“Нема обединета Европа без Западен Балкан“
„Европа ќе биде обединета кога целиот Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ“
…изјави неодамна германскиот канцелар Ангела Меркел, покажувајќи ја уште еднаш нејзината и германската определеност за обединета Европа, а посебно за заокружување на процесот на проширувањето на Унијата кон последното парче од континентот што остана по страна од европските интеграциски процеси.
Изјавата беше дадена во Унгарија, во пограничното место Шопран, за време на одбележувањето на 30 годишнината од т.н. „Паневропски пикник“ – еден симболичен настан од времето кога на европскиот континент паѓаа “завесите“ и кога, конечно, завршуваше “студената војна“.
„Пикник во Шопран“
Станува збор за идејата, во август 1989 година, на самата австриско-унгарска граница да се организира пикник (погранична средба), како израз на европското единство, на тој начин што делегации од министерствата за надворешни работи од двете земји, меѓу кои и шефовите на дипломатиите Алојз Мок и Ѓула Хорн и граѓани, да преминат од едната во другата држава, што тогаш, практично значеше, минување од Истокот на Западот и обратно.
„Пикникот“ во Шопран, меѓутоа, се претвори во нешто друго – во можност првите шестотини Источногерманци кои веќе беа на унгарска територија, каде пребегаа од тогашната Источна Германија, да преминат на австриска територија, на Западот, што беше сигнал за вистинскиот егзодус на државјаните од оваа земја – советски сателит – да се префрлаат “на другата страна“ во тоа време на се уште поделена Европа.
Тоа кулминираше со падот на Берлинскиот ѕид во ноември таа година, со паѓање на „Железната завеса“ со која беше поделен европскиот континент, со обединувањето на двете Германии, една година подоцна и со приближувањето на дотогашниот комунистички, советски Исток кон Западот.
Меркел за „заокружување на ЕУ“
Меркел во малиот унгарски град, сместен на крајниот Запад од оваа земја и самата пред 30 години, членка на советскиот комунистички блок и на Варшавскиот пакт, им изразила благодарност на тогашните унгарски граничари што не реагирале и не го попречувале минувањето (бегството) на Источногерманците во Австрија.
Но во тој момент и на тоа место, германскиот канцелар има почувствувано дека она што се случуваше пред три децении и што политички и стратешки во 2004, 2007 и 2013 година се заокружи со приемот на сите источноевропски, комунистички држави (заедно со двете екс ЈУ републики – Словенија, па Хрватска) во членство на ЕУ, се уште не е комплетирано. Европа, како што рекла таа, не е комплетно обединета.
„Европското единство (започнато со „пикникот“ кај Шопран) нема да се заокружи додека Западен Балкан не се приклучи кон ЕУ“- рекла Меркел, додавајќи дека “доколку се погледне картата (на Европа) и работите се посматраат геостратешки, се гледа дека Обединета Европа ќе биде вистински обединета само државите од Западен Балкан“.
Шестмината западнобалканци
Тоа се само уште шест земји (сметајќи го и Косово). Прво, Црна Гора и Србија кои веќе го имаат отворен процесот на пристапните преговори со ЕУ, за полноправно членство, иако до таму се дотуркани од различни причини, бидејќи се уште немаат исполнето низа од условите на кои Брисел инсистира, пред да почне таквиот процес.
Во регионот се и Република Северна Македонија, која и натаму се третира на “стенд-бај“ измислувајќи предуслови кои ги нема, затоа што во тој случај би требало двете први земји (Црна Гора и Србија) да се вратат назад, како и Албанија.
Остануваат уште БиХ, која продолжува да “лета во место“ опседната со внатрешните национализми на Србите, Муслиманите и Хрватите и со мешањето на Белград и Загреб кои намерно ги блокираат сите амбиции на оваа поранешна ЈУ република да го прескокне Балканот на патот кон Европа, и на крајот е и Косово.
Во случајот со оваа поранешна југословенска покраина која 11,5 години е независна држава, работите остануваат неизвесни – прво, околу тоа кога конечно ќе може да се затвори косовското прашање, а Србија да излезе како некаков “победник“ а второ, за какво решение ќе испазарат Белград и Москва, која целосно стои зад српската позиција, затоа што преку Косово, го оправдува своето мешање во балканските состојби.
Токму тука, како некаква колатерална штета се наоѓаат Македонија и нејзините евро-атлантски амбиции. Додека процесот за влез во НАТО може да се смета за завршен и со ратификацијата на договорот за прием од уште неколку земји, тој ќе стане и официјализиран, давањето (само датум) за отворање на преговарачкиот процес за влез во ЕУ, се претвора во вистинска битка за Македонија, во која учествуваат низа непријатели и противници.
Обиди да се собори премиерот Заев
Сите тие имаат различни амбиции за себе и служат за разни каузи и потреби, но она што ги сврзува и ги поврзува тоа е целта да се дестабилизира од внатре Македонија, да се дискредитираат нејзините европски напори, при што на удар е проевропската и прозападна влада во Скопје и над се, да се дисквалификува, па ако може и да се смени актуелниот премиер Зоран Заев.
Излезе дека тој со својата определеност да ја дотера Македонија до Европа, нагази на валканото политичко подземје, откривајќи ги антимакедонските и антиевропските игри на домашната националистичка опозиција.
Веќе е видливо дека таа отворено се промовира себе си како дел од ултрадесничарската „црна алијанса“, служејќи им на странски интереси кои немаат ништо заедничко со европската иднина на Македонија.
Едноставно, домашната опозиција се интересира само за да се дограби до власта, за да може да го продолжи криминалното водење на државата, што го прекина токму Заев, откривајќи ги прислушуваните разговори со кои, по налог на претходниот режим, беа прислушувани над 25 илјади граѓани и преку нив, соборувајќи ја 11 годишната авторитарна власт на сега осудениот и пребегнат екс премиер.
Во тоа друштво, како сојузници на домашните лажни патриоти се вклучени и некои делови од европската ултрадесница кои за свои потреби војуваат со Брисел и со ваквата ЕУ, настојувајќи да ја растурат, или за почеток да ја разединат од внатре.
Разузнавачко подземје
Она што и се прави на Македонија, добро доаѓа за нивната кауза, па тие ги помагаат македонските опозиционери, публикувајќи ги нивните кодошки материјали, што домашните националисти ги произведуваат преку својата мрежа „информатори“ сместени во државната администрација, која владата на Заев (за прв пат) не ја исчисти од опозициските (вмровските) кадри, настојувајќи да се започне процес на департизација на администрацијата, потоа од оние сместени во судството, како и во медиумите, од рекет-новинарите.
Во сојузништво со ваквото друштво се разузнавачкото подземје и тајните служби од најблиското и подалечното соседство, заедно со една голема сила, кои сложно, подолго време фабрикуваат лажни вести и дезинформации во скопските медиуми, финансирани и поддржувани од овие служби, создавајќи атмосфера на дефитизам и потиштеност, на наводна безидејност (што домашните сеирџии го квалификуваат како неспособност) на власта и на клима на целосен застој, а практично свесно блокирајќи ја актуелната влада, секогаш кога ќе тргне во реализација на својата европска, реформска програма – каде корумпираното и партизирано судство од страна на претходниот режим, е прво на удар.
Тоа остава впечаток, кај домашните гласачи, но и во Европа дека Македонија и не заслужува да оди напред кон својата цел и покрај се она што е направено во изминатите 27 месеци со оваа сегашна влада. А, очигледно е дека токму тоа е целта на “шареното друштво“ – да се спречи Македонија да добие датум за почеток на преговорите до октомври, како што тоа беше определено на Самитот на ЕУ во јуни.
„Агресија“ врз Македонија
Во регионот во тоа предничи официјален Белград кој се меша во македонските состојби, користејќи го сега целосниот застој во косовскиот процес, за да ја блокира целата европска активност во регионот. Работата е – да не се случи некој друг, не чекајќи ја Србија да ги надмине своите средновековни трауми околу Косово, за да ја прифати новата балканска реалност, позабрзано да тргне по европската патека.
Како во случајот на Македонија, која нема проблеми со ниту еден свој сосед и по тоа е единствена во регионот, а не и е проблем и брзо да го затвори поглавјето за заедничката европска политика, што за Белград ќе биде најтешко, додека продолжува да седи на две столчиња.
Затоа Македонија е цел на дејствување на разузнавачкото подземје од соседството, кое заедно со унгарското и руското, прават се за да спречат во Скопје да „избрзаат“ и со ЕУ, кога веќе тоа го направија со НАТО, откако ја налутија Москва со тоа што беше сменет од власта нивниот експонент, кому му беше помогнато да избега, пред да оди во затворската ќелија, па сега живее како азилант во Будимпешта.
Меѓутоа, колку Брисел и да се труди да не дозволи казнување на Македонија, туку нејзино наградување за целиот реформски и проевропски процес, игри се играат и во самата ЕУ.
Несогласување Исток-Запад во ЕУ
„Црната алијанса“ настојува еден ултрадесничар и популист, каков што е Матео Салвини, да го истурка до премиерската функција во Италија.
Во Унгарија, Виктор Орбан продолжува со својата националистичка политика, па во обраќањето во Шопран, тој тврди дека тоа што го направиле унгарските граничари пред 30 години, не е во контрадикција со она што го прави тој откако избувна бегалската криза пред 4 години. Според него, блокирањето на бегалците од Блискиот Исток претставувало “зачувување на европскиот мир и безбедност“.
Но, така не мисли никој од Западот на ЕУ, па Унијата за прв пат се соочува со судирот со “браќата од Истокот” како што беа нарекувани источноевропејците при нивното интегрирање во ЕУ.
Таквото несогласување, не само за имигрантите, туку и околу раширениот национализам и непочитувањето на европските правила, кога станува збор за независноста на судството, слободата на медиумите и односот кон малцинските групи, ги прави некои на Западот да бидат максимално резервирани околу проширувањето со нови членки од балканскиот (за нив, втор источен) табор.
А, во тоа друштво ја ставаат и Македонија, па измислуваат причина- прво да се средат внатрешните состојби, па после да се тргне во нов процес на ширење на ЕУ, без разлика на успесите на една Македонија.
Датум само за Македонија?
Пораката на Ангела Меркел, затоа, овој пат е упатена кон тие на Западот (Франција и Холандија, пред се) кои на проширувањето на Унијата гледаат како на “непопуларна работа“ со која не треба да се брза. За разлика од нив, германскиот канцелар покажува дека останува силно определена за тој процес на кој во Берлин се гледа и како на безбедносно прашање за Унијата и за Европа.
Зашто, додека Париз настојува да изгради позиција за да го потврди, па дури и да го засили својот рејтинг на лидер на ЕУ, сега кога Меркел се подготвува за повлекување, Британија за заминување, а целата Унија делува како неединствено друштво, Кина, а посебно Русија, се подлабоко “копаат“ низ Западен Балкан, создавајќи кризи, или продлабочувајќи ги постојните- користејќи ги притоа домашните антиевропски партии и политичари.
Некои западни аналитичари сметаат дека тоа неединство може и да се прошири, токму околу Западен Балкан и дури посебно околу Македонија. Според нивното мислење, официјален Париз сега бил подготвен да ја прифати Македонија како земја која ќе почне да преговара со ЕУ за полноправно членство, но е против тоа и Албанија да го добие истиот статус.
Овие извори велат дека така мисли и Холандија, како и уште некои други западни земји-членки, па дури и соседна Грција, сега со новата десноцентристичка влада во Атина.
Сервис – Скопје/Глобал