Maорите против Џејмс Кук
Реплика на бродот на прославениот британски капетан Џејмс Кук нема да може да вплови во пристаништето на новозеландското рибарско село Мангонуи, откако на тоа остро се спротивставиле локалните Маори, потомци на домородните- староседелци во Нов Зеланд.
Бродот е дел од флотилата која патува околу светот и идниот месец требаше да застане и во ова село на Северниот остров на државата, за да се одбележи 250 годишнината од првата средба на копно, меѓу Маорите и Новозеланѓаните од европско потекло, која се случила на преминот меѓу 1769 и 1770 година.
Одлуката за откажување на посетата на бродот на Кук ја донесе Министерството за култура и културно наследство во Велингтон, по протестите и приговорот на лидерите на маорската заедница во Мангонуи . Старешината на племето Нгати Каху изјавил за весникот „ Њу Зиланд Хералд“ дека инцидентот е последица на тоа што Министерството не ја информирало маорската заедница, а ниту била консултирана околу доаѓањето на бродот- реплика од времето на капетанот Кук, во ова, инаку, историски значајно рибарско село.
Но, старешината во разговорот за весникот не зборувал само за бирократскиот пропуст на министерството, туку и за минатото, инсистирајќи дека британскиот истражувач бил „варварин“, затоа што „ зад секоја империјална експанзија имало убивање, одведување на луге, силување и многу други лоши случувања“. Според маорскиот старешина, тие кои пристигнале, не дошле за да се сретнат ( со домородците), туку да извршат инвазија врз оваа територија, да покорат.
„А, освен тоа, Џејмс Кук и никогаш не бил во Мангонуи “- тврди маорскиот старешина кој, сепак, успеа да го попречи впловувањето на бродот во локалното пристаниште.
Министерството за култура, меѓутоа, објаснува дека одлуката да се посети ова село не е поради Џејмс Кук, ниту тоа дали британскиот истражувач бил таму, туку затоа што ова, сега питорескно рибарско село, било дом на Хектор Базби, прославен морски навигатор и градител. Токму тој почнал да ги гради традиционалните кануи на домородците, по што се препознаваат и Маорите и Нов Зеланд.