Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мексико -100 убиства дневно!

BILLPERRY/Bigstock.com

Мексико -100 убиства дневно!

Мексико e земја која од поодамна се соочува со криминално насилство и со улични пресметки на разни гангстерски банди, но оваа година бележи рекорден број убиства. Станува збор за ситуација каква не се памети досега, па само во текот на јуни годинава, регистрирани се 3080 убиства, или осум отсто повеќе во споредба со јуни 2018 година.

Тоа придонесува за еден застрашувачки податок, според кој во оваа латинско-американска држава од 125 милиони жители, секој ден има по 100 убиства !

Официјалните податоци на полицијата и на обвинителствата покажуваат дека во првата половина од оваа 2019 година, во целата држава имало 17.608 убиства, што претставува апсолутен рекорд откако пред 22 години почнало да се води една ваква „ крвава“ статистика. Сите убиства, полицијата, криминолозите и социолозите ги врзуваат, пред се, за бруталното насилство на разните нарко-банди и за меѓусебните   „војни“ на картелите за дрога околу пазарот и дистрибуцијата на наркотиците.

Бројките може да се и пострашни

Ваквите судирања се посебно крвави во северната сојузна држава Сонора, каде бројот на убиствата е зголеме за дури 69 отсто.

Полицијата, меѓутоа, укажува на еден поинаков податок, поврзан за соседната држава Синалоа, каде оваа година има регистрирано помалку убиства за 23 отсто. Оваа мексиканска сојузна држава е позната како земјата на нарко-лордот Хоаким Гусман, познат по прекарот „Ел Чапо“ ( Кускулето) и намалувањето на крвавото насилство експертите го врзуваат со неговото апсење, префрлувањето во САД и осудувањето на доживотен затвор . Едноставно, по неговото апсење, дошло до растурање на поголемиот дел од некогаш моќниот нарко картел, на целата криминална мрежа и на неговата „ армија“ од  насилници и убијци.

Аналитичарите во Мексико стравуваат дека сите овие бројки може да се и полоши, а вкупната ситуација со криминалот во земјата да е многу поалармантна. За тоа, тие ја обвинуваа администрацијата на новиот мексикански претседател Лопез Обрадор која прво најавила скратување на вкупните буџетски трошоци, а тоа значи и на оние за пресметката со криминалот, а потоа започнала со широка реорганизација на безбедносните сили, што за критичарите на владата се одвива мошне забавено.

Криминалниот Акапулко

Како и да е, експертите се согласуваат дека бруталните убиства и насилствата по градовите во внатрешноста на државата, не се извршуваат само поради дрогата, туку и за други криминални дела, а пред се, за изнудување и за барање и прибирање рекет.

Како пример за тоа се посочува последниот крвав инцидент во градот Акапулко, на брегот на Пацификот. Во  еден бар, во овој туристички град, кој  во шеесетите и седумдесетите години на 20 век беше туристичката „ мека“ на Мексико, каде на одмор и летување доаѓаа богати Американци и луѓето од тогашниот „ џет-сет“, а сега е претворен во криминално собиралиште, среде бел ден, беа брутално убиени пет лица, а други шест тешко ранети.

Властите во сојузната држава Гереро, каде административно припаѓа Акапулко, соопштија дека убиството било извршено во бар, чиј сопственик бил подолго време рекетиран од една локална банда која се заннимавала со еден ваков „бизнис“. Локалната полиција ги известила медиумите дека знае оти членовите на бандата , секој ден , се среќавале во барот, каде се договарале за нивните следни операции и каде ги „ прибирале парите “ од изнудувањето. Убијците се припадници на една противничка банда.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе