Затвор за украден песок од Сардинија!
Една француска брачна двојка се соочува со затвор, затоа што се обвинети дека краделе песок од Сардинија. Доколку бидат осудени тие ризикуваат затворска казна до шест години.
Французите при обидот да ја напуштат Италија, биле фатени со четириесетина килограми сардиниски песок, сместен во 14 пластични шишиња од газирани сокови. Пред полицијата се бранеле дека ништо лошо немаат направено и дека наполнетите шишиња со песок, според нив се само “сувенир“ од овој италијански остров што сакале да го однесат дома, во нивната куќа во Тулуз.
Но за Сардинијците песокот од тамошните плажи претставува јавно добро, па земањето и на една ваква “мала количина“ го третираат како кражба и кривично дело. Од минатата година, во сила е закон со кој со затвор се казнува секое недозволено земање песок од островот, како и мали округли, бели каменчиња што ги има по плажите, што исто така се популарни кај странските туристи.
Италијанскиот Парламент има донесено еден ваков закон под притисок на луѓето на Сардинија кои со години на ред се жалеле дека туристите кои доаѓаат во посета, или на летување, им го крадат нивниот бел песок. Гневот на жителите на островот бил уште поголем, откако се разбрало дека некои “туристи“ од крадењето на песокот, како за спомен од летувањето на Сардинија, практично, прават бизнис – продавајќи го сардинискиот песок.
Не се знае како ќе поминат француските туристи, но според италијанските медиуми, во најдобар случај, ќе бидат казнети парично – со три илјади евра, што не е мала казна за 14 пластични шишиња со песок.
Војводата од Јорк ја признава грешката
Вториот син на британската кралица Елизабета, принцот Ендрју, војвода од Јорк, призна дека “многу погрешил“ што се среќавал со американскиот бизнисмен и милијардер Џефри Епстајн, во текот на 2010 година, откако Американецот беше пуштен од затвор, осуден за сексуално насилство врз многу млади девојки и малолетнички.
Принцот, меѓутоа, инсистира дека “ниту било кога забележал, ниту пак било кога се посомневал дека кај американскиот милијардер, може да се случуваат вакви криминални однесувања“.
Епстајн (66) се самоуби во својата затворска ќелија во добро обезбедуваниот затвор во Њујорк, каде беше затворен откако одново беше обвинет за сексуално насилство, но и за трговија со малолетнички за сексуално задоволување.
Американецот се дружел со британскиот принц, а за тоа постојат и две фотографии- едната од 2010 година, како двајцата се шетаат низ њујоршкиот Централ Парк, а другата, која е посимптоматична, на која Ендрју е снимен со една млада девојка, во некоја од резиденциите на Епстајн, Фотографијата од прошетката низ паркот е направена веднаш по пуштањето од затвор на Американецот, каде тој ја има издржано казната по обвинувањето од неколку жени за сексуално насилство.
Принцот кој е брат на британскиот престолонаследник Чарлс, сега тврди дека сака да ги разјасни фактите околу поранешните врски и познанството, со сега веќе починатиот американски милијардер. „Додека се познававме, се имаме сретнато два-три пати годишно”- рекол војводата од Јорк за лондонските медиуми, признавајќи дека престојувал во некоја од резиденциите на Џефри Епстајн.
Никаде и во ниту еден случај се немам соочено, ниту пак имам видено ситуација за која тој беше обвинуван и осуден
…инсистира британскиот принц Ендрју.
Елтон Џон ги брани Хари и Меган
Британскиот музичар и поп ѕвезда Елтон Џон, ги нападна лондонските таблоиди обвинувајќи ги дека без основа имаат покрената нова кампања со обвинувања против младиот британски принц Хари и неговата сопруга, Американката Меган Маркл.
Хари се обвинува за наводна „хипокризија“ затоа што со сопругата, ова лето, на два пати, патувал со приватен млазен авион, во исто време кога има покренато кампања за заштита на планетата од глобалното загревање и од емисијата на штетните гасови.
За тоа принцот, кој е помладиот син од бракот на британскиот престолонаследник Чарлс и покојната принцеза Дијана, во мега интервју за угледното списание “Вог“ зборува многу за оваа тема, повикувајќи на итни мерки за заштита на планетата и за спречување на климатските промени кои веќе се случуваат.
Малите млазни авиони кои најчесто се во приватна сопственост, важат за поголеми загадувачи и за нив се плаќа дополнителна еко такса.
Елтон Џон кој е близок пријател со младата кралска брачна двојка, а беше пријател и со трагично загинатата Дијана, во критиките кон пишувањето на таблоидите вели дека млазниот авион е негова сопственост, дека Хари и Меган биле негови гости и дека биле на одмор во вилата на музичарот која се наоѓа во Јужна Франција. Елтон Џон уште вели дека тој ја платил и еко таксата за користењето на приватниот авион.
Новите напади на лондонските таблоиди кон Хари и кон неговата сопруга претставуваат и своевидна “вратка“ од овие весници за крајно невообичаената критика на младиот принц, инаку шестиот во редот на претендентите за британскиот престол, на “прикриениот и притаен “ расизам во британското општество.
Изјавата беше дадена за „Вог“ чиј септемвриски број го уреди како гостин-уредник Меган Маркл. Во Лондон на изјавата се гледаше и како на “налутен одговор“ на принцот за односот на таблоидите и на дел од јавноста кон сопругата која е со мешовито расно потекло.