Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Меган гостин-уредник на „Вог“

kathclick/BigStock.com

Меган гостин-уредник на „Вог“

Поранешната американска актерка Меган Маркл (37) сега сопруга на принцот Хари и британска војводка од Сасекс, е гостин-уредник на септемвриското издание на угледното британско списание “Вог“. Овој број што во продажната мрежа, во Лондон и низ светот се појавува веќе од почетокот на август, е заглавен како “Forces for change” („Сили за промените“), а на насловната страница се ликовите на 15 “силни и инспиративни жени“ за кои Меган смета дека ги претставуваат силите кои покренуваат за промените во светот.

Меган Маркл која минатиот мај се омажи за британскиот принц Хари, а во мај годинава го роди своето прво дете, на ова издание на „Вог“ има соработувано седум месеци, заедно со главниот уредник на списанието Едвард Енинфалом.

Според традицијата на списанието, неговиот септемвриски број, важи за најтиражен и најчитан, па Меган има речено дека настојувала фокусот на овој број на „Вог“ да биде ставен врз вредностите, прашањата и личностите кои во денешниот свет создаваат промени, потоа на жените ангажирани во покренувањето засилена позиција на жената, како и на менталното здравје, на расните проблеми и на зачувувањето на човековата околина.

Меѓу жените кои се на насловната страница се 81 годишната актерка Џејн Фонда и 16 годишната тинејџерка- екологист Грета Тунберг, која во лондонските медиуми засилено се промовира како главен фаворит за годинешна нобелова награда за мир. Во таа група се и манекенката и активистка Адовоа Абоаха, премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн, американската актерка од мексиканско потекло Селма Хајек, инаку и активистка за женски права, актерките Џема Чан и Лаверн Кокс, па боксерката Рамила Али, познатата писателка Џимаманду Нгозиадиче, балерината на британскиот кралски балет Франческа Хејворд и моделот и поранешна избегличка Адут Акеч.

Во септемвриското издание на „Вог“ е сместен и разговорот што Меган Маркл го има направено со Мишел Обама, сопругата на поранешниот американски претседател Барак Обама, како и разговорот на принцот Хари (војводата од Сасекс) со др. Џејн Гудал.

Според главниот уредник Енинфалом, гостинот-уредник Меган ја нема на насловната страница. Тој вели дека тоа е намерно направено и објаснува дека уште од самиот почеток било расправано околу тоа дали таа треба да биде меѓу избраните жени. На крајот, самата таа побарала да биде изземена, за да не се случи новата војводка и сопруга на шестиот по ред претендент на британскиот престол, да го сврти целото внимание на читателите, само врз себе.

“На насловната страница нека бидат само жените на кои им се восхитувам“ – има речено Меган Маркл, војводката од Сасекс, во својата функција како гостин-уредник на септемврискиот број на британскиот „Вог“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе