Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва: Брутално задушени протести

De Visu/BigStock.com

Москва: Брутално задушени протести

Руската полиција брутално се пресмета со продемократските демонстрации во Москва кои беа одржани со барања за организирање вистински слободни и фер избори. Над 1300 демонстранти се уапсени, стотици од нив се полесно и потешко повредени.

Опозицискиот лидер Алексеј Навални беше прв уапсен, уште пред да се одржат протестите. Бил приведен, а потоа затворен и веднаш осуден на 30 денови затвор, додека бил на џогирање низ еден московски парк. Освен Навални, биле уапсени уште неколкумина други опозициски лидери кои сакале да учествуваат на претстојните локални избор, за членови на Градскиот совет на Москва. Сите биле уапсени пред да се одржат протестите, откако против нив била покрената потрага по делови од рускиот главен град.

Употребувајќи несразмерна сила и тепајќи ги демонстрантите, со палки, полицајците ги растерале насобраните 3500 демонстранти (според полициски извори) кои прво протестирале пред зградата на московскиот Градски совет, а потоа на друга локација, оддалечена околу 1 км. од првичната. Полицијата упаднала и во просториите на една локална телевизиска станица, која директно ги пренесувала случувањата на московските улици и го запрела емитувањето на преносот.

Непропоционална сила

Демонстрантите се собрале на протести затоа што руските власти ги отфрлиле кандидатурите на неколкумина опозициски политичари кои се пријавиле за локалните избори во Москва, предвидени за 8 септември. Протестите траеле седум часови, а незадоволната маса луѓе извикувале – „Русија ќе биде слободна“ и „Кого вие (обраќајќи им се на власта) тепате“.

Нема објаснување какво е обвинението за сите уапсени, освен што се знае дека Навални бил прогласен за виновен, затоа што повикал на протести, иако немал дозвола од властите. Со таквото објаснување, тврдејќи дека протестите биле “незаконски“, руските власти сега ја објаснуваат и интервенцијата на полицијата.

Европската Унија остро ја осуди “непропорционалната употреба на сила“ против ненасилните демонстрации, обвинувајќи дека на тој начин Русија ги поткопува “фундаменталните слободи за изразување на мислењето“.

Во меѓувреме, се разбра дека Навални од затвор бил итно префрлен во болница, поради, како што е речено, силен напад на алергија, состојба што досега кај него не се појавувала и покрај честите апсења и издржување на затворски казни. Властите немаат издадено соопштение за состојбата на опозицискиот лидер, но неговиот портпарол рекол дека има тешко отекување на лицето. Неидентификуван болнички извор изјавил дека неговата состојба, сепак, е задоволувачка.

Навални во затвор, па во болница

Очен лекар кој претходно го лекувал Навални изјавил за странските медиуми дека тој можеби е повреден од напад со хемиска супстанца, зашто тоа му се случувало и порано. На лекари кои претходно го имаат лекувано, им било забрането сега да го посетат во болница. Во 2017 година, Навални на два пати беше нападнат со хемикалии по лицето, при што му било оштетено едното око.

Во руската и европската јавност Алексеј Навални се појави откако ја започна својата кампања против раширената корупција во Русија, за која ја обвинуваше власта. Во текот на зимата во 2011 година, тој успеа да организира најмасовни досега протести против власта на претседателот Владимир Путин. Од тогаш беше повеќепати апсен и осудуван, главно за организирање протести без дозвола, а еднаш беше суден и за измама, која непристрасните правни експерти ја оквалификуваа како судска фарса. Поради таа пресуда, во 2018 година властите му забранија да учествува на претседателските избори.

Локалните избори во Москва во септември годинава, се сметаат како тест за руската политичка сцена, затоа што Кремљ се соочува со силна опозиција во главниот град. Московјаните гласаат секои пет години за сите 45 одборници во градскиот совет кој сега е целосно под контролата на владејачката партија Единствена Русија, на претседателот Путин.

(Р.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе