Неуспех на Обединета Русија во Москва
Партијата Обединета Русија, на претседателот Владимир Путин доживеа неуспех на локалните избори во Москва. Во изборите за нов Совет на Москва (Мосгордума) оваа партија загуби дури една третина од гласовите што ги имаше досега.
Во Советот на рускиот главен град кој брои 45 членови, Обединета Русија, сепак, и натаму го задржа мнозинството кое сега е сведено на 26 членови. Во досегашниот состав, партијата на Путин имаше апсолутно мнозинство.
Откако претходно, руските власти дисквалификуваа цела низа опозициски политичари и партии кои се пријавија за овие избори, едноставно, не дозволувајќи им да се кандидираат, празнината до загубените советнички места кои досега ги имаа путиновите советници, сега ќе бидат пополнети од партиите и од кандидатите кои имаа дозвола да учествуваат на локалните избори.
Тоа се пред се комунистите, за кои се очекува да освојат 13 до 14 советнички места, потоа партијата Јаблоко која најверојатно ќе биде трета, како и некои помали партии и независни кандидати. Како и да е, власта не треба да стравува за составот на Советот, затоа што комунистите и онака се блиски до партијата Обединета Русија, па се очекува така да дејствуваат и во московскиот градски совет.
Излезноста на изборите во рускиот главен град од 12,5 милиони жители, била само 22 отсто.
Независни аналитичари проценуваат дека локалните избори ќе го натераат Кремљ да се размисли врз изборните резултати. Прво, поради исклучително ниската излезност на гласачите, што може да се разбере како тивок бојкот, а потоа и самиот резултат, кој го одразува падот на популарноста на владејачката партија и на нејзиниот лидер, рускиот претседател Путин. Според руските истражувања тој има пад на неговиот личен рејтингот за околу една третина.
На ниво на Русија и, во сите 16 провинции, владејачката партија ги задржа своите позиции и нејзините кандидати секаде добија најмногу гласови.
Партијата Обединета Русија е создадена во 2001 година, за да ја подржи првата претседателска кампања на Путин.
Неуспехот на партијата во Москва, доаѓа по протестите на крајот на јули и почетокот на август, кога полицијата брутално се пресметуваше со демонстрантите.
Тие протестираа поради забраната на опозицијата да учествува на локалните избори. Безмалку илјада лица беа уапсени, а некои деновиве беа осудени на затворски казни од 3 до 4 години. Властите тврдеа дека полициската интервенција била неопходна, затоа што протестите претходно не биле одобрени.