Поврзете се со нас

Skopje Global

seaonweb/BigStock.com

Може ли Кина воено да интервенира во Хонг Конг

Безмалку четири месеци трае политичката криза во Хонг Конг, а цели 14 недели се одржуваат продемократски протести на студентите, учениците и на жителите на оваа територија со посебна, автономна власт, сместена на кинеската почва. Ваквиот статус на поранешната британска колонија, е уреден со посебен договор меѓу Лондон и Пекинг, во 1997 година, врз основата на специјалниот модел – една земја, два система.

Не е прв пат, демократските сили во Хонг Конг да се незадоволни од степенот на демократијата и од кинеското мешање во работите на територијата, но овој пат кризата што се создаде е отидена најдалеку, а ситуацијата никако не се подобрува. Дури постојат и стравувања дека за ставање на ред и враќање на мирот, би можела да интервенира и армијата на Кина.

Официјален Пекинг, преку изјави на тамошни високи функционери и на коментарите на државните медиуми на неколкупати досега предупредуваа дека кризата предолго трае, дека трпението (кај кинеските власти) е при крајот, предупредувајќи ги демонстрантите, а пред се, организаторите на демонстрациите дека…

„оние кои си играат со оган, самите ќе изгорат од него“

Барање “вистинска демократија“

Заканите и испраќањето на кинеската армија на кинеско-хонгконшката граница уследија откако демонстрантите на неколкупати успеаја да ги надмудрат полициските сили и да го блокираат центарот на овој 7,5 милионски град, како и да го блокираат виталниот и фреквентен аеродром и финансискиот центар.

Уследи остра реакција на локалната полиција која ги уапси водачите на протестите, наводно, затоа што демонстрациите не биле одобрени и со употреба на прекумерна сила ги растера насобраните луѓе.

Но и покрај тоа протестите продолжуваат, а најново е дека студентите и учениците се определија за бојкот на наставата и велат (ако затреба) и на блокада на образовните институции.

Повеќе месечната криза избувна со обидот на властите во Хонг Конг да протуркаат во локалниот Парламент закон со кој би била можна екстрадиција на хонгконшки жители во НР Кина, за да таму им се суди.

Силниот продемократски и антикинески блок на територијата кој и онака тврди дека Пекинг се повеќе ја приграбува контролата врз Хонг Конг и ја задушува неговата автономија, како и локалната опозиција, ваквиот предлог-закон го оценија како нов пример за непочитување на локалниот Устав и на договорот од пред 42 години. Избувнаа масовни демонстрации на кои се собираа и по над милион демонстранти, со барање предложениот закон да се повлече, обвинувајќи го Пекинг дека законот е наметнат од кинеската влада.

По силниот јавен притисок и бројните протести, локалните власти го “тргнаа законот“ но демонстрантите бараат тој да биде формално повлечен.

Досега, лидерот на локалната власт Кари Лам, која фактички е премиер на оваа територија, уверуваше дека “законот е мртов“ што очигледно не може да ја смири ситуацијата.

Очигледно е дека продемократските сили, всушност, одново, како и многупати досега, бараат “вистинска демократија“ а тоа значи, немешање на Кина во внатрешните работи на Хонг Конг.

Двајца господари

Како сега стојат работите, ваквото барање тешко дека ќе може да се исполни, затоа што властите на Хонг Конг, немаат сила тоа да го направат, дури и да сакаат, а владата во Пекинг не ни помислува на повлекување од она што го има постигнато и за што демократските сили тврдат дека е надвор од договорот од пред четири децении и од Уставот на територијата.

Кризата дури може и да се интензивира, откако беше објавен тонскиот запис од излагањето на Лам пред хонгконшкиот бизнис форум.

Според снимката, Лам рекла дека доколку имала можност да избира (сама да одлучува) веднаш би се повлекла од функцијата, што ќе рече дека таа не се повлекува затоа што (Пекинг) тоа не и го дозволува. Таа веднаш потоа демантираше дека воопшто размислувала за оставка, а уште помалку да ја предаде на кинеските власти, но од нејзиното излагање се разбира дека на бизнисмените таа им признала оти може малку да направи за смирување на кризата “затоа што има двајца господари- централната влада во Пекинг и луѓето на Хонг Конг“.

Кари Лам уверува дека кинеската влада нема ставено краен рок до кога кризата на оваа територија треба да се разреши.

Сепак, и натаму останува без одговор прашањето за тоа дали армијата на НР Кина би можела воено да интервенира во Хонг Конг за да се стави ред и за да се врати мирот, како што тоа сигурно би го направила доколку сето ова се случуваше во некоја од кинеските провинции.

Пет илјади кинески војници

Основниот закон (Уставот) на Хонг Конг има предвидено ситуации кога кинеската армија би можела да ја премине границата. Тоа е доколку НР Кина прогласи општа воена состојба, или вонредна состојба на целата територија, или доколку избувна војна во Хонг Конг. Интервенцијата би била можна и на барање на властите во Хонг Конг, за одржување на јавниот ред, или за олеснување на состојбите после некоја катастрофа.

Локалните и азиските независни аналитичари оценуваат дека во сегашниве услови и за сегашнава ситуација, кинеската воена интервенција е незамислива.

Прво затоа што тоа би значело драматична промена на структурниот и на економскиот амбиент, а последиците од тоа би биле далекусежни, зашто ќе значат разнишување на довербата во системот – една земја, два система- модел врз кој егзистира Хонг Конг кој доколку би се случила кинеска интервенција- тешко би можел да се поправи или ревитализира.

Кинеската армија сега е присутна на оваа територија со околу пет илјади војници, што се смета само како симболична манифестација на кинескиот суверенитет врз Хонг Конг. Овие војници досега не се замешаа во работите на полицијата околу справувањето на полицијата со демонстрантите, иако на 31 јули претставник на овој кинески гарнизон се огласи со остро соопштение против протестите и со предупредување дека тоа не може да се толерира во недоглед.

Официјален Пекинг кој сигурно го одобрил ваквото соопштение, од порано ги потсетува луѓето во Хонг Конг дека постои можност и од директна кинеска интервенција за смирување на ситуацијата.

Пекинг го плаши Хонг Конг

Се верува дека станува збор за психолошки притисок врз локалната јавност и за заплашување, за да отапи отпорот и за да запрат протестите, иако канцеларијата на НР Кина на територијата инсистира дека верува во хонгконшката полиција и во нејзината способност да не дозволи ескалација на целата ситуација.

Освен тоа, аналитичарите се на мислење дека евентуалното интервенирање со сили од страна на Кина, би било удар врз престижот на Пекинг во меѓународната јавност, но и дека навлегувањето на кинеската армија би предизвикала уште посилен отпор, што би значело ризик за кинеската држава и самата да се заглави во кризата.

Меѓутоа, секогаш кога Пекинг ќе се замеша во работите во Хонг Конг, или ќе се обидува да им покажува на тамошните луѓе дека има право да го прави тоа, доаѓа до криза, до протести и до силно незадоволство. Кога во 2017 година, хонгконшкиот Парламент (или официјално Законодавниот совет) одлучи да биде поблиску до Пекинг, избувнаа протести.

Парламентот не го прифати револтот на луѓето и изгласа закон со кој кандидатите за трката за изборната трка за “премиер“ на територијата, претходно да бидат одобрени од едно посебно тело кое важи за мошне блиско до властите во Кина.

Со овој закон, победникот на изборите мора да биде прифатен од Пекинг и тој дури потоа ги избира локалните “министри“. Сегашната “премиерка“ Кари Лам е избрана токму на овој начин, според овој контроверзен закон, па се верува дека сите проблеми во територијата влечат корени од тогаш. Кога Лам се обиде да го протурка и законот за екстрадиција, се соочи со кризата од која не знае како да се извлече.

Инвестициска изолација?

Кинеската влада и самата игра погрешно со ситуацијата во Хонг Конг. Таа можеше да побара од Лам да се повлече, но тогаш и јавно ќе признаеше дека директно е замешана во кризата со сите поранешни и сегашни потези на локалните власти, а Кина (засега) тоа не го сака, знаејќи за силниот гнев на локалните продемократски сили, на локалната опозиција и на голем дел од јавноста.

Особено што оставката на Лам, на барање од Пекинг ќе значеше кинеско попуштање, а тоа таму значи пораз пред демонстрантите, што за тамошните политички прилики е целосно неприфатливо.

Затоа, наместо употреба на армиските сили, се проценува дека Пекинг подготвува друго решение за кршење на отпорот на хонгконшките демократски сили, а тоа е планот за уште позабрзан економски развој и инвестирање во градовите блиску до Хонг Конг, пред се во Шензин, како и во Шангај кој веќе бележат економски просперитет по 1997 година.

Економски експерти предупредуваат дека доколку Хонг Конг продолжи да му се спротивставува на Пекинг и на тамошната авторитарна власт, кинеската влада би можела да ги пренасочува инвестициите и трговијата, наместо на територијата, во градовите во НР Кина.

Тоа практично би значело замрзнување на хонгконшката економија и на неговиот развој, па тогаш и сегашната автономија би го загубила значењето што сега го има, а Хонг Конг би станал уште позависен од НР Кина и нејзината влада.

(Х.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе