Самобендисаноста на Матео Салвини
Италијанскиот ултра-десничар, националист и популист Матео Салвини, лидер на партијата Лига, сакаше среде лето, во август, кога во Италија речиси сите се на одмор, да предизвика политичка криза, да ја собори владата во која коалицираше и во која беше заменик премиер и министер за внатрешни работи и да изнуди предвремени парламентарни избори.
Успеа само делумно во тој план. Предизвика политичка криза во невреме, но не успеа да ја собори и владата.
Неговиот план не успеа благодарејќи на вештиот маневар на дотогаш маргинализираниот премиер Џузепе Конте и на политичката умешност на претседателот Серџо Матарела, кој користејќи ги овластувањата што ги нуди италијанскиот Устав, не дозволи Италија да западне во уште подлабока криза.
Договор Ди Мајо и Цингарети
Пред да се гласа за недоверба на владата, за што Салвини имаше обезбедено мнозинство, со поддршката на некои помали десничарски и профашистички партии и партијата Форца Италија, на поранешниот премиер Силвио Берлускони, со кого Салвини има правено политички сојузи додека неговата партија се викаше Лига Норд и заговараше отцепување на Северот на Италија, премиерот Конте поднесе оставка.
На тој начин, се растури и дотогашната владина коалиција. Претседателот Матарела ја прифати оставката и веднаш почна консултации за нов мандатар и за нова коалиција, од партиите кои се во Парламентот.
Салвини во секој случај, отпадна од играта, па како главни играчи за разрешување на кризата се појавија, дотогаш идеолошки силно спротивставените, Движење Пет Ѕвезди, што го предводи Луиџи ди Мајо и Демократската партија (ПД) на Никола Цингарети, иако и двете се дел од италијанскиот лев политички блок.
Доколку тие не постигнеа договор ќе мораше да се оди на нови избори, но и Де Мајо (кој досега беше вториот вицепремиер) и Цингарети, чија партија беше во опозиција, се спогодија многу побрзо од очекуваното. Се покажа дека основното прашање било кој да биде премиер- Пет Ѕвезди инсистирале тоа да биде Конте, не прифаќајќи ја можноста од враќање на бившиот премиер Матео Ренци, кои се реактивира во политиката, што демократите го прифатиле.
Конте како нов премиер
Конте ја прифати понудата од двете партии, а Матарела му понуди да состави нова влада, која по именувањето на новиот министерски состав ќе треба да биде изгласана во двата дома на италијанскиот Парламент.
„Државата се наоѓа во една сложена ситуација и ние мораме што побрзо да излеземе од сегашната политичка неизвесност создадена со предизвиканата владина криза“ – рекол мандатарот Конте.
Тој не е припаѓа на ниту една партија. Конте е професор по право и настапува како независен политичар, иако за себе има речено дека е наклонет кон левицата.
Движењето Пет Ѕвезди кое е исто така популистичко, но идеолошки е левичарско, соопшти дека и покрај политичката спротивставеност со Демократската партија, брзо бил постигнат компромис за да се спречи подлабока криза во државата. Лидерот на ПД, Цингарети изјавил дека “во ова тешко време не смее да се дозволи избегнување на одговорноста“.
Салвини, пак, од досегашниот “главен играч“ на италијанската политичка сцена, како стојат работите, сега ќе треба да се соочи со тоа да биде лидер на опозицијата.
„Пукање во колено“
Ваквиот развој на работите, што се случи брзо, неверојатно лесно и без потреси, што е реткост за италијанските политички прилики, силно го разбесни самобендисаниот и препотентно, самоуверен Салвини кој веќе се гледаше себе си како новиот премиер на Италија. Италијанските аналитичари велат дека тој е опседнат со тоа да биде премиер и водач на Италија и да стане фактор во Европа, која тој верува дека може да ја преуредува според крајно десничарскиот модел, како што тоа го има замислено неговата “црна алијанса“.
Но, беше исфрлен од власта, откако тој самиот се обиде да ја собори.
Сега тврди дека станува збор за политичко решение кое е „зготвено“ во кабинетот на претседателот на државата, а сите актери ги дисквалификува во “минијатурни маргиналци“ кои народот не ги сака. Своите симпатизери кои останаа шокирани од тоа како нивниот лидер остана и без функција и без власт, само затоа што самиот си “пукаше во коленото“, ги уверува дека бил “жртва на политичка сплетка“ и најавува голем протест во Рим, на 19 октомври.
Како и да е, многу е веројатно дека ќе биде во опозициските клупи се до 2022 година, кога треба да се одржат следните редовни парламентарни избори.
Дотогаш може да се случи и некој од неговата партија да постави прашање за неговата доверба како лидер, затоа што не само што погрешно ја изигра целата игра што им ја подметна на другите, туку и погрешно пресмета како ќе се развиваат работите.
Кампања во стилот на „дуче“
За разлика од него, двете спротивставени партии кои тој ги нарекува “минијатурни креатури“ ја ставија Италија и нејзината стабилност и иднина, пред партиските интереси и идеолошките разлики.
Конте уште од порано остро го има обвинето Салвини дека создава криза во земјата само поради своите лични амбиции, како и дека е опседнат со бегалците кои потоа ги користи за соборање политички поени.
Целата негова 14 месечна активност, додека траеше владата, беше насочена на продавање популизам во италијанската јавност и на неговата наводна грижа за народот, што инаку е вообичаена политичка парола на сите оние во политиката, со намера да владеат авторитарно.
Целото ова лето Салвини го има поминато низ Италија, шетајќи разголен по плажите на Сицилија, што неверојатно потсетуваше на времето на кампањите на Бенито Мусолини кои градејќи го ликот на “дуче“ (водач) кој е со народот и е дел од него, се има шетано по плажите на тогашна Италија, дружејќи се со капачите, или пак, по полињата низ Италија, жнеејќи заедно со селаните.
Сето тоа требаше да биде добро пресметан политички маркетинг за да се изведе “ударот“ против владата на Конте, кого во изминатите 14 месеци заедничко работење не го третираше онака како што налагаше неговата функција. Салвини беше тој што зборуваше за работи на владата кои одеа подалеку од неговата министерска функција, па затоа беше постојано во јавноста на Италија и Европа, како да е в.д премиер.
Во името на владата и на државата токму тој водеше расправии со ЕУ и со земјите во Унијата околу бегалците и другите европски работи, што особено ги засили во неделите пред европските избори.
„Копање“ по Западен Балкан
Салвини не криеше дека работи и низ Европа за победа на “црната десничарска и националистичка алијанса“ и за креирање на една поинаква ЕУ во која ултрашите десничари ќе го имаат главниот збор.
За финансирањето на Лига и на таквата кампања, неговата партија се има пазарено за примање и на руски пари, на таен и нелегален начин, игнорирајќи ги санкции против Русија, поради анексијата на Крим и интервенцијата во источна Украина и не согласувајќи се тие и натаму да бидат во сила.
Салвини се има и фотографирано со маички со ликот на Владимир Путин.
Неговите медиуми работат на дестабилизирање на Западен Балкан, а посебно се активно вклучени во дестабилизацијата на Македонија, вршејќи ја валканата и во основа антимакедонска работа на антиевропските, антизападните и русофилски десничари од Македонија, сместени во националистичката опозициска партија.
Не е јасно како и зошто тој се среќаваше и со српскиот претседател Вучиќ, кому му има ветувано поддршка во членството во ЕУ, што делува смешно, кога се знае дека овој италијански десничарски политичар настојува да ја растури Унијата во која (наводно) Србија настојува да се приклучи.
Прашање е дали со својата летна популистичка кампања Матео Салвини имаше намера, во стилот на дамнешниот италијански водач кои има втрчано во Рим со тогашните “црни кошулаши“, и овој сегашниот лидер на Лига да “дотрча” на лидерската и премиерката функција во Италија, како некаков нов “дуче“.
Мислеше дека со добиените 34 отсто од гласовите на Италијанците од антиимигрантскиот блок на европските избори, може да ја собори владата, да предизвика избори и да победи за нив.
Меѓутоа, излезе дека погрешно се има пресметано. Дури и сето тоа така да излезеше и на евентуалните парламентарни избори, ќе му требаше да прави коалиција и да се пазари за својата амбиција – да биде лидер на Италија.
Сервис-Скопје/Глобал