Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград од сега агитира за Трамп

AndreyVandyshev/BigStock.com & palinchak/BigStock.com

Белград од сега агитира за Трамп

На безмалку 1,5 година пред одржувањето на претседателските избори во САД, официјален Белград навести дека се определува за актуелниот претседател Доналд Трамп и уште дека ќе агитира за негова победа над кандидатот на американската Демократска партија, кој и да биде определен!

Така е разбрана изјавата на српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, дадена за локалните медиуми во која тој навестува дека ќе ја организирал српската емиграција во САД, во ноември идната година, да гласаат за Трамп. Според него, српската емиграција броела 650 илјади луѓе и дека таа еднаш, веќе гласала за актуелниот американски претседател на претходните избори, во 2016 година, кога противкандидат беше Хилари Клинтон.

„Организирани и обединети“

“Доколку добро се организираме и се обединиме (во таа операција за помагање и поддршка за повторниот избор на Трамп) Србија ќе може да обезбеди подобра позиција кај идната администрација“ – рекол српскиот министер во изјавата што ја пренесуваат белградските медиуми. И сето ова го оправдува со однесувањето на албанската емиграција во САД која, како што тврдел Дачиќ, исто така се организирала за гласањето на американските избори, определувајќи се за еден тамошен сенатор за кој српскиот министер тврди дека „редовно ги застапувал албанските интереси“.

Медиуми на власта кои во Белград се во големо мнозинство, на ваквата изјава и имаат дадено широк публицитет, но помалубројните независни медиуми реагираа со неодобрување на ваквото определување на Србија за изборите во една странска земја, па нека е тоа и Америка.

Прво, затоа што ниту една држава, преку својот шеф на дипломатијата, јавно не застанува зад еден од кандидатите за претседател на САД, а уште помалку, уште од сега отворено да навива за Трамп, барајќи од својата тамошна дијаспора да се определи за кандидатот на Републиканците. Второ, дури и да имаат Албанците свој лобист во американскиот Сенат, што со тамошните закони не е забрането, не се случило албанскиот министер за надворешни работи јавно да ја повика својата дијаспора да гласа како што тоа од Тирана ќе и биде сугерирано. И трето, лобистот (како што го квалификуваат во Белград) не ги застапува специјално интересите на косовските Албанци.

Карпентер – тоа е мешање во изборите на САД

Изјавата на Дачиќ, затоа, и дома и во Вашингтон се разбира само како доказ за неговата опседнатост со косовските, или воопшто со Албанците, откривајќи го на тој начин своето вистинско лице, но преку тоа и лицето на државата, за која извршува висока државничка функција.

Од САД реагирал поранешниот висок функционер во Пентагон, задолжен за Русија и за Балканот, Мајкл Карпентер, кој оценил дека со изјавата, Дачиќ најавил дека има намера да се меша во американските избори, догодина, на есен. Според Карпентер, српскиот министер има направено грешка затоа што “прашањето за европскиот пат на Србија, треба да биде прашање за кое се согласни и двете американски партии“.

Во Белград е познато дека српскиот министер не може да одмоли и дека неговото мора да биде последно, па во посебни изјави по реакцијата на Карпентер, продолжувал да се пресметува со демократите во САД, тврдејќи дека Србија “немала поголеми непријатели од Бил Клинтон и Медлин Олбрајт (поранешен државен секретар на САД), како и дека американските демократи во времето на “династијата Клинтон“ биле добро почувствувани во Србија, во 1999 година (додека на власт се уште беше режимот на Слободан Милошевиќ).

Демократи и републиканци

А, пресметката со демократите на САД Дачиќ ја завршува со тврдењето за еден белградски весник дека „Албанците ги сакале Клинтонови“ (Хилари во тоа време беше само сопруга на претседателот), веројатно, верувајќи дека сите американски Албанци се само продемократи, а притоа, заборавајќи дека тие гласаат и за републиканците. Како инаку да се објасни што токму претседателот Џорџ Буш, инаку републиканец ја посети Албанија, каде беше извонредно топло пречекан и поздравен.

Со критики до српскиот министер се огласи и американскиот експерт за Балканот, Даниел Сервер кој оценил дека “не е паметна одлука“ да се навива, па уште и да се агитира за еден од двајцата претседателски кандидати.

Сервер за српските медиуми објаснил дека било кој од демократите да биде избран за претседател, по изјавите на Дачиќ (за демократите непријатели), би требало државата Србија да ја смета како американски непријател. “Грешка е да се изразува сојуз со една, или со друга американска партија, зашто во САД секогаш доаѓа до смена на власта- никој не може повеќе од два мандати да биде претседател“ – порачал Сервер.

Косово останува независно

Но, српскиот министер тера по свое, па критиките ги означува како “смешни“ и ги уверува сите – и јавноста во Србија и неговите критичари во Вашингтон, дека додека Клинтонови ја зацементирале позицијата за независно Косово, администрацијата на Доналд Трамп заговарала “разговори за иднината на Косово“.

Ваквата елаборација на нивниот министер, во Белград се прима со потсмев. Кога во Вашингтон зборуваат за преговори меѓу Белград и Приштина, тие не се повикуваат на Резолуцијата на ОН 1244, како што тоа го прави Москва, туку тргнуваат од тоа дека Косово е независно и дека така ќе остане. САД, впрочем, од почетокот таму имаат свој амбасадор, па никој не верува дека со преговорите за кои се залагаат и САД и ЕУ, Косово одново ќе стане српска покраина.

Во секој случај, американската поддршка на преговарањето, кое инаку од порано се одвива под капата на ЕУ, советникот за национална безбедност на САД Џон Болтон, лани лето, само ја дополни со тоа што остави можност САД да го прифатат и она што Белград сега го нуди како свое решение за да ја признае косовската независност, а тоа е спогодба за разграничување на косовските Срби и Албанци – но доколку двете страни се спогодат за тоа.

(Б.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе