Боливија “закована” во снег
Властите во Боливија ги предупредија жителите на оваа јужноамериканска држава, на опасностите и заканите по здравјето и животот, со кои би можеле да се соочат поради обилните врнежи од снег и невообичаениот студ. Локалните медиуми јавуваат дека делови од земјата се “заковани“ со снег и мраз, а дека некаде има и густа магла која уште повеќе ја усложнува ситуацијата.
Според државната метеоролошка служба ваквото време посебно ги има зафатено западните делови на Боливија, каде снегот, силните ветрови и студот имаат предизвикано најтешки проблеми за луѓето. Најтешко е во провинцијата Ла Паз, во која припаѓа и главниот боливиски град, потоа во провинциите Потоси и Оруро, како и во делови од долината Кочамамба, во Чикуисака и Тараха.
Поради снегот и високите снежни наноси, многу патишта се затворени за сообраќај, меѓу кои и патот меѓу Ла Паз и Кочамамба, особено што на делови од патот има магла, а коловозот е целосно замрзнат. Локалните служби не навикнати на вакви вонредни услови тешко се справуваат со студот и невремето.
Полицијата јавува дека се регистрирани голем број сообраќајни несреќи. Властите ги затворија училиштата на неопределено време, додека не се подобри временската ситуација, а се прават обиди деловите кои се најтешко зафатени со снегот и студот да имаат доволно храна и лекови.
Боливија важи за андска земја и во Јужна Америка, како и на целата јужна хемисфера, сега е зима, но вакви студови, проследени со обилни врнежи од снег не се вообичаени, дури и за реони со повисока надморска височина.
Боливиската зима со снег, мраз и невообичаено ниски температура, се случува во време кога Европа е зафатена со невообичаено високи температури во земји, каде летото кое е во тек, главно, е умерено топло. Климатските експерти објаснуваат дека ваквите екстремни ситуации се последица на климатските промени, предупредувајќи притоа дека светот продолжува да се однесува неодговорно кон она што се случува со климата и со загревањето на Земјата.