Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Гордон Браун: Закана од распад на Британија!

Chriss_Elewll/Bigstock.com

Гордон Браун: Закана од распад на Британија!

Поранешниот британски премиер Гордон Браун предупредува на иднината на Обединетото кралство и на унијата на Англија, Шкотска, Северна Ирска и Велс,  која сега се соочува со заканата од тоа дали може воопшто да опстане во овој облик и обем.

Според Браун, ризикот за опстанокот на Велика Британија е поголем отколку пред повеќе од 300 години ( кога унијата е создадена) , затоа што може да се раздели поради Брегзит, од една страна и тесноградиот и самобендисан национализам на ториевците ( Конзервативната партија)  и на шкотската национална партија (СНП). Поранешниот премиер кој инаку потекнува од Шкотска, го повикал, како што рекол, „ патриотското мнозинство“ да се огласи во јавноста и да го подигне гласот, за да не се дозволи да  бидат грабнати и одзмени сите оние вредности врз кои е создадена унијата и врз кои се одржува изминатите три века.

Брегзитерите и целата крајна десница кај ториевците, побрза да  ја осудат ваквата реакција на Браун, означувајќи ја, како што тоа се прави редовно во изминатите три и повеќе години, како „ обично претерување“ , арогантно притоа порачувајќи дека „ може да се попречи отцепувањето на Шкотска“.

Шкотланѓани против Брегзит

Колку за потсетување, на референдумот за ЕУ, големо мнозинство Шкотланѓани гласаа против Брегзит и за останување на Британија во ЕУ. Мнозинството и од гласачите во Северна Ирска, која три и пол децении во минатиот 20 век, се соочуваше со турбуленти години исполнети со судирања на католиците и протестантите, односно на оние кои беа за обединување на Северот ( кој е дел од Британија) со Република Ирска и на унионистите кои беа и сега се за останување на покраината во Обединетото кралство, на референдумот во 2016 година, исто така, се изјаснија против британското напуштање на ЕУ.

Шкотските гласачи сакаа да имаат своја независна држава, одново по 1703 година, од која тогаш доброволно се имаат откажано, на референдумот за независност , во поголем број се определија за останување во рамките на Британија. Објаснувањето за тоа се разбра подоцна, кога во Лондон почна да се зборува за Брегзит, па излезе дека Шкотланѓаните, можеби,  на крајот ќе се почувствуваат како да се насамарени од Англичаните.

На референдумот за отцепување, мнозинството од гласачите во Шкотска се определија така како што се определија, затоа што се исплашиле дека ако  ја напуштат Британија, нивната одново независна држава ќе остане надвор од ЕУ. Но, откако на европскиот референдум, Британија, само со помош на гласовите на евроскпетичните Англичани се определи за Брегзит, ќе се случи  Шкотска да биде надвор од ЕУ, овојпат,  според наметната волја, заснова врз принципте на гласачката демократија.

Џонсон на рака на сепаратистите

Шкотските националисти, затоа, одново ја покренуваат идејата за втор референдум за отцепување, порачувајќи му на Лондон, но и на Брисел, дека Шкотска сака да биде дел од ЕУ- ако веќе не може во рамките на Обединетото кралство, тогаш како независна и суверена држава. Владеачката партија во Холируд ( шкотскиот Парламент) во Единбург, СНП  и лидерот Никола Старџен веќе подготвуваат иницијатива и законски проект за повторно изјаснување за шкотската иднина, сега до 2021 година, до кога е мандатот на сегашниот парламентарен состав.

Фаворизираниот кандидат на тврдите брегзитери, Борис Џонсон, за кого се верува дека ќе биде новиот британски премиер, ветува дека ќе ја обедини Британија, иако како стојат работите, прашање е дали ќе може да ја обедини  и својата партија, барајќи подршка од сите членови на Конзервативната партија, во сите делови од британската унија.

Гордон Браун, меѓутоа, не мисли така и го обвинува Џонсон дека со своето однесување, а посебно со целата антиевропска кампања што ја води и сега, но и во изминатите години , само им „ оди на вода“ на Старџен и на шкотските сепаратисти. Таа, пак, постојано порачува дека Шкотланѓаните одново ќе одлучуваат за својата иднина, доколку Велика Британија излезе од ЕУ против волјата на Шкотска.

Како закана за опстанокот на Обединетото кралство, Браун гледа и во определеноста на Џонсон за напуштање на ЕУ без да се направи договор со Брисел.

Лажен патриотизам

„Станува збор за акт на самоповредување, што Џонсон , како и партијата Брегзит на Најџел Фараж сакаат да се случи, прикажувајќи и го тоа на британската јавност како некаков „ тест на патриотизмот“ . Но заминувањето од Европа без согласност за идната соработка ( на Лондон и Брисел), не само што ќе предизвика непоправлива економска штета за Британија, туку претставува закана и за спогодбата за Северна Ирска, од 1998 година, што пак се заедно ќе ја поткопаинтеграцијата на целата Велика Британија“- рекол Браун на предавањето одржано во Лондон, во Фабијанското друштво.

Поранешниот премиер кој како дел од владата на Тони Блер, десет години беше министер за финансии, сега го обвинува поранешниот лондонски градоначалник дека во целата работа околу Брегзит е присилен да игра на „ англиската карта“ , за да може на следните парламентарни избори да обезбеди победа на Конзервативната партија- со гласовите на евроскептичните Англичани.

Тврдоглави ториевци

Гордон Браун не е единствениот кој стравува за опстанокот на Британија. Пред него, уште во текот на кампањата за референдумот за ЕУ, за иднината на обединета Британија предупредуваа и лабуристот Тони Блер, а и ториевскиот премиер Џон Мејџор, кој ја наследи Маргарет Тачер во мошне слична ситуација во Конзервативната партија, како што е сегашната. Слична загриженост покажува и Рут Дејвидсон, лидер на ториевците во Шкотска, која е остар критичар на Џонсон и која гласа против неговата кандидатура за лидер на партијата и за нов премиер.

Таа стравува од можен распад на Велика Британија, предупредувајќи дека тоа може да се случи само поради тврдоглавоста на ториевците во врска со Брегзит. „ Погледнете убаво што правите“ – им порачува Дејвидсон на своте сопартијци, инсистирајќи да не го ставаат Брегзит пред заштитата на Обединетото кралство.

Таа вели дека се согласува да се реализира Брегзит, затоа што така одлучи мнозинството од гласачите на референдумот во 2016 година, но дека тоа не смее да се случи врз грбот на територијалниот интегритет на Британија. Но, работите на теренот покажуваат поинакви состојби кои според неа многу загрижуваат. Едно истражување на Југав покажува дека 63 отсто од шкотските конзервативци сметаат дека треба да се истрае на Брегзит, иако тоа би можело да доведе до отцепување на Шкотска.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе