“Промени на мозокот” кај дипломатите во Хавана
Американски медицински експерти кои извршиле серија снимања и скенирање врз дипломатите на САД кои беа на работа, на Куба, утврдиле дека постојат “промени на нивниот мозок“, но експертите, не можеле да откријат какви се тие промени, како што не можеле да заклучат – и што е тоа што ги предизвикува.
Според наодите, во мозокот на овие дипломати “има помалку бела маса“ отколку кај здравите луѓе. Но, експертите кои ги извршиле испитувањата објасниле дека наодите откриле и низа други разлики, што засега, не може да ги протолкуваат.
Мозочна бела маса
На пример, по откритието за помалата бела мозочна маса, тие очекувале малиот мозок, кој е блиску до мозочниот столб, на било кој начин да биде погоден, затоа што американските дипломати кои престојувале во Хавана, на Куба, се жалеле на симптоми, како што се проблеми со рамнотежата, несоница, проблеми во размислувањето и главоболки. Докторите, меѓутоа, кај ниту еден од испитаните пациенти, не нашле дека малиот мозок кај нив бил погоден.
Експертите за снимање на мозокот при Универзитетот во Пенсилванија (САД) утврдиле дека не откриле сличности како кога станува збор за болести на мозокот, или за некаква негова повреда.
“Морам да признаам дека станува збор за вистинска медицинска мистерија“ – изјавила за локалните медиуми специјалистот Реџина Верма.
Според неа, досегашните тестирања не нашле повреди на мозокот на дипломатите, ниту пак дека регистрираната разлика (околу белата маса) кај дипломатите и друга група тестирани луѓе на иста возраст, може да се објасни.
Од крајот на 2016 година, поголемиот број од дипломатите на САД во американката мисија во кубанскиот главен град, почнаа да се жалат на проблеми со главата, со рамнотежата и со слухот. Првата помисла беше дека зградата на мисија, како и нивните домови, се изложени на ултра звук, односно дека станува збор за “соничен напад“.
„Соничен напад“
Објаснувајќи дека грижата за здравјето и безбедноста на дипломатите им е првична задача, Стејт департментот почна да ги повлекува сите кои се пожалија, а потоа и драстично да го намали бројот на Американците кои беа испратени на работа на Куба. Случајот достигна размери на дипломатска афера кога се пожалија и неколкумина канадски дипломати, кои исто така, беа брзо повлечени. Вкупно 40 од Американците се пријавиле доброволно за да биде скениран нивниот мозок, како и врз нив да се направат сите тестови.
Наодите сега се познати, а разликата во мозокот кај двете групи испитани пациенти, лекарите не може медицински да ги објаснат. Во испитувањето на случајот со “соничниот напад“ на Куба, се вклучиле и експерти од Шкотска, од Универзитетот во Единбург, кои сугерираат тестовите да се повторат, но за испитување покрај вратените дипломати, за споредба да се земат луѓе кои воопшто не биле во Хавана.
Властите на Куба категорично ги отфрлаат обвинувањата за “напад“ со ултра звук врз Американците. Дел од вратените дипломати, пак, остануваат на тврдењето дека често пати “слушале високи тонови” додека биле дома, а понекогаш и кога престојувале во хотел.