Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Шери Блер: Не отворај врата во ноќница !

Jenny Solomon/Bistock.com

Шери Блер: Не отворај врата во ноќница !

Со новиот премиер ,Борис Џонсон, Британците за прв пат досега не добија и „прва дама“ , затоа што избраникот на ториевците за нивни нов лидер, кој по автоматизам стана и премиер, е разведен. Но, Џонсон не е осмен во приватниот живот, па во Даунинг стрит 10, службената резиденција на британскиот премиер, наместо „прва дама“ (First Lady), засега, ќе има само „прва девојка“ (First Girl).

Станува збор за најновата љубов на Џонсон, 31-годишната Кари Симондс, која не е непозната во редовите на Конзервативната партија, затоа што до врската со сегашниот премиер, таа има работено како спин-доктор на ториевците.

Лондонските медиуми ја искористија ваквата ситуација и смената во премиерската резиденција, во центарот на Лондон, осврнувајќи се кон последните три „први дами“ и кон тоа што тие го имаат подоцна раскажано како искуство од животот на најпознатата адреса во британскиот главен град.

Темпарементната Шери

Шери Блер, сопругата на Тони Блер кој десет години, меѓу 1997 и 2007 година, беше британски премиер, се смета дека и сега остана запаметена како најпечатлива за јавноста. Таа уште пред да стане „прва дама„  беше познат лондонски адвокат, за случаи поврзани со заштита на човековите права, партнер во една приватна адвокатска фирма, а подоцна и предавач и автор на неколку книги. Остана запаметена и како „бучна“ во јавноста, затоа што знаеше да реагира и да полемизира со лондонските таблоиди, особено кога, според неа, без основа го напаѓаа и го обвинуваа нејзиниот сопруг, не држејќи се многу до службениот протокол и не чекајќи на службената реакција на одделот за комуникација со јавноста во кабинетот на премиерот.

Таа ќе остане запаметена и како првата која по многу децении се породи со своето четврто дете, додека Блер беше премиер, но најпозната ќе остане по случајот од после првата ноќ, што таа ја има поминато во Даунинг стрит 10. Доставувачи на цвеќе, утрото зачукале на црната врата од службената резиденција, за да врачат големи букети, со честитки за изборната победа на сопругот. Се уште ненавикната на протоколи и на тоа дека „ правата дама“ не ја отвора влезната врата, Шери Блер како да е во куќата во која дотогаш има живеено, самата ја о

твара вратата. А, таму не ја чекаат  само цвеќарите, туку и армија фоторепортери кои ја сликаат ненашминката и со неуредна коса, после спиење “прва дама“ , уште облечена само во ноќница.

Сара Браун жали што молчела

Ваквата фотографија на Шери ја објавија сите британски весници, но таа го заобиколи и целиот свет. До денешен ден, фотографијата со нечешланата сопруга на новиот премиер остана нејзиниот најголем спомен од времето кога таа живееше во најпознатата службена резиденција на Велика Британија. Таа самата, има направено бројни шеги на своја сметка, а за тоа утро, по бурно прославената изборна победа, сопругата на Блер има пишувано и во своите мемоарски книги.

Кога пред две години, во едно интервју беше прашана за тоа што им советува на сопругите во Даунинг стрит 10, таа одговорила – Никогаш не отварајте врата во ноќница!

Во средината на 2007 година, премиер стана Гордон Браун, откако Блер се повлече од функцијата, после првите две години од третот освоен мандат. Сопругата на Браун, Сара е вклучена во кампањи за глобално здравје и образование, а приватно е  мајка на три деца. Сега признава дека и е жал што за време на трите години поминати во Даунинг стрит 10, многу малку комуницирала со јавноста и со медиумите. Посебно жали што не реагирала на критиките и осудите упатени на адреса на нејзиниот сопруг.

Берлускони бара телефонски број

„Требаше да зборувам и да реагирам кога ги читав написите за Гордон ( сопругот) кои не беа воопшто точни. Барем требаше да речам- ама луге, па ова не е точно. Тој не е таков“- има изјавено Сара Браун во едно свое интервју за една лондонска телевизија. Во својата мемоарска книга под наслов „ Зад црната врата“ објавена во 2011 година, таа открива дека во една прилика, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и го побарал телефонскиот број на моделот Наоми Кемпбел и признава дека имала можност да биде само покрај една, како што има напишано, вистинска ѕвезда- актерката и пејачката Барбра Стрејсенд.

Од 2010 година, премиер на Британија стана Дејвид Камерон. На функцијата остана шест години, до оставката во јуни 2016 година , по поразот на референдумот за ЕУ, кога го наследи Тереза Меј. Сопругата на Камерон, Саманта во позицијата „ прва дама“ влезе како познат и успешен бизнисмен и како уметнички директор на компанијата „Смитсон“ која има седиште во лондонската Бонд Стрит. По изборната победа на нејзиниот сопруг, таа мораше да се повлече од својот претходен живот и од работата по која ја познаваа и да се посвети на новата улога, останувајќи само мајка на четири деца , само повремено , како консултат помагајќи во „Смитсон“.

Саманта Камерон-надвор од политиката

Таа признава дека во шесте години во Даунинг стрит 10, не била вклучена во политиката, ниту во политичките збиднувања. Во една своја изјава од пред некоја година, Саманта Камерон има речено дека ниту сакала да се меша во политиката, а ниту ја вклучувале во таквите работи. „ Се обидував сите години да останам надвор од она што , во политичкиот жаргон во Британија се нарекува „ Вестминстер селото“, но навечер, со Дејвид ( Камерон) разговаравме за случувањата во текот на денот“- има речено неговата сопруга.wfpa/Bigstock.com

Како ќе се развиваат работите околу Кери Симондс, останува да се види, но се ќе зависи од тоа, дали таа од „ девојка“ ќе му стане сопруга на Борис Џонсон, како и од тоа колку долго тој ќе остане на премиерската функција. Некои сметаат дека таа со сегашниот свој статус во приватниот живот на премерот, не би требало да живее со него во Даунинг стрит 10. Но, како и да е, таа веќе беше промовирана, ако ништо друго, како  „ службена девојка“ на Џонсон.

Промоцијата беше извршена за време на неговото прво обраќање до британската јавност, пред влезот во Дауннг стрит 10, кога стоеше заедно со бројните советници и персоналот на резиденцијата. Лондонските новинари ја открија во толпата од службени лица кои беа на пречекот на новиот премиер, откако дојде од Бакингамската палата, каде британската кралица му го довери мандатот за нова влада. Според нив, Симондс облечена во „ обичен фустан“ од 120 фунти,  со никого не зборувала и само се насмевнувала додека Џонсон им се обраќаше на Британците.

Промоција на девојката на Борис

Во британската јавност, меѓутоа, таа се промовираше низ еден инцидент во нејзината куќа во Лондон, преку бучната и бурна расправија што таа ја имала со Борис Џонсон. Инцидентот се случи во екот на изборната трка за партиски лидер на конзервативците, а во кавгата толку биле гласни и обајцата, а посебно Симондс, што соседите ја повикале лондонската полиција. Подоцна соседите им објаснуваа на медиумите дека барале интервенција на полицајците, стравувајќи дека можеби некој може и да настрада, а особено откако се слушнало кршење на чаши и чинии.

При увидот , полицијата нема најдено ништо за што би било потребно и нивно вклучување, но весниците открија дека за „спомен“ од расправијата останала снимената тонска лента, што еден од соседите ја има направено, која подоцна заврши во една од лондонските редакции. На неа се слуша врескањето на девојката на Џонсон, потоа силен тресок (се верува од фрлениот лаптоп) и нејзиното гласно барање до сегашниот премиер, веднаш да си замине.

„ Ти си само едно големо и разгалено детиште“-  му рекла, врескајќи Кари Симондс на Борис Џонсон.

„Разгалено детиште“

Весниците подоцна напишаа дека „ големото дете“ останало во куќата, а во деновите потоа, обајцата одбиваа да го коментираат случајот . Во натамошниот тек на изборната кампања тој упорно одбиваше да зборува за кавгата и за полициската интервенција, иако беше прозиван да се изјасни и од своите колеги во партијата, дури и од оние кои сега ги назначи како министри во владата што ја создаде. Неговиот став беше дека станува збор за приватна работа, која нема никаква врска со неговата политичка борба, за да се искачи до премиерската функција.

Симондс, пак,  не само што остана во врска со Џонсон, туку сега се зборува дека таа ќе биде идната, четврта сопруга ( или партнерка) на новиот британски премиер, па дека само од тие причини таа се најде во Даунинг стрит, во моментите на неговото инаугурално обраќање.

Како и да е, на самиот свој старт како лидер на Британија, Џонсон промовираше една сосема нова и досега непозната ситуација- државата да има „ Прва девојка“. Британците веднаш се потсетија дека досега тоа се има случено само на филм. Во популарната комедија „Love Actually”, Хју Грант кој толкува лик на неженет британски премиер, стапува во врска со една од неговите помошнички во кабинетот во Даунинг стрит 10, која во филмот ја игра британската актерка Мартине Мекчион.

А, очигледно темпераментната и остра на јазикот Кари Симондс, веројатно, ќе го почитува советот на Шери Блер- и кога ќе е многу налутена, да внимава да не излезе пред вратата на резиденцијата- облечена само во ноќница.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе