Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

ЕУ има проблеми со тротинетите

Dragon Images/Bigstock.com

ЕУ има проблеми со тротинетите

Лесни, едноставни за употреба, доволно брзи за да може да се користат како транспорт во градовите, посебно на кратки дестинации и пред се еколошки чисти, бидејќи не загадуваат, електричните тротинети забрзано ги освојуваат градовите низ Европа. Нивната цена е релативно прифатлива, а во големите европски градови може и да се изнајмуваат, што ги прави посебно интересни за туристите.

Еколозите, градските власти, па и администрацијата на ЕУ, брзо ја прифатија оваа новина, најмногу затоа што сите во новите и брзи возила на две тркала видоа можност за, какво, такво, ослободување на градовите од прекумерен сообраќај и што е најважно – за намалување на загаденоста на воздухот, во поголем или помал обем.

Но, како што стојат работите, се чини дека градските власти во поголемите европски градови во ЕУ се на пат да ја „раскинат љубовта“. Со забрзаното намноженување на фирмите кои продаваат и издаваат тротинети, овие минијатурни возила на две мали тркала почнаа да прават проблеми во сообраќајот и во безбедноста на пешаците. Се покажа дека „играчката“ за големите не може да се третира само како „играчка“ што ќе ги спасува градовите од  нечистиот воздух, без притоа да биде регулирано возењето на тротинетите.

Казни за возење по тротоар

Иако мали, електричните тротинети може да постигнат брзина и до над 30 км/ч, а  некои и до 50 км/ч, па возејќи ги по тротоарите, како што тоа се прави најчесто, „играчката“ стана закана против која најмногу се бунат пешаците, кои тврдат дека се најзагрозени. Расте бројот на сообраќајни несреќи во кои се инволвирани тротинетите, како по тротоарите, така и по улиците, а веќе има и неколку загинати возачи, поради удар во автомобил или во камион.

Франција, а посебно Париз, изгледа, дека имаат најмногу проблеми, па таму веќе се воведени сообраќајни казни за тротинетџиите.

Казна од 135 евра ќе мора да платат ако бидат фатени дека возат по тротоар, а казна е предвидена и ако се паркираат на простор предвиден за пешаци. Францускиот главен град е првата европска метропола која им објави „војна“ на малите возила, затоа што се верува дека во Париз има над 20 илјади тротинети, што се смета за најголема бројка во спордба со другите градови во Европа. Градските власти велат дека тротоарите станаа „борилишта“ за простор меѓу пешаците и тротинетите.

„Работите излегоа од контрола“

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, изјавила за локалните медиуми дека морало остро да се реагира затоа што се смета дека работите излегле од контрола. Воведена е максимална брзина од 20 км/ч, а казни се предвидуваат и за оние кои ги рентаат. Згора на тоа, Париз веќе има проблем и со напуштените, скршени или оштетени тротинети. Ги наоѓаат фрлени по парковите, затоа што нивните корисници, кои во можеби во 90 отсто од случаите биле туристите, ако имаат незгода, не ги враќаат таму од каде што ги изнајмиле, туку едноставно се ослободувале од нив фрлајќи ги дури и во водите на Сена! Од овој месец, сметката за нивното прибирање, што го врши градската чистота, оди на трошок на корисниците.

Брисел, иако е далеку помал од Париз, има регистрирно над седум илјади тротинети, само за издавање и таму веќе, велат дека ги имаат истите проблеми како оние на францускиот главен град. Германија и Данска, пак, покај овие проблеми имаат уште и проблеми со пијани возачи на тротинети ! Само во текот на еден викенд во август, данската полиција уапсила 28 лица. Сите биле откриени дека возеле тротинет  под дејство на алкохол и на канабис.

Пијани на тротинет!

Оваа ситуација, со која велат дека, пред се, се соочува Копенхаген, е уште поизразита во соседна Германија.Во периодот од јуни, до почетокот на август годинава, во земјата се уапсени 418 тротинетџии, кои биле пијани. Податоците се добиени, откако пред 2,5 месеци во Германија е легализирано возењето тротинет. Според објаснувањето на германските власти тоа било направено само како мерка за намалување на загаденоста во големите градови, но сега велат дека полицијата ќе спроведува алко-тестови и при возењето тротинет, како што тоа се прави со возачите на автомобилоите.

Во сообраќјана несреќа, предизвикана од алкохолизирани возачи на тротинет, во Келн биле повредени четири лица, а во градот Ерфурт, дошло до тепачка на возачите на овие возила, по што четворица, завршиле во болница. Затоа градските власти во Минхен побараа забрана возење тротинет за време на „Октоберфест“ и празникот на пивото.

Сега врз ЕУ се врши притисок да се определат посебни прописи за возењето тротинет. Оние кои заговараат вакво решение, сметаат дека треба да се преиспита и тврдењето дека овие мали возила, навистина, придонесуваат за подобрување квалитетот на воздухот и на човековата средина.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе