Поврзете се со нас

Skopje Global

„Њујорк Тајмс“ смени наслов под притисок на читателите

Свет

„Њујорк Тајмс“ смени наслов под притисок на читателите

mshch/BigStock.com

„Њујорк Тајмс“ смени наслов под притисок на читателите

Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ го смени насловот за текстот за претседателот Доналд Трамп, објавен на првата страница, под притисок на читателите. Во своето прво издание, пишувајќи критички за обраќањето на Трамп до американската јавност, по повод двете масовни убиства на осамени убијци – во Тексас и во Охајо – во кои во период од само 13 часови беа убиени 31 невини лица, а педесетина други беа ранети, редакцијата се определи за насловот “Трамп бара единство против расизмот“.

За второто издание на „Њујорк Тајмс“ останал истиот текст, што значи дека не биле изменети ниту позициите на редакцијата, но написот, овој пат, се појавил со сосема нов наслов – „Трамп ја нападна омразата, но не и оружјето“.

Без контрола на оружјето

Ваквата постапка на еден познат и респектабилен весник, не само во Америка, се верува дека била изнудена, откако редакцијата била преплавена со протести на читателите, но и од писма и пораки на низа истакнати јавни и политички личности. Сите тие сметале дека првиот наслов не одговара на она што го зборувал претседателот, а посебно затоа што тој со ништо не навестил што ќе преземе неговата администрација околу контролата во вооружувањето на граѓаните на САД, а уште помалку за елиминација на распалениот расизам.

Најголемиот дел од критиките биле насочени кон самиот претседател кому не му се верува дека е искрен во повикот за единство (на Американците) во борбата со расизмот. “Не сум сигурен дека Трамп сугерира единство, па затоа и не можам да го прифатам вашиот (на весникот) наслов“ – се најчестите приговори.

Во американската политичка пракса и во јавноста, после секое вакво злосторство, извршено врз невини луѓе, а поттикнато од расна, религиозна или било каква друга омраза, се очекува во обраќањето на претседателот да има и нешто повеќе од осуда на убиството. Особено што уште веднаш по извештаите за првото масовно пукање во Ел Пасо, град на самата граница со соседно Мексико, населен главно со Латиноамериканци, медиумите покренаа (одново) силна кампања за контрола во вооружувањето и против говорот на омразата.

Неуверливо обраќање

Многумина американски аналитичари, затоа, обраќањето на Трамп го оценуваат како неуверливо и слабо, особено што во него нема ништо за тоа како да се влијае за поттикнување построга контрола на продажбата и користењето на оружјето, што во голем број го поседуваат Американците.

Наместо очекуваните навестување на било какви мерки за (барем) воведување повеќе ред во овој сектор, претседателот на САД саморекол дека “ментално пореметени луѓе и омразата го повлекува чкрапалото на оружјето. Не е тоа самото по себе виновно“. Или, што ќе рече, оружјето само не пука. Вината секогаш треба да се бара кај „пореметените поединци“.

Незадоволноста на јавноста од реакцијата на Трамп, уште повеќе беше засилена и од неговиот коментар на Твитер, само неколку часови пред инцидентот во Ел Пасо, во кој претседателот уште еднаш се нафрли врз медиумите, обвинувајќи ги за ширење лажни вести, со кои се поттикнувала атмосфера на гнев. Кога 13 часови по Ел Пасо, се дозна и за ист таков случај во градот Дејтон (познат на Балканот по склучувањето на Дејтонскиот договор за мир во БиХ), а Трамп погрешно тврдеше дека имало пукање во градот Толедо, во јавноста прилично гневно беше пречекано и обраќањето на претседателот, но и насловот на “Њујорк Тајмс“.

„Говор на омразата“

Во демократската и либерална јавноста од поодамна се обвинуваат Трамп и администрацијата дека со сите досега преземени потези и низ сите јавнии настапи на претседателот се подржува чувањето оружје по домовите на лугето и се изразува противење на воспоставување поостра контрола при набавката на оружје. Тоа е став и на конзервативниот дел од САД и на трамповите гласачи, иако и сите претседатели пред него, или не се ни зафаќаа со оваа чувствителна тема, стравувајќи од губење на гласовите на изборите, или пак само зборуваа за заострување на прописите, но малку од тоа имаат успеано да направат.

Медиумите од таа либерална и демократски определена Америка, каде припаѓа и „Њујорк Тајмс“, остро му приговараат на претседателот за неговиот “говор на омразата“ кога станува збор за имигрантите, за поголемите малцински групи, во неговата кампања за изградбата на висок ѕид (ограда) долж границата со Мексико и за неговата тврда антиимигрантска политика, која либералниот дел од Американците ја оквалификува и како “расистичка“.

Она што во меѓувреме Доналд Трамп побара тоа беше побрзо извршување на смртните казни, за сторителите на масовни оружени напади.

Промената на насловот за Трамп во овој познат американски весник, предизвика жив интерес во тамошната јавност, но, барем засега, нема официјално објаснување од редакцијата, зашто “Њујорк Тајмс“ се определи да го направи тоа на својата прва страница, меѓу првото и второто издание на весникот.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе