Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија, сепак, купува Ф-16

Keith Homan/BigStock.com

Бугарија, сепак, купува Ф-16

После многу надмудрувања и долгите воено-политикански игри, владата во Софија, конечно, успеа да се избори да купи осум нови американски воени авиони од типот „Ф-16“, а не шведските „ Грипен“ кои беа алтернатива и околу што се поделија власта и опозицијата.

За тоа беше потребно дури и специјално гласање во бугарскиот Парламент, со кое требаше да се поништи ветото, што на (законот) за купувањето на „Фантомите“, го стави претседателот на државата Румен Радев. За елиминирање на претседателската блокада, гласаа 128 пратеници , а беа потребни 121, додека 73 пратеници, сите од опозицијата, беа за останување на ветото во сила.

Претседателско вето

Уште од почетокот, кога се објави дека Бугарија ќе изврши модернизација и осовременување на своето воено воздухопловство, Министерството за одбрана и владата се определија за американската понуда. Владата на Бојко Борисов објасни дека определувањето за авионите „Ф-16“ се заснова на бугарските воени и стратешки потреби.

Прво, затоа што овој тип авиони го имаат многу земји, не само оние кои се членки на НАТО, а потоа и затоа што токму со овој авион, како што се тврди, може да бидат заштитени интересите на државата и нејзиниот престиж и углед. Опозицијата, меѓутоа, беше против, тврдејќи дека условите за зделката се неповолни за Бугарија, потоа дека во договорот на кој инсистираат Американците , нема механизам за меѓународна арбитража, во случај на евентуален спор, туку само тужба и тоа пред суд во САД.

Во дебатата за поништување на претседателското вето, пратениците од владиното мнозинство изразуваа сомнежи дека Радев во целата оваа работа, вклучувајќи и блокирањето на договорот со американскиот производител, имал „ личен, финансиски интерес“ навивајќи за шведската понуда, што тој категорично го отфрлаше.

Претседателот Радев важи за политичар близок до опозициските социјалисти, иако на изборите за шеф на државата се декларираше како независен кандидат. Тој е поранешен генерал на бугарската армија.

„Фантоми“ и „Мигови“

Министерот за одбрана, Красимир Каракачанов, за домашните новинари има изјавено дека е задоволен што сите работи околу набавката на американските борбени авиони, најпосле, се завршени. Тој соопшти дека владата брзо ќе обезбеди 1,2 милијарди долари, колку што чинат осумте авиони. Претходно, тој има изјавено дека „Фантомите“ ќе бидат доволни за да го покриваат бугарскиот воздушен простор и повремено и македонското небо.

Бугарија е членка на НАТО од 2004 година. Сите изминати 15 години, земјата настојуваше да ја комплетира својата воено-техничка опременост, со купување нови авиони, наместо сегашните „Миг-29“ кои се застарени и несоодветни за потребите на НАТО алијансата. Сите потекнуваат уште од времето на поранешниот Советски Сојуз, кога Бугарија беше сојузник на Москва и членка на Варшавскиот Пакт. Во еден период, земјата се обидуваше да се опремени со западни, на старо купени авиони, но владата во Софија се откажа од таа идеја.

Авиони „Ф-16“ минатото лето требаше да набави и Хрватска, која е во НАТО од 2008 година. Хрватската влада тогаш се определи за купување на 12 „ Фантоми“ од Израел, од нивната израелска варијанта, приспособена за потребите на израелската авијација.

Три од авионите дури беа доопремени во Хрватска, а тие се вклучија и во една тамошна воена парада, но целиот аранжман пропадна, откако САД не дозволија хрватската авијација да ги користи авионите „Ф-16“ во нивната израелска верзија.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе