Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Белград го меша Скопје во своите игри

Proxima Studio/BigStock.com

Белград го меша Скопје во своите игри

Еден од лидерите на српската опозиција Драган Ѓилас соопшти дека ги тужи провладините медиуми во Белград и оние кои се поврзани со владејачката Српска напредна странка (СНС) на тамошниот претседател Александар Вучиќ, затоа што го обвиниле дека е наводно замешан во аферата “Рекет“ во Македонија.

Ѓилас е дел од опозицискиот Сојуз за Србија и често е на удар на медиумите какви се белградските политички таблоиди Курир, Инсајдер, Ало, Информер, или омилената ТВ станица на власта Пинк, кои измислуваат „афери“ прикажувајќи го него, како и другите од опозицијата (Вук Јеремиќ и Бошко Обрадовиќ) дека се “криминалци“ кои “не прават ништо за Србија“ а со единствена цел да бидат дисквалификувани пред српската јавност и тамошните гласачи.

Во служба на власта

„Нема да демантирам ништо, туку ги тужам, затоа што обвинувањата против мене за „Рекет“ во Македонија се обична глупост и чиста будалштина“ – има изјавено Ѓилас во Белград.

Овие медиуми за кои во Белград се тврди дека само и служат на власта за пресметка со неистомислениците и со опозицијата, исто така се опишуваат и дека се “продолжена рака“ на српската тајна служба и на нејзината подземна активност, објавиле дека Ѓилас, Јеремиќ и Обрадовиќ “примиле неколку стотини илјади евра од рекетот на скопјанецот Бојан Јовановски“.

Овој и уште еден се уапсени во Скопје во јули годинава, затоа што барале и добиле 1,5 милиони евра од обвинетиот за криминал македонски милијардер Јордан Камчев (Орце) за да биде пуштен од притвор.

Во аферата која ја покрена македонската националистичка опозиција, инаку блиска до српската СНС и до целата оваа медиумска структура во Белград, од времето на пријателството на Вучиќ со избеганиот осуденик – екс премиер Груевски, српски “Курир“ ја заплеткува и македонската влада, а посебно премиерот Зоран Заев, тврдејќи дека Ѓилас и другите двајца примале пари (од рекетот) преку Зоран Башановиќ, инаку советник на премиерот.

„Шумови“ во односите

Македонското јавно обвинителство веднаш реагирало со демант, објаснувајќи дека на мобилните телефони на сите осомничени (сега меѓу нив е и бившиот шеф на Специјалното јавно обвинителство К. Јанева) не е најдено ниту едно име на некој српски политичар.

Тоа, меѓутоа, не е доволно за да се прекине дисквалификацијата на српската опозиција која седум месеци организира протести низ Србија, како и да не се “казнува“ актуелната влада во Скопје, а пред се, нејзиниот премиер. Прво, затоа што има за советник човек кого не го сака српскиот претседател (тоа тој еднаш јавно го порача од Белград), потоа, затоа што не игра како што тоа му одговара на српскиот државен врв (меѓу другото и за Косово) и затоа што и Ѓилас, а и Јеремиќ пролетва, годинава, престојуваа во Скопје.

Вучиќ кој присуствуваше на инаугурацијата на новиот македонски претседател Стево Пендаровски, во мај годинава, за српските медиуми тогаш рече дека “има некакви шумови“ во односите меѓу Белград и Скопје, без да објасни за што навистина станува збор.

Веднаш потоа, Пендаровски беше остро нападнат од еден српски министер (Александар Вулин) затоа што остро се спротивставува на цртањето нова граница на Косово и на српско-албанското разграничување,, како дел од можниот договор на Белград и Приштина, за признавање на косовската независност.

Дисквалификации против Заев

Пред тоа, медиумите кои се дел од пропагандната машина на македонската националистичка опозиција, врзана за тајните служби во поблиското и подалечното соседство, со помош на разузнавачки “експерти“ од белградските таблоиди го обвинуваа премиерот на Македонија дека “подготвува пуч против Србија“(!?).

Подоцна еден од лидерите на српскиот национализам (Дрецун) пак за тоа медиумско друштво, тврдеше дека во Македонија “има создадено силен шпионски центар“ (на неколку странски служби) кои дејствувале против српските интереси.

Независни безбедносни експерти објаснуваат дека сето ова е само дел од дејствувањето на српското, унгарското и руското разузнавање во реонот на Западен Балкан и посебно во Македонија, силно разгрането по падот на режимот на избеганиот поранешен македонски премиер осуден за криминал кој сега се крие во Будимпешта.

Тој во Скопје се сомничи дека бил главниот покренувач на обидот за пуч во април 2017 година, за да се спречи промена на власта со една прозападна, продемократска и реформска влада, што очигледно, не и одговара на Србија, како и на оние кои ја подржуваат во таа политика.

Тоа го навестија од Специјалното обвинителство (СЈО) кое трагаше не само по оние кои се обидоа да ги убијат Заев и Села, по упадот на толпата насилници во Парламентот во Скопје, туку и по оние кои го замислија таквото сценарио и кои го покренаа дивеењето во парламентарниот дом.

Но, тогаш се создаде “случај“ за да се дисквалификуваат СЈО и неговата главна обвинителка која сега се товари дека се опарила од валканите пари на милијардерот Камчев кој со својат ортак (братучедот на избеганиот екс премиер), велат, ја поседуваат безмалку половина Македонија.

Непредвидено и како непријатно за ова заговорничко друштво е тоа што ЕУ и САД и натаму инсистираат на постоењето на СЈО (сега со нов главен обвинител), на потрагата по сите вмешани во настаните од 27 април 2017 година и што инсистираат дека прислушуваните разговори, направени по налог на поранешниот режим, остануваат доказ и случај што треба да се испита до крајот.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе