Пакистанците помагале во „ловот“ по Бин Ладен
Пакистанскиот премиер Имран Кан изјави дека тамошната тајна служба ИСИ помагала при потрагата по Осама Бин Ладен, на тој начин што на американската ЦИА и ја “посочила трагата“ за да може американските оперативци да откријат каде се крие водачот на Ал Каеда, а потоа во командоска операција да го ликвидираат.
„ИСИ им ја даде на Американците информацијата која беше клучна за да се најде Бин Ладен. Ако ги прашате во ЦИА ќе видите дека пакистанската разузнавачка агенција им ја има дадено првичната информација, врз основа на собрани телефонски податоци“ – рекол во интервју за американската ТВ мрежа Фокс-Њуз, премиерот Кан.
Признание за прв пат
Ова е прв пат Пакистанците да признаат дека биле дел од операцијата за пронаоѓање и фаќање на водачот на злогласната терористичка мрежа. Досега сите официјални пакистански политички личности негираа дека знаеле за плановите на Американците, како и за супер тајната операција која заврши на 2 мај 2011 година, кога Осама Бин Ладен беше ликвидиран од американските командоси, во една осамена, пространа куќа, во пакистанскиот град Аботабад.
Овој град е на само 100 км од главниот град Исламабад и во близината на куќата во која Осама се криел, живеејќи мирно подолго време, со своето најблиско семејство и со телохранотелите, се наоѓа едно воено училиште и помал воен гарнизон, што пред осум години предизвика незадоволство во американската јавност и сомневање во пакистанската лојалност како сојузник на САД.
Пакистанската влада, пак, во јавните изјави по командоската операција во Аботабад, изразуваше лутина и незадоволство што Вашингтон на никаков начин на ги известил за своите планови, а одделни министри и дел од јавноста дури даваа изјави во кои ги осудуваа САД за повреда на територијалниот интегритет на Пакистан, со “упадот на неговата територија“ за да се ликвидира водачот на Ал Каеда.
Неверувањето во ваквите приказни, за прв пат беше јавно посочено дури минатата година, во книгата на пензионираниот пакистански генерал Асад Дурани, поранешен шеф на тамошната тајна служба, во периодот меѓу 1990 и 1993 година. Во книгата Дурани вели дека е “многу веројатно“ оти Пакистанците знаеле што подготвуваат Американците и дека ИСИ ја има известено ЦИА каде се крие Осама, глумејќи пред сопствената јавност “незнаење и лутина“.
Осама како “херој“
Безбедносни аналитичари сега објаснуваат дека таквото однесување на официјален Исламабад и на властите во Пакистан не треба да изненадува.
Прво, обелоденувањето дека Пакистанците помагале во “ловот“ по Бин Ладен, во тоа време, би претставувало сериозен проблем- политички и безбедносен- за земјата. Второ, не мал број Пакистанци тогаш, а и сега веруваат дека водачот на Ал Каеда не е ниту терорист, а ниту криминалец, туку во него гледаат херој, а трето, потрагата по Осама, Американците ја третираа како супер тајна, дури кога станува збор и за најблиските сојузници.
Признанието на Имран Кан, кој пред да влезе во политиката живееше во Британија како познат играч-професионалец на крикет, се случи за време на неговата официјална посета на Вашингтон. Кан во САД престојуваше во обид да се унапредат билатералните односи кои последниве години се во застој.
Американската страна не ретко знае да им приговори на властите во Пакистан, а посебно на нејзината, инаку моќна тајна служба, дека недоволно се ангажира во војната против талибанците, па дури и дека одделни структури на ИСИ се во дослух, или дури и дека ја помагаат нивната борба. Ваквата критика се однесува како на талибанците во Пакистан, така и на оние во Авганистан, за кои безбедносни експерти тврдат дека дејствуваат координирано.