Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Дејмон Вилсон: Не може во ЕУ со руско оружје

blinow61/BigStock.com

Дејмон Вилсон: Не може во ЕУ со руско оружје

Случајот со префрлањето на десет руски воени оклопни транспортери во Србија, уште и прикриено, со цивилен авион, предизвикаа бранување во европската јавност и во регионот, особено што тие само се надоврзуваат на забрзаната милитаризација на државата и набавувањето оружје и борбени авиони и хеликоптери од Русија.

Официјален Белград ги отфрла критиките, тврдејќи дека станува збор за внатрешна работа, дека српските вооружени сили мора да бидат подготвени за секоја евентуалност, објаснувајќи дека интензивното вооружување на Србија не било насочено против никого.

Забрзана милитаризација

Но, секако, не е случајно што тоа се случува пред и во време кога во соседна Хрватска (како и секој август) во изминатите дваесетина години, се одбележува тамошната операција „Олуја“. За Хрватска на тоа се гледа како на важен дел од хрватската борба за потврда на независноста, додека во српската јавност се прикажува како операција за “етничко чистење” и насилно протерување на Србите од хрватската територија. Освен тоа, целата операција, во српската јавност, се прикажува дека се случила само како резултат на српската неспремност да се одбранат и при тоа се испраќаат пораки дека тоа“ нема никогаш повеќе да се повтори“.

Притоа како намерно да се заборава дека како и да се оценува целата операција на хрватските вооружени сили од пред 24 години и нејзината оправданост, сето тоа се има случувано на туѓа територија, па затоа во Загреб, но и во регионот како закана се примаат пораките од Белград дека Србија “сега е (воено) спремна и дека може секому (веројатно воено) да му одговори, но дека тоа не го сака“!

Слична реторика се користи и кога станува збор за Косово, особено откако (барем засега) пропаднаа плановите на Белград, работите со Приштина да се средат со “разграничување” меѓу косовските Срби и Албанци и со размена на територија и засилената военствена реторика на повеќето српски медиуми дека тамошните Албанци се спремаат за (наводен) вооружен напад врз локалните Срби“. Колку и сето тоа да се прифати дека е во функција на домашните, српски политички потреби околу тоа кој е поголем патриот и кој повеќе се грижи за “народот“, останува впечатокот дека “воените игри“ со вооружувањето на Србија, не може да се гледаат како попатна работа.

Во улогата на “мини-Русија“

Според европските аналитичари, целата оваа ситуација е последица на политиката на актуелната српска власт за седење “на две столчиња“ и праќање пораки на Западот дека Белград си има резервна варијанта, а тоа треба да бидат Истокот и Русија. Извршниот потпретседател на Атланскиот сојуз во Вашингтон, Дејмон Вилсон, во изјава за „Гласот на Америка“, затоа, со право забележува дека држава која (вели) дека оди кон ЕУ, не треба да прима оружје од Москва.

“Тоа е штетно и неодговорно и претставува обид за слабеење на нормализацијата“ – смета Вилсон.

Во пораката кон Белград, тој вели дека патот на Србија кон ЕУ оди преку нормализацијата на односите со Косово, а не низ испораките на руското вооружување и секако, не преку оружјето што Москва ќе и го даде на Србија. Според Вилсон, се додека косовското прашање останува отворено, ќе има најразлични обиди од Русија, ќе постојат српските игри и ќе егзистираат контроверзни односи, што за Американецот, во крајна линија и штетат на самата Србија.

Заменик министерот за одбрана на Косово Бурим Рамадани, од своја страна, го осудува натамошното вооружување на Србија со руско оружје. Според него, тоа е “закана за целиот Балкан и претставува одмазда (српско-руска) кон државите во соседството што станаа членки на НАТО“, тврдејќи дека Србија “се претвора во мини-Русија на Балканот“.

На сите такви реакции, од Белград реагираат со најавата дека во следните месеци, српската армија ќе добиела уште руско оружје – четири хеликоптери од типот „МИ-35“, како и три „МИ-17“.

Србија, сепак, ќе го признае Косово

Угледниот Карнеги институт од Москва, уште од порано на ова гледа само како на настојување на Москва да се смести во Србија, а преку неа и во Западен Балкан и во регионот и тоа преку Косово и одржување отворено косовското прашање. Во анализите што ги има направено институтот се проценува дека Белград и да сака не може да се ослободи од “руската прегратка“, затоа што Москва се потпира на наводното историско наследство во руско-српските односи, на српскиот национализам, русофилството и слабата и разединета опозиција, која и самата се нема определено околу Косово, најчесто и таа играјќи на патриотизмот.

Дејмон Вилсон, пак, верува дека Србија, сепак, ќе го признае Косово, затоа што тоа е многу битно за земјата, како и дека претседателот Александар Вучиќ би можел да го затвори прашањето и политички да преживее. Вилсон, меѓутоа, се согласува дека тоа не може да се случи туку така. Според него, тоа мора да биде дел од пакетот кој ќе и одговара на самата Србија, за да таа ја развие својата економија и за да го забрза патот кон ЕУ. Вака таа е целосно политички “заглавена“ со Косово, без можност да се трансформира во дел од глобалната економија.

“Доколку Србија, навистина сака да чекори напред, треба да се ослободи од косовскиот товар, особено што во целата таа работа ја има координираната поддршка на Европа и САД, дури и кога изгледа дека тие се разликуваат во погледите“ – рекол Вилсон. Тој смета дека таксите на владата во Приштина имаат предизвикано проблеми, но дека (Белград) треба да престане со агресивните обиди да го спречи признавањето на косовската независност.

(Б.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе