Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Амбасадорот ги вика Полјаците да се вратат дома

Alena.K/Bigstock.com

Амбасадорот ги вика Полјаците да се вратат дома

Полскиот амбасадор во Лондон, Аркади Ржегоцки, ги повика полските државјани кои работат и живеат во Велика Британија да се вратат дома, во Полска, бидејќи е сосема извесно дека државата во која сега се населени многу скоро ќе ја напушти ЕУ. Тој уште им порача во секој случај добро да размислат за тоа што ќе прават после Брегзит.

Во јавно писмо упатено до околу 800 илјади Полјаци кои во моментов се смета дека живеат на британска територија, амбасадорот ги уверува своите земјаци дека Полска (после 15 години членство во ЕУ) е сосема поинаква држава, со значително подобар животен стандард. Според Ржегоцки, полската држава сега нуди многу добри можности и услови за враќање на иселениците, додавајќи дека имигрантите во Британија треба добро да размислат – дали да си обезбедат (нов) статус во државата што се повлекува од Унијата, или  да се вратат дома.

Државјаните на ЕУ со нов статус во Британија

Необичната јавна порака од шефот на полската дипломатска мисија во Лондон доаѓа откако амбасадата дошла до сознанија дека мал број Полјаци аплицирале за новиот статус што ќе мора да го обезбедуваат во Британија, како земја вон ЕУ. Само 27 отсто од околу 800 илјади Полјаци, колку што сега живеат и работат на британска територија, се пријавиле за жителство во земјата, наместо сегашниот статус -државјани на ЕУ – што им обезбедуваше слободен пристап до работа и социјална помош, односно еднаков третман како Британците.

Од пораката на амбасадорот излегува дека полската дипломатија стравува од можноста нивните државјани во Британија да се најдат во ситуација да ја загубат можноста да останат во земјата, особено поради се уште присутната антиевропска атмосфера каква што одржува владата на премиерот Борис Џонсон, составена од тврди брегзитери и анти-ЕУ министри, чија цел (барем засега) е напуштање на Унијата без договор со Брисел.

Британските политичари уверуваат дека нема да има протерување на европските државјани, но имигрантската контрола сигурно ќе биде силно засилена, по 31 октонври, за кога е најавено (конечното) излегување на Британија од ЕУ. Медиумите во Лондон, повремено,  јавуваат дека некој небританец бил протеран од земјата, ако се открие дека нема регулиран статус, дури и кога станува збор за оние кои не се влезени во Британија за да заработат, или за да ги користат нејзините социјални привилегии.

Полска со најмногу пари од ЕУ

По влегувањето на Полска во Унијата, во мај 2004 година, од оваа земја која тогаш имаше невработеност од околу 2о отсто и беше во својата завршна фаза на посткомунистичката транзиција, огромен бран од Полјаци побегнаа кон Западот и кон економски најразвиените држави во ЕУ- за работа, но и за трајно населување. Во Британија, каде тогашната влада на премиерот Тони Блер не очекуваше прилив поголем од неколку десетици илјади, во кус период, влегоа дури околу 1,5 милиони луѓе! Британските евроскептици кои од тогаш дигнаа глава, уште во тоа време тврдеа дека таа бројка можеби е и двојно поголема.

Во меѓувреме, со помош на богатите европски фондови и странскиот капитал кој забрзано влегуваше во Полска, земјата брзо се развиваше, зголемувајќи го личниот и општествениот стандард на населението. Од пред десетина година, Полјаците кои се населија во Британија, носејќи ги со себе и своите семејства, почнаа да се враќаат назад во Полска, каде и сега се живее поевтино отколку во Британија, а тоа сепак е на висок европски стандард.

Од земјите кои во 2004 влегоа во ЕУ, Полска има примено далеку најмногу европски пари, дури 135 милијарди евра за 15 години, па повикот на амбасадорот Аркади Ржегоцки и неговата констатација дека денешна Полска, не е истата држава која тие ја напуштаа пред 15 години, без намера да се вратат во неа, не е без основа. Откако Британците ќе си заминат од Унијата, Полска ќе биде петата економија во Европската унија.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе