Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тајван тоне во изолација

Tom Wang/BigStock.com

Тајван тоне во изолација

Тајван, или како е неговото официјално име, Република Кина, се повеќе тоне во меѓународна изолација, откако за само седум денови, две мали пацифички островски држави – Соломонските Острови и Кирибати, ги прекинаа дипломатските односи со владата во Тајпеј и воспоставија односи со Пекинг, признавајќи ја НР Кина како единствената кинеска држава.

Сега само 15 земји во светот го прифаќаат и го признаваат Тајван како посебна и суверена држава. Станува збор за земји од Латинска Америка и од реонот на Пацификот.

Единствената држава во Европа што го признава Тајван е Ватикан.

Долар дипломатија

Владата во Пекинг, меѓутоа, го смета Тајван за дел од Кина и постојано навестува дека Островот ќе се присоедини кон кинеската територија на азискиот континент.

Во реакцијата на тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву, по одлуката на двете пацифички држави да го повлечат своето признавањето, изјавил дека сето тоа е последица на “долар дипломатијата“ која ја применува официјален Пекинг во настојувањето целосно да го тргне Тајван од меѓународната политичка сцена и да ја уништи тајванската сувереност.

Според Ву, кинеската влада им нуди пари и неповратна помош на малите пацифички држави за да ги раскинат односите со властите во Тајпеј.

Обично за да набават фериботи, мали бродови или авиони. Тајванскиот министер открива дека претседателот на Кирибати, претходно, побарал од Тајпеј да му даде пари за да неговата земја набави неколку авиони за комерцијални летови.

Но, кога владата во Тајпеј го одбила ваквото барање и наместо тоа понудила заеми под поволни услови, властите во Кирибати ги раскинале односите со Тајван, за сметка на воспоставување односи со НР Кина.

Една земја – два система

Откако пред 4,5 години, претседател на Тајван е Цаи Инг-вен, првата жена шеф на државата, седум земји го повлекоа признавањето на тајванската посебност и сувереност.

Таа и нејзината партија се приврзаници за независност на Тајван, со промена и на името на државата – од Република Кина, во Тајван. Нејзиниот претходник, од партијата Куоминтанг, меѓутоа, заговара поблиски односи со Пекинг, верувајќи дека само на тој начин би можела да се одржи тајванската сувереност и посебност.

Во изминатите неколку години имаше и најави дека Тајван би можел да прогласи независност, но работите не отидоа подалеку во таа насока, по острата и заканувачка реакција на кинеската влада во Пекинг дека доколку биде потребно, Кина и воено ќе интервенира, за да го врати Островот кон земјата-матица.

Она што Пекинг сега го заговара тоа е решението- една земја- два система, налик на формулата за Хонг Конг, без разлика што таа формула, таму не функционира баш најдобро, поради упорното настојување на кинеската влада да ја има командата врз хонгконшката територија.

Без формално отцепување од Кина

Тајван е фактички посебна и суверена држава уште од 1949 година, по завршувањето на граѓанската војна во Кина и победата на комунистите, предводени од Мао Це Тунг. Поразените националисти од партијата Куоминтанг, на антикомунистичкиот политичар Чанг Кај Шек, побегнаа на Тајван (едно време островот го има користено и името Формоза) и создадоа посебна држава.

Долго време, САД, Западот и поголемиот дел од светот, освен Советскиот Сојуз и земјите од неговиот комунистички блок, го признаваа само Тајван (Република Кина) за кинеска држава, која имаше и свое место во ОН.

Сето тоа се измени, откако американскиот претседател Ричард Никсон не направи пресврт во својата политика кон Пекинг, признавајќи ја НР Кина, која веднаш потоа доби свое место во ОН, на местото што дотогаш го имаше Тајван.

Иако со сувереност од 70 години, Тајван никогаш досега формално не се има отцепено од Кина, ниту има прогласено независност.

На островот, со големина од 36 илјади квадратни км. живеат 24 милиони луѓе кои зборуваат кинески (мандарински), јазик што го зборуваат најголемиот број од Кинезите.

Главни религии се таоизмот и будизмот, но во Тајван има и многу христијани (католици). Просечниот животен век на Тајванците изнесува 76 години кај мажите и 82,7 кај жените.

Иако долги години во изолација, Тајван е една од најразвиените азиски економии, силна финансиски, која важи за врвен производител на компјутерска технологија. Дури 88 отсто од Тајванците се поврзани со интернет.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе