Патување без дозвола од мажот!
Жените во Саудиска Арабија, за прв пат во историјата на оваа земја, од почетокот на август 2019 година можат да патуваат, низ земјата и во странство, без дозвола од машко лице од семејството, или од сопругот.
Ова се смета за историски настан во оваа ултра-конзервативна држава на Блискиот Исток и за силен удар врз апсолутната доминација на мажите кон жените. Со новите закони, со кои се прават корекции во доменот на женските права, сега е дозволено саудиски пасош да може да добие секој државјанин на Саудиска Арабија, доколку тоа го побара, без разлика на полот. Единствен услов е барателот на пасошот да не биде помлад од 21 година.
Со пасошот во рака Саудијките ќе може слободно да отпатуваат, каде што сакаат, без да бидат обвинети дека побегнале од дома (најчесто од сопругот), или да мораат да се кријат по разни земји, барајќи азил или пријавувајќи се како бегалци, само за да заминат од Саудиска Арабија и да не бидат вратени назад.
Пкетот нови мерки го вклучува и правото на жените од оваа земја, за прв пат, самите да може да го регистрираат во матичните служби детето што го родиле, да може да бидат старателки на малолетни деца и уште- самите да можат да пријавуваат стапување во брак или да покренуваат постапка за развод.
Ваквиот пакет социјални мерки за изменување на статусот на Саудијките, доаѓа откако минатата година за прв пат им беше дозволено правото да седат на предните седишта од возилото, што мораше да биде управувано само од маж – татко, сопруг, брат или близок роднина. Подоцна, тоа право беше унапредено со дозволата и жените во ова кралство, инаку пребогато со нафта, да може да учат да возат, да полагаат возачки испит, да поседуваат возачка дозвола, па дури и да возат.
Властите во Ријад веќе подолго време се на удар од меѓународната заедница, со остри критики поради лошиот статус на жените во саудиското општество, во кое припадничките на понежниот пол се третирани како граѓани од втор ред. Тие се во најголем број и невработени.
Само 22 отсто од Саудијките се во работен однос – другите седат дома, како мајки и сопруги задолжени само да ги одгледуваат децата и да се грижат во домот секогаш да има храна за семејството.
Немажените, пак, само чекаат да бидат омажени и потоа да живеат онака, како што тоа го прават нивните мајки.
Како покренувач на сите овие реформи кои водат кон модернизација на приликите во државата отпорна на сите промени во современиот свет, се смета крунскиот принц Мохамед ал Салман. За него се вели дека, всушност, тој ја води државата во името на својот остарен татко, кралот Салман.