Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Германка на чело на Европа

Sergey Cohl/Bigstock.com

Германка на чело на Европа

Германската политичарка Урсула ван дер Лејен и официјално е новиот претседател на Европската комисија (ЕК) , откако Парламентот во Стразбур со мнозинство од шеесетина гласови на европратениците, ја потврди нејзината номинација. Таа е првата жена избрана на оваа функција, уште од создавањето на Европската економска заедница (ЕЕЗ) во 1957 година и првиот политичар од Германија што застанува на челото на Европа, во последните 50 години.

Ван дер Лејен е  доскорешен министер за одбрана на Германија, откако пред тоа раководеше со неколку министерски ресори во сите влади на Ангела Меркел, откако таа стана германски канцелар. Важи за силен еврофил, приврзеник на европските интеграциски процеси и за одличен познавач на европските состојби во политиката, одбраната и безбедноста.

Компромисен кандидат

Нејзината номинација во Европскиот совет е резултат на компромисот што го постигнаа  лидерите на земјите членки на ЕУ, по трите кругови гласање кога за ниту еден од кандидатите кои беа предлагани, не можеше да се обезбедат доволно гласови. Проблемите настанаа кога Франција и уште некои од земјите, предводени од Истокот на Европа, не се согласија со досегашниот метод за избирање на функционери за четирите најважни функции, со определување т.н. шпиц-кандидати, заговарајќи нов принцип- за истакнување кандидати на самата седница.

Претходно, како шпиц-кандидати  за претседател на ЕК, беа предложени германскиот европратеник Манфред Вебер, од десноцентристикит блок партии во европскиот Парламент кои на овие евроизбори освоија најмногу пратеници, но сепак недоволно, за да може самите, со блокот на левиот центар, да создадат коалициска европска влада, како што тоа беше досега. Како кандидат на левицата беше предложен Франсис Тимерманс, Холанѓанец  и се уште заменик претседател на ЕК, како и данската еврокомесарка Маргрет Вестагер, од блокот на либералите.

Вебер не беше прифатен со образложение дека нема искуство за една ваква функција- фактички да раководи со европската влада, бидејќи досега немал никаква функција ниту во владата на Германија, додека против искусниот и умерен Тимерманс беа Унгарија, Полска и Романија, кои се лути на него затоа што „ војуваше“ со националистичките влади во овие земји кои настојуваат да спроведат судски реформи спротивни на европското право и на стандардите и правилата на ЕУ.

Источноевропејците се незадоволни

Веднаш потоа почнаа долгите преговори околу барањето општо прифатлив кандидат за првата функција во Брисел, но и за нов претседател на Европскиот совет, наместо полскиот политичар Доналд Туск, за специјален претставник за надворешна политика ( наместо Федерика Могерини) и за нов претседател на Европската централна банка.

Компромис беше најден кога Меркел, наместо Вебер предложи нов кандидат, својата министерка за одбрана. Тогаш, Франција ( доби можност да раководи со ЕЦБ) нудејќи го најсилниот свој „адут“- директорот на ММФ, Кристин Легард. Белгија го истакна својот актуелен премиер Шарл Мишел, инаку од блокот на либералите, за да го наследи Туск, а Шпанија ( како и Франција) непредвидено, доби место во врвот на европската политика, со определувањето на социјалистот и шпански министер Јосеп Борел за нов „ шеф на европската дипломатија“ на функцијата што сега ја има Могерини.

Урсула фон дер Лејен беше прифатена од европратениците, иако се чинеше дека токму нејзината номинација е најнеизвесна и дека може да се случи таа дури и да не помине кај пратениците. Ваквата атмосфера пред гласањето ја создаваа левицата во Парламентот, посебо германските социјал-демократи, пратениците на Зелените и на крајната десница, како и европратеници од земјите од Источна Европа, кои сметаат дека лидерите на ЕУ „ ги погазиле принципите што ги бранат“ , па сите функции ги добија големите западни земји.

Во расправата околу номинациите во Европскиот совет, во еден момент се најдоа имињата на Бугарката Кристалина Георгиева, за наследник на Туск, како и Сергеј Станишев за европскиот Парламент. Бугарија, како компромисен предлог,  го истакна хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, но сите тие кандидатури не добија мнозинство.  Во дебатата околу изборот на новиот преседател на ЕК, некои европратеници од Словенија и од Хрватска порачаа дека поради тоа нема да гласаат за Ван дер Лејен, спротивставувајќи се меѓудругото и на тоа што Германија  има обезбедно за себе најмногу европски функции.

„Ова е доверба за ЕУ“

Во својата прва изјава , сега како нов претседател на ЕК, Урсула фон дер Лејен изјави дека дадената доверба од европарламентарците ја смета како доверба за Европа.

Нејзиниот избор го поздрави и Ангела Меркел која вели дека на челото на ЕУ е дојдена една верна и посветена Европјанка. „ Мило ми е што таа стана претседател на ЕК. Губам една долгогодишна министерка во владата, но добивам нов партнер во Брисел“- има изјавено германскиот канцелар.

Самата Ван дер Лејен на европските пратеници им ја изнесе својата визја за ЕУ, ангажирана во борбата со климатските промени, за заштитата на европските вредности и демократијата и во борбата за родовата еднаквост. Таа сугерира храбро намалување на емисијата на штетни гасови, од 55 отсто до 2030 година, или во следните десет години, наместо првично планираните 50 отсто. На пратениците во Стразбур таа им навести дека уште во првите 100 денови на функцијата, ќе достави план за т.н. „Зелен договор за Европа“  и посебен европски закон за климата.

Според новоизбраниот претседател на ЕК, Унијата мора да воспостави економија која им служи на сите, што ќе рече , во која секој носи дел од товарот, вклучувајќи ги и технолошките џинови кои работат на територијата на ЕУ,  а се уште не плаќаат за тоа што европските граѓани за пристапот до човечкиот и до општествениот капитал во ЕУ. Во својата пристапна беседа таа се заложи и за владеењето на правото и на европските вредности, што некаде , во некои земји како полека да се запоставуваат.

Конечно, за емиграцијата која најмногу придонесе за растот на национализмот, популизмот и крајното десничарење на континентот, по напливот на бегалци и имигранти во 2015 година, таа зборува за потребата од нов пакт за миграцијата, како и за реформирање на т.н. Даблинска конвенција чии одредби и различно и слободно толкување придонесоа за подигнувањето гранични бариери, огради од жица и враќање на времето на поделена Европа.

Западен Балкан е дел од Европа

Во првата своја изјава за Западен Балкан, новата претседателка има речено дека регионот е многу важен за Унијата, затоа што е дел од Европа. „ Токму затоа , силно ќе ги подржувам односите на Западен Балкани и ЕУ. Во интерес на сите е да бидеме отворени ( кон регионот) и конструктивни. Секако, реформите ( во земјите од Западен Балкан) мора да се спроведат, но вратата на ЕУ, како и паметот, мора да останат отворени“- има изјавено Ван дер Лејен за една хрватска тв станица.

За нас во Македонија, која за прв пат од независноста и определувањето за евроатланската стратегија, се наоѓа толку блиску до остварувањето на стратешките цели, со практично, оствареното членство во НАТО и со очекувањето датум за старт на преговорите, многу е важно што на кормилото на „владата“ во ЕУ е Германка која добро ги познава состојбите во регионот, а и и тие во државата. Беше во Скопје ( како и канцеларот Меркел) во деновите пред референдумот во септември минатата година, залагајќи се за прифаќање на историскиот договор меѓу Македонија и Грција, околу затворањето на тридеценискиот спор околу името Македонија.

Секако, Ван дер Лејен добро знае  дека целата ЕУ се потпира на компромиси и консензус, во рамките на земјите членки, кои кога станува збор за големите играчи, често се врзуваат за нивните внатрешни политички состојби. Но, таа знае и дека натамошните „ игри“ околу датумот за Македонија, само за старт на преговарачкиот процес, може трајно да го нарушат кредибилитетот на Унијата, а во самата Македонија да предизвикаат внатрешна политичка криза. Особено што домашната опозиција е тврдо националистички определена, води популистичка политика и заговара евроскептицизам, а сето тоа само отвара пат за Русија и за нејзината стратегија – да го изолира регионот од Западот и од ЕУ, за реализирање на своите стратешки цели.

Урсула се враќа во Брисел

Но, која е, всушност „ првата дама“ на Европа? Оние кои во Берлин и во Брисел веднаш ја подржаа нејзината кандидатура за претседател на Европската комисија, иако како компромисно, спасоносно решение, велат, дека токму таа е вистинскиот човек за оваа функција и дека со сегашниот избор, таа само се враќа во центарот на европската политика.

Родена е во 1958 година, како Урсула Албрехт, ќерка на познатиот германски политичар Ернст Албрехт. Со својот татко таа ќе живее 13 години во Брисел, додека тој работи на разни функции и позиции во тогашната Европска економска заедница. Подоцна таткото ќе се врати во Германија и ќе биде и премиер во владата на покраината Долна Саксонија, а таа ќе се посвети на студирањето, прво економија, во Лондон, во престижната Лондонска школа за економија (ЛСЕ) , а потоа и медицина, каде и ќе докторира.

Додека ќе престојува во британскиот главен град, на студии, ќе живее под лажно име и со лажен идентитет, од безбедносни причини, затоа што нејзините родители и германските власти ќе стравуваат дека би можела да биде жртва на терористички напад на групата Бадер-Мајнхов која во седумдесетите години изведуваше атентати врз германски политичари и бизнисмени.

Во германската влада од 2005 година

Во политиката ќе се вклучи доцна, во 1990 година, кога ќе стане член на десноцентристичката, германска ЦДУ, а во сојузната политика на Германија дури од 2005 година, кога Ангела Меркел за прв пат ќе стане канцелар. Меркел ќе и даде министерски ресор, а тоа ќе го направи уште три пати. Последен пат како шеф на германскиот Бундесвер.

Во германскиот политички живот таа важи за „ исклучително блиска“ до канцеларката. Едно време таа се споменуваше како главен кандидат за секретар на владеачката партија ЦДУ, но се повлече од трката, откако на конзервативците во партијата, а и на конзервативните кругови во земјата им пречеше што таа силно ја подржуваше политиката на бегалците на Меркел. Уште повеќе што  нејзиното семејство има примено еден бегалец од Сирија.

Ги зборува трите главни јазици во ЕУ- германски, англиски и француски.

Омажена е за Хеико фон дер Лејен лекар, од угледно, аристократско семејство на индустријалци од германската текстилна индустрија. Таа е мајка на седум деца.

(С.С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе