Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Нема седење на две столчиња

1STunningArt/BigStock.com

Нема седење на две столчиња

Сосема е извесно дека земјите од Западен Балкан се последните од Европа кои ќе станат дел од ЕУ. Германскиот канцелар Ангела Меркел, бранејќи го својот ентузијазам за заокружување на процесот на проширувањето, одново порача дека и геостратешки, а и доколку се погледне картата на Стариот континент, не може да се зборува за Обединета Европа, без западнобалканските држави.

Станува збор за последните четири поранешни југословенски републики (Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ), потоа за Албанија, како и за поранешната југословенска покраина Косово, која од 2008 година е независна држава.

Меѓутоа, нивната сегашна позиција на патеката која ги води кон влегувањето и кон полноправното членството во Унијата не е еднаква. Формално гледано, Србија и Црна Гора се пред сите другите.

Од 2014 година, овие две земји го имаат започнат процесот на преговорите, со отворање на поглавјата, вкупно 35, што секоја земја кандидат треба да ги исполни, пред да може да се најде во ЕУ. И двете екс ЈУ републики беа (преку ред) наградени со започнување на преговорите, откако Србија се определи да го затвори косовското прашање, со признавање на новата балканска реалност, со Косово како независна држава, додека Црна Гора, затоа што направи целосен пресврт во својата стратешка политика, свртувајќи се кон Западот и кон евроатланските асоцијации.

Свртување на Црна Гора

Црна Гора во меѓувреме, стана и членка на НАТО, практично, истиснувајќи ја Русија од Јадранот, кога Москва мислеше дека преку оваа мала држава, конечно, ќе ги задоволи своите историски претензии, а во отворањето на поглавјата за ЕУ, на почетокот, одеше побрзо и далеку поамбициозно од Србија. Работите таму сега се забавени, иако едно време Европа истакнуваше дека државата е предводник на европеизацијата во регионот.

Белград, пак, “заглави“ со работите околу Косово, играјќи на национал-патриотска карта кога тоа му требаше за внатрешно-политички потреби, наоѓајќи притоа “партнер“ во тврдите, косовски националистички сили, но впечаток е, дека и самиот не брзаше, а и сега не брза со исполнување на барањата од секое отворено поглавје и со поинтензивното чекорење по европската патека. Мисли дека доволно е тоа што прифати да признае дека Косово не е нејзина територија.

Српската страна, освен тоа, се сврте кон Русија како свој партнер, поддржувач и заштитник кога станува збор за косовското прашање. Едно мислење е дека актуелната власт била притисната за да прифати вакво партнерство, додека друго, смета дека изборот бил направен поради домашните состојби во српската политика, па сега Србија и да сака, не може да се ослободи од руската прегратка – барем додека од косовското прашање не се офајди и Москва.

Косовските Албанци, пак, сето ова го користат за да целосно се приврзат кон Западот, кон ЕУ и кон САД, барајќи и очекувајќи преку нив да го добијат посакуваното целосно признавање, со примање на новата држава во меѓународните организации.

Косово како изговор

Во секој случај, за официјален Белград, косовскиот чвор стана фин изговор за забавеното чекорење на државата кон прокламираната европска ориентација. А, на тој пат, засега, има минимален напредок. Повеќе месечната внатрешна, политичка криза, остриот судир со домашната опозиција, постојаните протести во Белград и низ српските градови во кои опозициските партии најавуваат и дека нема да учествуваат на (веројатно) редовните парламентарни избори, ја прават европската перспектива на земјата, прилично матна, барем за во едно догледно време.

Србија има отворено десетина поглавја, но ниту едно не е затворено. Во исто време, домашната опозиција остро ја обвинува власта за гушење на медиумските слободи, за ставање на правосудство под контрола на владејачката партија, за неспроведување на европските реформи за кои би требало и да преговара преку отворените поглавја, за маргинализација и за “сатанизација“ на опозицијата, за непотизам и корупција.

Според тоа, Косово кое чека меѓународна афирмација и се уште е под специјален надзор на меѓународната заедница, како и БиХ која и четврт век по завршувањето на војната, не може да се ослободи од гласањето врз национална основа, од национализмот на трите етнички заедници и од блокадата на Република Српска, која за тоа ја има силната поддршка на Белград, спротивставувајќи се на европските интеграции на државата, која важи за најнефункционалната во Европа, остануваат далеку од европската патека, на која немаат ниту зачекорено.

Македонија на европската патека

Но, на таа патека е Македонија, особено во последниве две години, со новата, проевропска влада. Земјата која има кандидатски статус пред сите другите во регионот, уште додека Црна Гора беше дел од една друга држава, а Косово немаше независност, 25 години беше “заглавена“ со спорот околу името “Македонија” со соседна Грција, која ги блокираше европските амбиции на земјата.

Конечно, тој проблем е елиминиран со договорот од Преспа, а тргнати се и пречките што ги навестуваше и Софија, со договорот меѓу двете соседни држави, по што Македонија стана единствената во регионот која нема проблеми со ниту еден од соседите.

Затоа, со реформскиот процес што е отворен изминатите две години, иако постојано блокиран од домашната, националистичка и антиевропска опозиција, која продолжува со своите кадри, инсталирани во јавниот и правниот сектор од режимот на избеганиот екс премиер-осуденик, да ги држи земјата и нејзините луѓе заробеници на еден недемократски, криминален режим, владата во Скопје, сепак, со право очекува добивање датум за преговори за членство.

Тука, како шестиот претендент од регионот е и Албанија, која е во НАТО и има кандидатски статус за ЕУ. Но, и таа има проблеми со опозицијата која настојува по секоја цена да предизвика криза во државата, во моментите кога Тирана чека датум за преговори со Брисел, притисната од неколку членки на ЕУ кои обвинуваат дека успесите во некои реформски сектори и несомнениот економски раст, се потиснати од и понатаму моќниот организиран криминал кој би можел (барем засега) да ги дисквалификува албанските европски амбиции.

Како и да е, Република Северна Македонија останува силен кандидат, многу скоро да им се приклучи на Србија и Црна Гора во преговарачкиот процес за членство во ЕУ. Особено што неа не може да и се приговори дека седи на две столчиња – едното западното, на ЕУ и значи европско определување, а другото источното, кое е на Москва и значи отстапување од европската патека и е практично, контра европските амбиции.

Русија и Кина

Брисел и Европската комисија, но и безбедносни и стратешки експерти од САД, уште од порано укажуваат на заканата од политичкиот и воениот наплив на Русија во регионот на Западен Балкан, со дестабилизирање на некои од државите и со попречување на нивните евроатлански амбиции, за задоволуваше на стратешките интереси на Москва. Токму Македонија и Црна Гора, се директно погодени од таа и таква стратегија.

Меѓутоа, предупредувањата често пати се однесуваат и на Кина и на нејзиното навлегување на целиот Балкан. Официјален Пекинг настапува поинаку и попретпазливо од Москва, низ инвестирањето на големи проекти, преку доделувањето државни кредити. Но кинескиот настап не е комерцијален, зад него стојат државата и кинеските стратешки интереси и многу често низ коруптивни договори, направени со политичарите на државите каде навлегува кинескиот државен капитал.

Деновиве од Европската комисија предупредува на потребата од многу поголема внимателност на земјите од Западен Балкан, но и другите, кога се определуваат да примат кинески инвестиции, инсистирајќи да се користат и други извори на средства и други инвеститори. Кога станува збор, пак, за Русија, нејзиниот процент на инвестирање е речиси минимален, како што е низок и процентот на трговијата што регионот го има со Русија. Тоа најдобро се гледа низ примерот на Србија, која е далеку најмногу врзана за Москва.

Главен трговски партнер на српската економија и натаму е ЕУ со размена од 26 милијарди евра во 2018 година, или дека на српската трговија со Русија отпаѓа само десет отсто, наспроти дури 63 отсто на Европската Унија.

„Жолт картон“ за Белград

Но, Русија (преку Србија) е навлезена во регионот, а политички и безбедносно целосно во српската политика. Белград ја прогласи Москва за свој стратешки партнер и огласи дека нема да има решение за Косово, без за тоа да не се консултира Русија и од таму да се добие согласност. Тоа во српската политика се означува како пример за “неврзаноста и неутралноста“ на државата, се порачува дека Србија “никогаш нема да биде дел од НАТО“, на што инаку (за целиот регион) остро се спротивставува Москва, а официјален Белград постојано ги уверува Брисел и големите членки во Унијата дека земјата останува на европската патека.

Од САД уште пред една година беше порачано дека Србија не ќе може долго да седи на “две столчиња“ и ќе мора да се определи на која страна ќе тргне. Ветеранот на посткомунистичката српска политика Вук Драшковиќ се согласува дека “патот за Брисел не може да оди преку Москва“, но токму од таму стигна веста дека Србија на 25 октомври ќе потпише договор за трговија со Евроазиската економска унија (!?).

Станува збор за унија од неколку поранешни советски републики, предводени од Русија, создадена за да се одвраќаат земјите како што се Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и другите, да не се приклучуваат, или економски да не се врзуваат за Западот и за ЕУ.

“Предност мора да има ЕУ“

На последниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, за прв пат јавно, беше критикувана ваквата одлука на Белград. Пораката на министрите беше дека земја- кандидат за членство, како Србија, мора да се придржува во својата политика кон нејзините европски партнери и кога станува збор за трговијата.

Шефот на дипломатијата на Словачка, Мирослав Лајчак кој е силен поддржувач на српскиот европски пат рекол…

„Ако сте сериозно определени за ЕУ, тогаш треба да се носат политички одлуки кои ја носат земјата поблиску до Унијата. А, ова решение на Белград, не е такво“.

Општиот заклучок на министрите бил дека секоја држава има право да носи сопствени економски и трговски одлуки, но предност, секогаш, мора да и се даде на ЕУ кон која земјите сакаат да се приклучат.

Кабинетот на Федерика Могерини, појаснува дека Белград може да потпишува трговски договори со кого сака, пред да се приклучи кон ЕУ. Но, секоја земја, а во случајов Србија, ќе мора да се повлече од сите свои билатерални договори за слободна трговија, на денот кога ќе се приклучи на ЕУ. Државите кои преговараат за членство тоа го знаат, зашто тоа е дел од преговарачкиот процес и од преговорите за влез во Унијата.

Могерни, меѓутоа, ја прекорува и ЕУ поради својата (сеуште) неодлучна политика кон Западен Балкан, а посебно кон давањето датум за старт на преговорите со Македонија и Албанија. „Едноставно, Унијата не ги одржува своите ветувања “ – има речено италијанската политичарка која заминува од својата функција во ЕУ, предупредувајќи дека секој неуспех (сега за тоа да се определи почеток на преговорите), значи дестабилизација и ги декуражира европските процеси во регионот, каде до пред 20 години и се војуваше.

Сервис – Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе