Поврзете се со нас

Skopje Global

Черупин: Ѓукановиќ ќе заврши како Порошенко

Брифинг/Weekly

Черупин: Ѓукановиќ ќе заврши како Порошенко

Redvetal/Bigstock.com

Черупин: Ѓукановиќ ќе заврши како Порошенко

Рускиот амбасадор во Белград, Александар Черупин, уште еднаш се огласи за да ги брани властите во Србија – од нив самите.  Овој пат не за Косово, како што тоа многу често го прави уште пред да се огласи Москва,  туку во врска со расправијата што ја распали официјален Белград против црногорската влада и претседателот Мило Ѓукановиќ – околу предлог законот на соседна, независна Црна Гора за слободата на вероисповеста и за правната положба на верските заедници во оваа држава.

Законскиот текст што пред еден месец го  усвои владата во Подгорица, допрва треба да се најде во тамошниот Парламент, но од Србија „се распукаа“ инсистирајќи тој веднаш да се повлече, затоа што наводно, бил против интересите на црногорските Срби. Нервозата во Белград изгледа дека е многу поверојатна, затоа што Српската православна црква (СПЦ) во предлог-законот (за прв пат) се изедначува со другите верски заедници, но најмногу затоа што Ѓукановиќ соопшти дека Подгорица веќе работи на тоа да се обнови автокефалноста на Црногорската православна црква.

Црногорскиот претседател тврди дека во тоа нема ништо необично, ниту дека е насочено против било кого, затоа што уште во средината на 19 век, во Уставот на кнежевството Црна Гора било внесено постоењето на автокефална црква, а така било запишано и во синтагмата од 1855 година, на тогашните автокефални цркви. Ѓукановиќ очекува врз основите на, како што рекол, канонското право и етнофилетизмот, така да постапи и Вселенската патријаршија во Цариград.

Но, каде во сето ова се гледа Русија, за да интервенира нејзиниот амбасадор и тоа не само определувајќи се на српската страна, туку јавно пресметувајќи се и со претседателот на соседната држава?

За Ѓукановиќ, амбасадорот Черупин, на Твитер, ќе запише дека црногорскиот претседател ќе заврши како поранешниот украински претседател Петро Порошенко. „Историјата, како што рекле Хегел и Маркс двапати се повторува. Прво, како трагедија, а потоа како фарса“ – порачал амбасадорот од Белград.

А, споредбата со Порошенко треба да се разбере само по тоа што и двајцата политичари и свртија грб на Русија и своите држави, наместо кон Москва ги насочија кон Европа и ЕУ. Црногорците поминаа многу подобро- нивната земја има отворено преговори со ЕУ, а од пред две години е членка на НАТО. Украина која имаше исти такви амбиции, не постигна ништо од тоа, освен што украинската црква доби автокефалност.

И двете земји беа казнети за своето „ предавство“. Додека Црна Гора помина само со обид за пуч кој не успеа, иако во него беа замешани руските и српските тајни служби, Украина на Порошенко, беше сурово казнета со руската анексија на Крим и со вооружен бунт во Источна Украина, зад кој стои Москва.

Ердоган го загуби Истанбул

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, конечно, призна дека го загуби најголемиот град во Турција- Истанбул, откако на повтореното гласање за локалните избори, првично одржани уште на 31 март, годинава, тој и неговата партија на Правдата и развојот (АКП) доживеаја поуверлив пораз од оној пред безмалку три месеци.

Екрем Имамоглу, кандидат на секуларната Републиканска партија сега и официјално и без приговори од власта, е новиот градоначалник на Истанбул. Тој победи и на првичното гласање, но тогаш Ердоган и неговите, ја оспоруваа победата обвинувајќи за наводни неправилности и за „ корупција при гласањето“ што Врховниот суд го прифати, па го поништи гласањето и наложи ново, за 23 јуни. Опозицијата и истанбулчани беа гневни на „ демократијата“ што ја нуди АКП, тврдејќи дека власта сака да им ја одземе победата. Но кога немаше каде, почнаа да даваат изјави дека ќе му покажат ( уште еднаш ) на Ердоган како стојат работите и дека ќе победат и втор пат.

Така и се случи, па успехот на Имамоглу е голема победа на гласачите и нивната лојалност и определеност кон вистинската демократија, одлучувајќи во поголем број да се појават на гласачките места и да гласаат за една поинаква власт- различна од онаа која деценија и повеќе им ја нуди Ердоган. Овие избори иако формално  локални,  повеќе беа тест за моменталната позиција на АКП. Партијата во целина победи во Турција, освојувајќи повеќе гласови, но со загубата на Анкара, Анталија и Измир, како и на Истанбул, покажа дека неприкосновениот Ердоган полека ја губи контролата врз земјата.

Тој еднаш самиот има речено дека оној кој го има Истанбул , ја има и Турција, мислејќи на своите политички почетоци. Тој својата политичка кариера ја има започнато токму како градоначалник на Истанбул и со тој „ капитал„ стана лидер на АКП, а потоа и премиер во неколку мандати. Во Турција , затоа, се смета дека неговата неприкосновена власт токму во Истанбул почна да се подјадува. Особено што се знае дека активистите на неговата АКП имаат вршено силен притисок врз гласачите, одново да гласаат за кандидатот на Ердоган, еден од неговите лојални најблиски соработниц.

Меѓутоа, Ердоган останува најмоќниот турски политичар, по времето на Кемал Ататурк, па било погрешно пред време да се отпишува, или да се тврди дека ова е крај на неговата политичка ера. Сепак, повторениот пораз во Истанбул оди само на неговата сметка. Од ова второ гласање тој е најголемиот губитник, затоа што по секоја цена сакаше да се прегласува, самоуверено верувајќи дека неговиот збор е доволен да ги натера гласачите да му свртат грб на кандидатот кој еднаш веќе победи.

Кучан во Белград обвинет за „воени злосторства“

Поранешниот словенечки претседател Милан Кучан во Белград е обвинет за „воени злосторства и за геноцид“ , откако во српското Специјално обвинителство за воени злосторства, против него била поднесена кривична пријава.

Според белградските весници, кривичната пријава ја има поднесено еден локален адвокат, но не се открива во чие име тоа го направил. Познато е , меѓутоа, дека обвинувањата, се однесуваат за воените заробеници ( припадници на некогашната ЈНА) , како и за „геноцидот“ , наводно, извршен во летото 1991 година, врз цивили ( семејствата на припадниците на ЈНА) на територијата на Словенија, во текот на краткотрајните војувања во оваа поранешна југословенска република.

Судирањата почнаа на 27 јуни и траеја до 7 јули, а како воено спротивставени страни се најдоа силите на ЈНА и припадниците на Сојузниот секретаријат за внатрешни работи на тогашна Југославија, на една страна и вооружените единици на словенечката Територијална одбрана.

Кучан, според поднесената пријава, тогаш, како претседател на Словенија, имал командна власт над републичките вооружени формации, па затоа е „ главниот злосторник“ за војувањето и за распадот на СФРЈ. Тој уште се обвинува и за тоа што „ дозволил да се извршуваат воени злосторства“ (се мисли врз несловенечки цивили).

Во текот на десетдневните непријателства беа убиени 44 припадници на ЈНА, а други 184 беа ранети. Обвинувањето инсистира дека мнозинството биле припадници од српска националност, но меѓу 30-те загинати војници, 11 не биле Срби. Покрај Кучан со обвинувањето се опфатени уште неколкумина други тогашни словенечки функционери, главно од составот на ТО на Словенија.

Вака сроченото обвинување е речиси идентично со обвинувањата кон еден Радован Караџиќ, за злосторставата во БиХ, на Ратко Младиќ, како и на генерали на ЈНА (од српска националност) обвинети и осудени од Трибуналот во Хаг, за разни тешки кривични дела, врз основа на командната власт што ја имале во тие мачни години од крвавиот распад на некогашна СФРЈ.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе