Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Родителите-демонстранти ќе останат без децата?

Tinnakorn/BigStock.com

Родителите-демонстранти ќе останат без децата?

Родителите кои учествувале во антивладините демонстрации во Москва, на крајот од јули и на почетокот од август, освен што беа претепани од полицијата и затворени, сега ризикуваат да останат и без своите деца, доколку биле со нив на улиците на рускиот главен град.

Руското државно обвинителство официјално побарало од судот, да им бидат одземени “родителските права“ на една руска брачна двојка која на протестите учествувале, носејќи го со себе своето едногодишно дете. Родителите се обвинети дека ги “злоупотребиле“ родителските права (!?) затоа што во текот на демонстрациите детето го дале на “трета личност“.

Не се знае зашто “илегалноста на протестите“ е толку битна за наводната загриженост на властите за детската безбедност, но обвинителството инсистира дека станувало збор за протести за кои немало дозвола. Обвинителството уште ги товари таткото и мајката дека го “загрозиле здравјето и животот на својот син“ за време на, како што се вели, „нелегалните“ протести.

Останува нејасно дали родителите немаше да бидат обвинети, доколку протестите беа одобрени од властите, но сега тие се соочуваат со заканата да останат без своето дете. Во редовите на руската опозиција се верува дека станува збор за уште еден начин за заплашување и закана кон продемократските настроени Руси, да не учествуваат во антивладини протести, особено откако властите отворено порачаа дека брутална сила одново ќе биде применета доколку се организираат протести, без претходно за нив да се добие дозвола.

На протестите на 27 јули, организирани откако руските власти не им дозволија на низа опозициски политичари да се кандидираат за локалните избори на 8 септември, за членови на Градскиот совет на Москва, град од 12,5 милиони жители, руската полиција има применето “непримерна сила и бруталност“. Дури 1300 лица беа уапсени, што е најголема бројка во изминатите десет години.

Обвинителството сега испитува и други случаи на родители кои на демонстрациите учествувале носејќи ги своите деца. Руските власти не го откриваат идентитетот на брачната двојка, ниту на “третото лице“ на кое тие го дале својот едногодишен син.

Секој седми граѓанин на Србија е вооружен

Повеќе од еден милион парчиња оружје имаат регистрирано граѓаните на Србија, соопштило тамошното Министерство за внатрешни работи, што значи дека секој седми државјанин, легално, располага со огнено оружје.

Меѓутоа, никој не знае колкав е бројот на нелегалното, непријавеното и нерегистрирано оружје, оставено по домовите и кај луѓето, од времето на војните што ги водеше Србија во годините од распадот на екс Југославија. Властите, сепак, веруваат дека станува збор за значително количество, иако поседувањето “калашников“, „хеклер“ или експлозивни направи (бомби-кашикари) претставува тешко кривично дело.

Белградските медиуми потсетуваат дека пред три години било извршено уништување на 18 илјади парчиња оружје, кое било откриено од полицијата, или било предадено од самите граѓани, а во изминатите пет години, на три пати била извршена легализација на непријавеното оружје. За поседување илегално оружје предвидени се затворски казни од две до 12 години, но малкумина досега биле уапсени и осудени за вакви кривични дела.

Медиумите оценуваат дека проблемот е во лесната и релативно евтината можност на „црниот пазар“ да се набави оружје. Најпопуларните “Калашникови“ чинат од 600 до илјада евра, додека “Хеклерите“ се поскапи и во Србија може да се набават за две илјади евра. Ова опасно и убоито оружје, најчесто, го користат атентатори, за убиства извршени во движење, обично од моторцикл.

Оставка на амбасадорот на САД во Москва

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Хантсмен поднесол оставка на функцијата и за тоа веќе го известил претседателот Доналд Трамп. Во писмото со оставката Хантсмен навел дека сака да замине од Москва, што е можно поскоро, до октомври годинава.
Медиумите во САД тврдат дека оставката е мотивирана од политичките амбиции на амбасадорот да се вклучи во домашната политика, одново кандидирајќи се за гувернер на сојузната држава Јута, за изборите во 2020 година.

Хантсмен веќе еднаш бил гувернер во оваа конзервативна сојузна држава од 2004 до 2008 година, по што бил испратен за амбасадор на САД во Кина. Но и тогаш ја прекинал својата дипломатска работа, за да учествува во изборната трка за номинација во Републиканската партија, за претседателските избори во 2012 година.

Амбасадорската позиција во Москва ќе му остане запаметена по конференцијата на претседателите на САД и на Русија, во финскиот главен град Хелсинки, во јули 2018 година. На тој американско-руски Самит, Трамп одби да ја осуди Москва за мешањето во изборите во САД, во 2016 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе