Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Казна од 1500 евра за возење со цигара

komokvm2/BigStock.com

Казна од 1500 евра за возење со цигара

Новата грчка влада го започна својот мандат воведувајќи остри казни поврзани со големата страст на Грците кон пушењето, казнувајќи го сега и возењето со цигара во устата.

Министерството за здравство во Атина одлучи возачите на такси возилата, на автобусите и на секое друго возило вклучено во јавниот превоз, да се казнуваат со 1500 евра и забрана за возење од еден месец, доколку пушат додека управуваат со возилото. Ако во него има и деца, кои се помали од 12 години, тогаш казната се зголемува на 3000 евра.

Според одредбите од новите мерки за санкционирање на пушењето, возачите на приватните автомобили кои ќе имаат цигара во устата и ќе пушат, а во возилото има и дете помало од 12 години, во иднина ќе се казнуваат со парична казна од 1500 евра и со одземање на возачката дозвола.

Иста казна е предвидена за возачите, доколку нивниот совозач пуши во време на возењето.

Драконските казнени мерки доаѓаат откако пролетва беше направено истражување кое покажа дека во Грција масовно се изигруваат прописите за забрана на пушењето, предвидени со одредбите на Европската унија. Во анкетата на еден локален медиум, направена по повод десет годишнината од усвојувањето на законот за забрана на пушењето, над 60 отсто од учесниците во анкетата признале дека пушат и таму каде тоа, формално, е забрането.

Законот има и казнени одредби за непочитувањето на забраната, но ниту властите имаат спроведено поенергични мерки за санкционирање на прекршителите, а ниту самите Грци се подготвени да ги почитуваат прописите, што очигледно е типично однесување за целиот Балкан, без разлика на членството во ЕУ. Во грчките таверни, кафулиња, како и места на кои се служи храна и сега се пуши. На секоја маса низ грчките одморалишта има пепелник, што навестува дека може да се јаде и пие и да се пуши во исто време, иако на секој ваков локал, обично, има знак за забрането пушење.

Никој во западниот дел од Европа тоа нема да го направи, без разлика дали има истакната забрана, затоа што огромен дел од луѓето ја почитуваат одлуката – одамна објавена и позната – дека таму каде се служи храна не смее да се пуши, во затворени простории и на отворени локации. Нема дури ниту потреба од инспекции, контроли и предупредувања, затоа што сите се придржуваат на прописите- како сопствениците на локалите, така и луѓето.

Слична е ситуацијата и со пушењето при возењето.

Тоа не е само опасно за вкупната безбедност во сообраќајот, туку е и закана за здравјето на возачот и на сопатниците, но многу честа е сликата од грчките градови, возачите да имаат цигара во устата додека управуваат со возилото. Одново споредено, со западноевропските градови, улици и патишта- речиси и да нема некој со цигара во уста додека вози автомобил, уште помалку ако со себе вози и дете.

Затоа не е мал бројот на оние во Грција кои се сомневаат во успехот на новите прописи за казнување на пушењето во автомобил. Законот сам по себе е за поздравување, но останува дилемата дали грчката полиција, навистина, ќе ги запира возачите кои пушат додека возат и ќе ги казнува. Како и да е, забраната за пушење се однесува и за странските возачи и оние кои се на одмор во Грција.

И ова предупредување се однесува за гостите од балканскиот регион.

(Д.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе