушниот простор на Иран, па дека откако биле испратени неколку предупредувања, на кои немало реакција, била лансирана ракета со која леталото било уништено.

Има напад, нема напад

Светот, пак, во исчекувањето дали ќе се спукаат двете земји кои се во непријателство изминатите 40 години, забрзано правеше калкулации околу цената што сите ќе треба да ја платат- со цената на нафтата и со можната нафтена ( и економска) криза. Низ Ормускиот канал , секој ден, минува дури една петина од светската нафта, па судир во тој дел од и онака запаливиот регион, не може да остане третиран само како локален, или како обично расчистување на сметките меѓу САД и Иран, особено ако Техеран го блокираше овој воден пат. На тој начин, последици од евентуален американско-ирански судир, па макар и да биде ограничен, секако, би ги почувствувала и пошироката меѓународна заедница

Подоцна се појави смирувачко соопштение, според кое САД нема да ја нападнат територијата на Иран ( се предвидуваше тоа да биде базата од каде е лансирана ракетата), но Белата куќа тврдеше дека нападот бил откажан во последен момент, откако авионите и бродовите во Заливот биле подготвени за акцијата.

Наводно, дозвола за напад била издадена, но веднаш потоа била откажана. Не се објасни зошто, но остана впечатокот дека доколку сето ова е точно, тогаш Трамп постапи како и неговиот претходник Барак Обама во случајот со Сирија. Тој соопшти дека одобрил американски напад врз сириската територија, а потоа објасни дека нападот во „ последен момент“ бил откажан. Подоцна, Обама призна дека утврдил оти немало потреба Америкаците се вовлечат во сириската сунитско-шиитска пресметка.

„Игнорантско и навредливо“

Трамп не даде никакво дополнително објаснување, но инцидентот со дронот го искористи за воведување нови санкции кон Иран. Според претседателот на САД тие се американски одговор и казна за иранското агресивно однесување. Во тоа, Американската страна го стави и „ игнорантското и навредливо“ соопштение на Иран , откако беа обелоденети најновите санкции. Иранскиот претседател Хасан Рухани, инаку досега мошне внимателен на зборовите, во оваа прилика рекол дека најновиот чекор на Белата куќа е „ ментално ретардиран“ , на што Трамп само забележал дека иранските лидери „ не ја разбираат реалноста“.

Како и да е, овој пат, санкциите не се насочени само кон државата, туку погаѓаат и многу ирански граѓани и за прв пат, иранскиот верски лидер, ајатолахот Хамнеи. Претседателот на САД го посочува ајатолахот за „ најодговорен за непријателското однесување на режимот“. Американците тврдат дека од парите што ги има на располагање Хамнеи се финансираат единиците на влијателната и моќна Исламска револуционерна гарда (ИРГ), која од првичната улога – „ чувар на револуцијата“ – се има претворено во најмоќниот дел на власта во земјата која сега ги контролира сите други полуги на државата-Парламентот, владата и претседателот, полицијата и војската- водејќи сметка да не се загрозат интересите на свештенството, на чело со ајатолахот, кое го има последниот збор за сите општествени и државни работи.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, има изјавено дека во 2018 година, сумата пари за ајатолахот и за потребите на ИРГ, изнесувала 95 милијарди долари, што сега се опфатени со санкциите.

Санкции и за ајатолахот Хамнеи

Рухани обвинува дека санкциите се „ ужасна и идиотска работа“ , тврдејќи дека Хамнеи ни од далеку не поседува богатство, а особено не од такви размери, бидејќи, како што рекол, ајатолахот ги има само своите религиозни книги и една едностава куќа, во која живее. Во вака распалените страсти , иранскиот претседател отфрла било каква можност за дијалог со САД, истакнувајќи дека Американците, едноставно, блефираат и ја лажат јавноста дека сакаат да разговараат со Техеран.

Дел од американските аналитичари сметаат дека и покрај подигнатите тензии и вревата во јавноста околу санкциите, во голем обем, тие се само симболични. Но, Министерството за финансии на САД, тврди дека не е така и дека станува збор за блокирање на имоти и на пари од многу милијарди долари.

Канцеларијата на Хамнеи, како и неговите најблиски соработнци, не ќе можат да користат значајни средства опфатени со санкциите. Со нив се опфатени и осумина највисоки команданти од Исламската револуционерна гарда, од делот на морнарицата, авијацијата и на копнените сили. Во Вашингтон се вели дека под санкции ќе се најде и иранскиот шеф на дипломатијата, Махамад Џавид Зариф, инаку главниот преговарач на Техеран во преговорите со меѓународната шесторка ( САД, Британија, Франција, Кина, Русија и Германија) при изготвувањето на нуклеарниот договор, постигнат и потпишан во Виена во 2015 година.

Од Вашингтон, Трамп одново го предупреди Иран дека на било каков напа, врз било што американско, ќе биде возвратено со голема и прекумерна сила.

„Иран не сака војна“

Ваквата закана за некои аналитичари е само за домашните потреби, посебно сега кога станува јасно дека актуелниот претседател на САД, се подготвува за кампањата за неговиот втор, претседателски мамдат, за изборите во ноември, 2020 година. Други сметаат дека токму затоа, грубата реторика би можело да биде најава дека Американците бараат изговор, или некаков повод, за да изведат определен ограничен напад, на што одамна повикува Израел, спротивставувајќи се на договорот од 2015 година и тврдејќи дека тој не го попречува Техеран да произведе атомска бомба.

Претседателот Хасан Рухани кој освои и втор мандат врз основа на неговата политичка умереност, наспротив воинстцвеноста и конзервативизмот на неговиот претходник Махмуд Ахмединеџад, се обидва да ја спушти тензијата, барем во јавната реторика, уверувајќи дека Иран не сака со никого да војува, па и со САД. Во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, иранскиот претседател рекол дека „ Американците имаат избрано погрешен пат“, уверувајќи дека Иран нема интерес да се зголемува напнатоста во регионот, ниту да војува.

Рухани, сепак, забележува дека посветеноста кон одредбите на нуклеарниот договор  зависи и од одржувањето на ветувањето на европските држави ( од „шесторката“) дека ќе ги заштитат економските интереси на Иран, а тоа, според Техеран, не се исполнува. Најавено е дека Иран постепено, ќе се повлекува од своите обврски со договорот, како и дека  „никогаш нема одново да преговара за договорот од кој САД, едностано, се повлекоа“. За таквата ситуација Рухани ги обвинува САД, како што ги обвинува и за најновата затегнатост во регионот, уверувајќи дека случајот со дронот е провокација.

Дисциплинирање на ЕУ?

Така, или не, факт е дека американско-иранските тензии нараснаа од 2018 година, кога Трамп одлучи да се повлече од нуклеарниот договор и да ги обновува санкциите кон Иран. Целта на Вашингтон е да го присили Техеран да прифати нови преговори, според нови и поостри одредби ( кои би ги задоволиле Израел, пред се, како и Саудиска Арабија) со кои се смета дека дефинитвно би го попречиле Иран да може да произведе нуклеарно оружје.

Впечаток е , меѓутоа, дека најновата криза околу Иран, има и друга цел- да ја натера ЕУ ( главните нејзини играчи кои се дел од „шесторката“) да ги следат САД во овој план, а не да тераат своја политика, што Трамп, таков каков што е , ја смета дека е контра САД.

Европејците се, засега, лојални на договорот, но не се знае како натаму ќе се развиваат работите на реалцијата ЕУ-САД. Особено, доколку омилениот на Трамп британски конзервативец, Борис Џонсон стане премиер. За него веќе се знае дека бил во тесна врска со американскиот ултра-десничар Стив Банон, поранешен советник за стратегија на Трамп, кој шета низ Европа, потикнува ултра-десничарење, национализам и популизам и ја растура ЕУ, онаква каква е сега. Џонсон се обидува да се прикаже како десноцентрист, ги заплашува ториевските гласачи со тамошниот ултра-десничар и националист Најџел Фараж, за да ги привлече за себе, но е британски политичар на кого Трамп смета за во иднина. Во такви услови, не би било ништо чудно, ако и Британија ( со Џонсон во Даунинг стрит 10) не се повлече од нуклеарниот договор.

Стара воинствена реторика

Затоа е веројатно и притискот на крајната десница, да се дисквалификува Ангела Меркел ( во домашната и во европската јавност), па за канцелар да дојде политичар кој ќе има разбирање за американската политика, околу Иран, подршката кон Израел, односите со Русија и Кина, договорот за климата, особено што од време, на време, САД ( Трамп) и се закануваат на ЕУ околу трговскиот договор со Америка.

Така гледано, станува поразбирливо настојувањето на ултрадесницата во Европа, предводена од „црната Алијанса“ на Банон, да се разбива единството на Унијата- кое сега функционира и околу санкциите за Русија, околу Израел и Палестинците, околу климата , како и околу Брегзит. Слабата точка во тоа единство се источно-европските држави во ЕУ, пред се, Унгарија и Полска, кои како случајно- имаат многу добри односи со трамповата администрација.

Според тоа, како сега стојат работите- очигледно-нуклеарниот договор меѓу Иран и меѓународната „ шесторка“  е мртов.

Техеран и Вашингтон се вратија на нивото на нивните односи од времето пред да почне дијалогот за иранскиот нуклеарен потенцијал и пред Рухани прв пат да биде избран за претседател. За зло на Иранците ( одново) им се ставаат низа активности за кои не може да се рече дека нивните раце се чисти. Американската администрација, но и другите земји во регионот, кои на Иран гледаат со непријателски очи, ги обвинуваат Техеран и, пред се, Исламската револуционерна гарда, за експлозиите на шест големи танкери, додека минуваа низ Ормускиот премин.

САД е за нов договор

Иран се обвинува и за неговата „ интервенција“ во војната во Сирија, на страната на трупите на Башар ал Асад ( и Русија ) преку единиците на Хезболах, сместени во Либан, каде локалните шиити го контролираат југот на оваа земја, потоа  за вклученоста во Газа, помагајќи ги сите акции на милитантата организација Хамас, која продолжува да заговара „ уништување на Израел“ ,  како и за вклучување во јеменската граѓанска војна, на страната на бунтовниците , инаку од редовите на тамошните шиити.

Освен тоа, уште пред седум-осум години , не само САД, туку и Западот го обвинуваа Техеран кога во времето на т.н. арапска пролет, ги помагаше шиитите во земјите од Заливот кои за себе и тогаш, но и сега тврдат дека и таму каде се мнозинско население ( како во Бахреин) се третирани како граѓани од „втора категорија“.

САД, сепак, уверуваат дека сакаат преговори со Иран за нов нуклеарен договор. Меѓутоа,  овојпат, инсистираат договорот да се врзе  за откажувањето на Иранците од нивната програма за балистички ракети, како и за трајно откажување од иранската, како што се означува- „ отровна“ активност на Блискиот Исток.

„ Ако не сакаат нов договор, ОК. Но, ние сме спремни за (нов) дил. И искрено речено, би било добро за нив, да прифатат, поскоро“- рекол американскиот претседател Доналд Трамп.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе