Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

САД -Нема влез за корумпираниот Драгнеа

САД -Нема влез за корумпираниот Драгнеа

Американскиот Стејт департмент соопшти дека лидерот на романската Социјалдемократска партија (СПД) Ливиу Драгнеа, како и неговите две деца не може да влезат и да престојуваат на територијата на САД. Во објаснувањето за ваквата одлука се вели дека таа е донесена откако Врховниот суд на Романија ја потврдил пресудата за Драгнеа кој е осуден за корупција.

На соопштението во врска со забраната за контроверзниот романски политичар, меѓутоа, Американците му даваат подлабоко значење и толкување, прикажувајќи го и како став на официјален Вашингтон кон општата борба против корупцијата и на заложбата за почитување на правото и правната држава.

„Испраќаме силна порака за тоа дека САД се цврсто определени  за остра борба со корупцијата и даваме поддршка за владеењето на правото во Романија“ – се вели меѓу другото во соопштението на Стејт департментот.

Порака со пошироко значење

Се верува дека таа силна порака не е упатена само кон Романија и кон Романците, затоа што таа би можела да се однесува и на други земји од Источна Европа, од Балканот и од Западниот Балкан, каде корупцијата и посебно корупцијата меѓу политичарите, против која се војува, сепак, се уште тешко се става под контрола. Некои политички аналитичари и правни експерти на Западот, каде исто така имало и има примери на корупција, сметаат дека е политички неписмено да се инсистира целиот овој простор, а посебно делот каде е и Македонија, да се претвори во она што се една Швајцарија, или Норвешка, пред да им се даде „виза“ за приклучување кон она што се нарекува западен свет.

Тоа, пак, не значи дека работите треба да се остават онакви какви што се, без менување и без трансформирање на таквите општества и државите каде корупцијата тешко се искоренува.

САД, затоа, преку соопштението на својот Стејт департмент и користејќи го случајот со романскиот политичар Драгнеа многу јасно праќаат порака порачуваат дека се „ определени да го блокираат влезот на нивната територија на било кој странски политичар и функционер кои се вмешани во дела на корупција, како и на најблиските членови на нивните семејства“.

Криминална група

Случајот на Ливиу Драгнеа ги надмина романските граници и стана пример за состојбите во некои држави од источноевропскиот простор, без разлика што повеќето се веќе дел од Европската унија. Овој политичар кој беше и спикер на Долниот дом на романскиот Парламент, а сега е во затвор, беше осуден затоа што на две сопартијки уредил да им се исплаќа додаток за нивните деца, прикажувајќи дека тие работат во државната администрација, што не било точно, затоа што тие работеле во партијата. Осуден е на 3,5 години затвор. Во мај годинава казната му беше потврдена.

Драгнеа (56) претходно е осуден и за местење на гласање при избори. Таа пресуда го попречи да биде премиер на земјата, иако неговата партија победи на последните избори. Тој не побегна од земјата и остана да тврди дека не е виновен за она за што се обвинува. Но , според романските медиуми, за него се тврди и дека има создадено криминална група која требало да извлекува пари, во кеш, од европските развојни фондови, наменети за крупни државни проекти.

Романската СПД се најде во судир со Европската комисија ( како Унгарија и Полска) затоа што започна „ реформа“ на судскиот систем што од странски експерти и од Комисијата во Брисел беа оценети како спротивни на правилата на ЕУ, затоа што , во основа, би ја задушувале слободата и независноста  на правосудството. Под притисок на домашната јавност и на ЕУ, владата во Букурешт одлучи да ги повлече таквите „ реформи“.

Романските аналитичари и тамошната опозиција тврдат дека актуелниот премиер Виорика Данчила само ја предводи владата, со која инаку од позадина управува Драгнеа, барем додека беше на слобода.

(Б.Р.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе