Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Руско оружје за Србија – во цивилен авион

mihail39/BigStock.com

Руско оружје за Србија – во цивилен авион

Во рамките на засиленото префрлање на руско оружје за српските армиски сили, минатиот месец во Москва беше соопштено дека Русија на Србија и подарува и десет оклопни транспортери. Подоцна беше соопштено дека пратката е испратена, а по извесно време, српските медиуми пренесоа соопштение дека транспортерите веќе се во воената касарна во Ниш.

Остана нејасно како оружјето е префрлено на српска територија, со оглед дека на целата западна граница на Русија (освен Украина и Молдавија) се наоѓаат земји-членки на ЕУ, која по анексијата на Крим во март 2014 има воведено санкции кон Москва. Санкциите се однесуваат на трговијата со оружје, како и на производи што може да се користат за воени и цивилни потреби.

Кога руската страна најави дека оружјето е испратено, од Романија беше соопштено дека тамошната морнарица го блокирала Дунав за да спречи борбените транспортери да се префрлат во Србија по течението на реката. Москва и Белград демантираа, а српските власти налутено реагираа со куса изјава дека “работа на Србија е како оружјето е донесено“.

Се покажа, меѓутоа, дека транспортот не бил српска работа, туку дека целата операција била руска и дека за да се заобиколи блокадата со санкциите, Москва се послужила со измама. Наместо со воен авион, што би било нормално да се очекува, транспортерите на Србија и се испорачани со цивилен авион.

Така барем тврди владата на Унгарија, која потврди дека оружјето било префрлено со авион, преку унгарскиот воздушен простор.

Според портпарол на владата во Будимпешта воените транспортери преминале преку унгарска територија во авион со цивилни ознаки. “Добивме известување за тоа дека цивилен авион влегува во нашиот (унгарскиот) воздушен простор. Но тоа е само рутинско, протоколарно известување“ – рекол портпаролот на владата на премиерот Виктор Орбан.

Унгарските власти уште објасниле дека доколку се следи географијата на летот, тогаш е сигурно дека тој претходно ги прелетал и Полска и Словачка. Тоа би требало да значи дека ако веќе биле заведени унгарските власти, тоа им се случило и на полските и на словачките.

Претставник на ЕУ во Брисел изјавил дека Унијата е информирана за преносот на руското оружје. „Одговорноста кон санкциите кои ги има воведено ЕУ (кон Москва) ги сносат самите земји-членки на Унијата“ – рекол овој портпарол.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе