Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Уапсен екс претседател на Перу – за корупција

crbellette/BigStock.com

Уапсен екс претседател на Перу – за корупција

Поранешниот перуански претседател Алехандро Толедо е уапсен во САД, на барање на правосудните власти во Лима кои го обвинуваат за корупција и земање поткуп. Во соопштението на канцеларијата на Главниот обвинител во Перу се вели дека од Американците е побарана екстрадиција за уапсениот екс претседател.

Случајот со Толедо се провлекува повеќе од десетина година, откако во својата земја беше обвинет дека има земено 20 милиони долари поткуп од бразилскиот градежен гигант „Одебрехт“ за добивање низа зделки на владата во Лима, на наместени тендери. Тој беше шеф на државата од 2001 до 2006 година, но пред да биде уапсен побегна од Перу во САД, каде доби дозвола за престој. Со години на ред успеваше да се извлече да не биде уапсен, а едно време во 2017 година, живееше во Калифорнија, работејќи како визитинг-професор на угледниот американски Универзитет Стенфорд.

Обвинети четворица екс претседатели

Засега не се знае каква ќе биде правната разврска околу перуанското барање за екстрадиција, затоа што според американските закони, Толедо би можел да биде суден и во САД, од некои од тамошните судови, особено ако валканите пари за кои се товари, минале низ некоја од американските банки.

Но, тој е четвртиот по ред претседател на Перу, во безмалку изминатите две децении, кој е обвинет, апсен или суден за корупција и за земање поткуп и сите од нив поврзани се со случаи со една иста бразилска градежна компанија.

Освен Толедо, вакво обвинување му беше испорачано и на неговиот наследник Алан Гарсија кој беше претседател од 2006 до 2011 година. Двајцата ги отфрлаа обвинувањата, третирајќи ги како “политички мотивирани“, но перуанското обвинителство откри корупција во претседателската палата и со Оланта Хумала која го водеше Перу во следниот мандат по Гарсија, од 2011 до 2016 година. Таа дури беше и уапсена и остана извесно време во затвор.

Се мислеше дека неславниот рекорд на Перу, секој од неговите претседатели, на крајот да заврши со обвинување за корупција, да се прекине со Педро Пабло Кучински, познат во перуанската јавност како економски експерт. Тој стапи на претседателската должност во 2016 година, но во пролета 2018 година, под притисок на домашната јавност мораше да се повлече не стигнувајќи ни до една третина од својот петгодишен мандат. За да одбегне постапка за импичмент која му се закануваше, откако се разбра дека сокрил оти уште пред да се кандидира за функцијата, и тој земал пари од „Одебрехт“, се одлучи да замине од функцијата.

Самоубиството на Гарсија

Во април оваа година Кучински беше уапсен, но наместо во затворската ќелија заврши во болница, по тешко преживеаниот срцев удар. Поранешниот претседател Гарсија, пак, за да не биде уапсен, оваа пролет се самоуби во својот дом, кога полицијата дојде со налог да го уапси.

Гарсија кој прв пат беше претседател меѓу 1985 и 1990 година, одбиваше да го прифати обвинувањето за тоа дека како шеф на државата примил мито за да бразилската компанија ја добие скапата владина инвестиција за продолжувањето на линиите за метрото во главниот перуански град Лима. Ја обвинуваше актуелната влада дека “политички се пресметува“ со него. Не сакајќи да биде упасен тој им побегна на судските власти и се сокри во зградата на амбасадата на Уругвај, каде побара азил.

Владата во Монтевидео, меѓутоа, за разлика од унгарската во Будимпешта, во случајот со побегнатиот македонски екс премиер, осуденик, не го прифати тврдењето на бегалецот дека ако остане во Лима, за да му се суди, ќе биде изложен на тортура, и го отфрли неговото барање за азил. Гарсија по тоа, ја напушти уругвајската амбасада во перуанскиот главен град и побегна во непознат правец. Кога не доби подршка од ниту една од земјите во Јужна Америка, се врати дома, чекајќи да биде уапсен.

Кога полицијата дошла во неговиот дом, тој побарал од нив да се преслече во својот работен кандидат, но таму, со својот пиштол си пукал во главата.

„Ендемска зона“ за поткупување

Јужна Америка, како и целото т.н. латинско подрачје, јужно од реката Рио Гранде, се третира како “ендемска зона“ за корупција и за поткуп што го има во политиката, но и во тамошните општества. Случаи на корупција во врвот на власта, во државната администрација и во бизнисот има во Бразил, каде на казна затвор од 13 години е осуден поранешниот, популарен политичар и претседател во два мандати, Лула да Силва.

Корупција има во Аргентина, каде е покренато обвинување за бившата претседателка Кристина Кирхнер, но и во Еквадор, Колумбија и Венецуела, како и во речиси сите држави на Централна Америка и во Мексико.
Перу, сепак, се третира како посебно “црна точка“, па за корупција таму е обвинет и лидерот на опозицијата Кеико Фуџимори. Таа се товари дека земала пари од странска компанија за својата партија и за изборната кампања. Фуџимори беше кусо време и во притвор заедно со својот сопруг, бизнисмен, продолжувајќи да се брани дека е невина и дека обвинувањата се “политички мотивирани“.

Таа е е ќерка на поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори кој отслужува долгогодишна затворска казан за корупција и за прекумерна употреба на сила и за користење посебни одреди за ликвидација на припадниците на некогашните бунтовници.

Посебна приказна во перуанскиот случај е бразилската компанија „Одебрехт“. Компанијата е гигант во градежните работи која има зделки врз големи проекти не само во земјите на Јужна Америка, туку и во Азија и во Африка.

Но, нејзиниот углед темелно беше протресен откако беше уапсен и претседателот на компанијата. Апсењето уследи по признанието дека за давање поткуп компанијата има дадено десетици милијарди долари. Истрагата на бразилската полиција покажа дека само за една година, „Одебрехт“ има дадено безмалку една милијарда долари.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе